Економија
Редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ

Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка ги разгледа клучните показатели за домашната економија и движењата на меѓународните и на домашните финансиски пазари, во контекст на поставеноста на монетарната политика.
По намалувањето на каматната стапка во јануари 2020 година, на оваа седница Комитетот оцени дека тековната монетарна поставеност е соодветна, при што беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се задржи на нивото од 2%. Исто така, беше одлучено понудата на благајнички записи за аукцијата што ќе се одржи денеска да се задржи на нивото од 25.000 милиони денари. Одлуката за непроменетост на монетарната поставеност се заснова на поволните движења во домашната економија, кои се во рамки на очекувањата, но при истовремено значително зголемување на ризиците и неизвесноста за глобалната економија, предизвикани од новата вирусна инфекција ковид -19.
Во однос на економската активност, објавените податоци за БДП за четвртиот квартал на 2019 година упатуваат на побрз раст на економијата од очекуваниот, но остварувањата за целата 2019 година се во линија со проектираната стапка во рамки на октомвриските проекции. Имено, проценетите официјални податоци за БДП за четвртото тримесечје од 2019 година покажуваат солиден економски раст од 3,4%, на годишна основа. Со тоа, реалниот раст на економијата во 2019 година достигна 3,6% (очекуван раст од 3,5%). Остварениот раст во 2019 година е поттикнат од домашната побарувачка, чиј двигател се бруто-инвестициите, а значаен позитивен придонес е забележан и од личната потрошувачка. Растот на компонентите на побарувачката и извозот придонесоа за раст и на увозот, со што нето-извозот има негативен придонес кон вкупниот економски раст. За првиот квартал на 2020 година, во услови на ограничен обем на расположливи податоци, тешко може да се даде попрецизна оцена за состојбата во економијата.
Во однос на инфлациските движења, во првите два месеца од 2020 година просечната годишна стапка на раст на потрошувачките цени изнесува 0,7%, што и натаму е пониско остварување во однос на октомвриската проекција. При поизразени надолни корекции во поглед на очекуваното идно движење кај увозните цени, тековно, ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за 2020 година од 1,5% се оценуваат како надолни. Неизвесноста околу очекуваното движење на светските цени на примарните производи во следниот период и натаму постои и е поизразена.
Остварувањата кај девизните резерви во 2019 година и првите два месеци од 2020 година се нешто подобри од очекувањата, при што нивото на девизните резерви и натаму се одржува во сигурна зона. Според расположливите показатели за надворешниот сектор, податоците за надворешнотрговската размена за јануари 2020 година укажуваат на остварен трговски дефицит кој е нешто понизок во однос на проектираниот за првиот квартал од годината. Податоците за менувачкиот пазар заклучно со февруари упатуваат на остварени нето-приливи од приватни трансфери кои се во линија со очекуваните за првото тримесечје на 2020 година. Остварувањата во билансот на плаќања за 2019 година посочуваат на повисок дефицит во тековната сметка во однос на октомвриската проекција (2,8% од БДП, наспроти проектираниот од 1,3% од БДП), но и значително подобра позиција на финансиската сметка (нето-приливи од 5,4 % од БДП, во споредба со проектираните 3,6% од БДП).
Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за февруари покажуваат натамошен годишен раст и на депозитите и на кредитите, при што остварувањата не упатуваат на поголеми отстапувања од проекцијата.
Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, ликвидноста на банкарскиот систем во домашна валута се задржа на релативно стабилно и високо ниво, што влијаеше за мала потреба кај банките за задолжување на меѓубанкарскиот пазар на необезбедени депозити. Во такви околности, банките и натаму вишокот денарски средства го насочуваа кон расположливите депозити кај Народната банка, коишто овозможуваат висока флексибилност и достапност на средствата за непречено кредитирање на домашните субјекти и други видови инвестиции.
На домашниот девизен пазар во февруари, банките за потребите на нивните клиенти реализираа поумерена нето-продажба на девизи споредено со првиот месец од годината. Главен придонес кон ова движење на девизниот пазар имаше сезонски пониската побарувачка за девизи од страна на корпоративниот сектор. Банките ја задоволија нето-побарувачката за девизи од страна на клиентите од девизните средства со коишто располагаат, а заради неутрализирање на краткорочните промени на девизната ликвидност во банкарскиот систем, Народната банка во два наврати продаде вкупно 5 мил. евра.
Во февруари, ширењето на коронавирусот надвор од Кина ја зголеми загриженоста на инвеститорите на меѓународните финансиски пазари околу негативните импликации врз глобалниот економски раст. Во такви услови, инвеститорите имаа поизразен интерес за вложувања во посигурни финансиски средства (злато и државни обврзници) чиишто цени бележеа пораст, при истовремен значителен пад на цените на акциите на светските берзи. Глобалната неизвесност и случувањата на финансиските пазари на почетокот на март наложија потреба за координирање на политиките на земјите членки на Г-7, коишто преку телеконференција изразија подготвеност да ги искористат сите расположливи инструменти со цел постигнување силен и одржлив економски раст. Непосредно по овој настан, Централната банка на САД – ФЕД на вонреден состанок реагираше со значително намалување на целното ниво на референтната каматна стапка, а последните неколку денови сè позасилени се очекувањата на пазарните учесници и за дополнителни измени во истата насока од страна на оваа централна банка. Неизвесноста околу идните мерки на развиените економии, како и големата променливост на меѓународните финансиски пазари којашто во изминатите неколку денови се манифестира со значително намалување на: цената на нафтата, берзанските индекси и вредноста на американскиот долар во однос на еврото и во следниот период активно ќе се следат од страна на Народната банка со цел адекватна оценка на нивните ефекти врз домашната економија и потребата за преземање евентуални мерки.
Општо земено, на седницата на Комитетот беше заклучено дека последните макроекономски показатели во домашната економија главно се движат во согласност со очекувањата, но ризиците од окружувањето стануваат сè понагласени. Новата вирусна инфекција, ковид – 19, се одразува врз глобалната економија, а нејзините економски ефекти во целина сè уште се неизвесни и зависат од времетраењето и силата на овој неочекуван шок кој е од неекономски карактер. Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на трендовите и потенцијалните ризици од окружувањето, заради соодветно приспособување на поставеноста на монетарната политика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Славески-Сецуко: во фокусот унапредување на соработката во областа на дигитализацијата, јакнење на финансиската вклученост

