Црна хроника
Прилепчани со лажни картички украле над два милиони денари
Петмина прилепчани и еден Бугарин изработувале лажни платежни картички и украле повеќе од два милиона денари, соопштуваат во четвртокот од МВР. Осомничените се уапсени во средата во полициската акција „Винкор“.
Осомничените од декември лани до јули годинава незаконски набавиле уреди за снимање банкарски податоци – скимери и украле банкарски податоци од вистински платежни картички .
Според досегашните докази, измамниците 19 пати ги монтирале скимер уредите на банкомати марка „Wincor“ на домашни банки лоцирани во Скопје, Прилеп, Неготино, Битола и Охрид и прибавиле податоци од 829 платежни картички и со тие податоци изработиле лажни картички.
Со нив извршиле 475 успешни нелегални трансакции во износ поголем од два милиона денари и 574 неуспешни во износ од над 2,6 милиони денари.
„Кога не можеле некоја трансакција да ја реализираат во земјава, пријавените лица со фалсификуваните платежни картички вршеле нелегални трансакции на банкомати и на продажни места во други земји од регионот, како Бугарија и Србија, но и во земји како Малезија, Перу. Регистрирани се и случаи кога податоците на украдените платежни картички од вистински носители на платежни картички ги продавале преку Интернет со коишто, пак, податоци биле вршени нелегални трансакции од страна на непознати лица“, велат од МВР.
Во среда во Прилеп извршени се шест претреси во домовите на осомничените и пронајдени се четири скимери, уред за изготвување фалсификувани кредитни картички, 55 фалсификувани платежни картички и друга опрема за правење и подготовка на скимери. Исто така, е пронајден еден лап топ компјутер кој е користен за подготовка на фалсификувани кредитни картички и два десктоп компјутера.
Во домот на еден од осомничените бил затекнати Бугаринот кој додека престојувал во земјава поставил два скимера на банкомати на домашни банки во Прилеп и неколкупати во други градови во Македонија.
Тој бил задолжен за испраќање на податоците преку интернет во други земји, заради нивна натамошна злоупотреба.
Тројца од пријавените македонски државјани веќе и’ се познати на полицијата, бидејќи и порано биле апсени за фалсификување на платежни картички./крај/мф/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Уапсен прилепчанец: ограбил манастир во Неготино
Вчера во 12:30 часот во Неготино, од страна на полициски службеници од ОВР Неготино од слобода е лишен 44-годишниот М.А. од Прилеп, по добиена пријава дека истиот ден околу 09 часот, со употреба на сила, одзел пари од манастирот „Св. Ѓорѓи“ во Неготино.
Веднаш по добиената пријава, преземени се соодветни мерки и активности и М.А. е лишен од слобода, а по документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Уапсен скопјанец, запленети 300 теписони и стази без документација
Вчера полициски службеници од Мобилната единица за компезаторни мерки при Одделот за гранични работи и миграции на подрачје на СВР Охрид, поточно на место викано Подмоље го лишија од слобода А.Ј (52) од Скопје.
Имено, откако било сопрено товарно возило „форд транзит” со скопски регистарски ознаки, управувано од А.Ј., при преглед на возилото во товарниот дел пронајдени се 300 теписони и стази, без соодветна документација.
Лицето е лишено од слобода, а возилото и стоката се одземени.
По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
фото: МВР
Црна хроника
Со возилото удрил во заштитна ограда а возел со 1,98 промили алкохол во крвта: уапсен кичевец
Вчера во 18:25 часот на магистралниот пат Охрид-Кичево, кај месноста „Копачка“, полициски службеници од ОВР Кичево го лишија од слобода О.М.(63) од Кичево.
Претходно, тој со патничко возило „пежо“ со кичевски регистарски ознаки, кое го управувал, излетал од патот и удрил во заштитна ограда, а при преземање мерки во врска со незгодата е констатирано дека е под дејство на алкохол, односно измерени му се 1,98 промили алкохол во крвта.
По целосно документирање на случаите против нив ќе бидат поднесени пријави по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“, информира МВР.

