Надворешна политика
Шир: Канада го поддржува членството на Македонија во НАТО
Канада високо го цени учеството на македонските војници во меѓународните мировни мисии и дава перманентна поддршка за членство на Република Македонија во НАТО, истакна претседателот на Претставничкиот дом на Парламентот на Канада, Ендру Шир, во понеделник на средба со претседателот на македонското Собрание, Трајко Вељаноски.
На покана на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски денеска во официјална посета на Република Македонија престојува Ендру Шир, претседател на Претставничкиот дом на Парламентот на Канада.
На почетокот на средбата Вељаноски напоменал дека ваквите посети претставуваат потврда за блиските пријателски односи меѓу Република Македонија и Канада кои и во иднина ќе продолжат да се развиваат.
„Двајцата соговорници се согласија дека парламентарната соработка е успешна и бележи континуитет во размената на парламентарни делегации, преку директни контакти и средби помеѓу парламентарните групи за соработка кои ги има во двата парламенти се придонесува за дополнително развивање на меѓусебните односи“, соопштија од кабинетот на Вељаноски.
Претседателот на Собранието на средбата изразил благодарност за признавањето на уставното име на Република Македонија од страна на Канада во билатералната комуникација, како и силната и континуирана поддршка за нашите Евро-атлански интегративни процеси како најважен политички приоритет на Република Македонија.
На средбата соговорниците разговарале и за македонската заедница во Канада која претставува своевиден мост во вкупните билатерални, политички, економски и културни односи меѓу двете земји. Македонската заедница денеска е застапена скоро во сите општествени текови во животот во Канада, како политиката, економијата, науката и спортот.
Вељаноски ја нагласил потребата големи компании од Канада да инвестираат во Република Македонија со што ќе се зголеми економската соработка. Тој истакнал дека Република Македонија постојано работи на подобрување на условите за инвестирање во нашата земја. Претседателот на Претставничкиот дом на Парламентот на Канада, Ендру Шир изразил задоволство што Република Македонија е на добар пат и има стабилна економија и покрај големата економска криза и се согласи дека има простор за подобрување на ваквата соработка помеѓу двете земји. Тој нагласил дека Канада е отворена кон потпишување на трговски договори за соработка и дека со ратификацијата на договорот со Европската Унија ќе се зајакне присуството на Канада на европските пазари што ќе има позитивен ефект и врз Македонија.
На средбата, исто така, станало збор и за потребата од либерализација на канадскиот визен режим кон Македонија, а во прва фаза укинување на визите за дипломатски и службени пасоши.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во прва работна посета на Брисел на средби со генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Луксембург продолжува во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и високи претставници на Европската Унија.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, реформските процеси, како и активностите во рамките на НАТО, со посебен фокус на претстојниот аамит на алијансата, што ќе се одржи идниот месец во Вашингтон.
Посетата на Муцунски на Брисел на почетокот на мандатот како министер за надворешни работи и надворешна трговија е показател за цврстата определба на земјата за што побрзо членство во Европската Унија и посветениот придонес кон глобалниот мир и регионалната стабилност како кредибилна земја членка на НАТО.
Македонија
Муцунски се сретна со Вархељ: Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, во Луксембург.
Во фокусот на разговорите беа приоритетите и активностите на новата Влада, како и актуелностите поврзани со европското досие на земјата.
„Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, а во периодот што следува ќе преземеме низа активности во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес. Политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, но истовремено е и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на земјите од регионот, но и Европа како целина“, нагласи Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за планот за раст на ЕУ оценувајќи го како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка, но и доближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ и пред формалното членство.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.