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари средба со амбасадорката на Јапонија во Република Северна Македонија, Кавахара Сецуко.
На средбата беа разменети мислења за актуелните економски движења во светот, предизвиците со кои се соочуваат централните банки при зголемена неизвесност, како и искуствата од спроведувањето на монетарната политика и одржувањето на финансиската стабилност.
Посебен акцент беше ставен на можностите за унапредување на соработката меѓу Народната банка и институциите од Јапонија, особено во областа на дигитализацијата во финансискиот сектор, јакнењето на финансиската вклученост и унапредувањето на вештините и капацитетот на човечките ресурси. Во таа смисла, беше истакната подготвеноста за размена на знаења и добри практики, имајќи го предвид јапонското искуство и експертиза во овие области.
Гувернерот Славески и амбасадорката Кавахара Сецуко се согласија дека постои простор за натамошно зближување и институционална соработка, којашто ќе придонесе за унапредување на економските односи меѓу двете земји.
Економија
Божиновска: Ред во изградбата на нови енергетски капацитети, за прв пат годишен план, ќе се гради она што е приоритет за државата и граѓаните

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини како што е соопштено, започнува практичната примена на Законот за енергетика и воведување на транспарентен, јасен и предвидлив процес на планирање на развојот на енергетскиот систем во Република Македонија. За прв пат ќе биде изготвен Годишен план за развој на енергетскиот систем, кој ќе ги дефинира насоките за изградба на нови објекти и зајакнување на енергетските мрежи, како и насоките за развој на нови енергетски објекти во кои државата ќе се јави како инвеститор со цел стабилизација на системот и зголемување на безбедноста во снабдувањето со електрична енергија.
На интернет-страницата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини се објавени сите потребни документи за доставување иницијативи за развој на енергетски проекти, со што започнува практичната примена на Законот за енергетика и се воспоставува транспарентен, јасен и предвидлив процес за планирање на развојот на енергетскиот систем во Република Северна Македонија, велат од министерството.
Овој процес е од особена важност за државата затоа што обезбедува конкретна слика за приоритетите во развојот на енергетските капацитети и овозможува стратешко насочување на инвестициите, со цел стабилно снабдување со електрична енергија и правна сигурност за инвеститорите.
„Со овој транспарентен процес, секој потенцијален инвеститор ќе има јасна слика за потребите и приоритетите на нашата држава. Секоја иницијатива ќе биде детално технички обработена, со јасно дефинирани можности за приклучок и потребните зајакнувања на мрежата. Нашата цел е енергетскиот систем да се развива одржливо и да обезбедува стабилно снабдување за сите граѓани“, истакна министерката Сања Божиновска.
„На интернет-страницата на Министерството е објавено детално објаснување што се е потребно за поднесување на инцијатива. https://portal.mdt.gov.mk/post-body-files/dokumenti-file-wrMD.docx
На сајтот на министерството се достапни и сите технички и административни документи, поделени според видот на капацитетите, а со цел олеснување на процесот за потенцијалните инвеститори, обезбедување навремена подготовка за апликација и можност сите заинтересирани да ги планираат своите инвестиции врз основа на јасна слика за приоритетите на државата.
Што значи ова за инвеститорите?
• Проектите уште во рана фаза ќе бидат детално технички обработени,
• ќе се дефинираат потребните интервенции во дистрибутивната и преносната мрежа,
• за секоја иницијатива ќе се изготват варијанти за приклучок, јасно и транспарентно ќе се презентираат потребните зајакнувања и надградби на соодветните енергетски системи како и роковите за реализација,
• ќе се елиминираат несигурностите околу приклучувањето на проектите кон мрежата,
• ќе се обезбеди правна сигурност за инвеститорите и предуслови за финансиска поддршка од институциите.
Секој инвеститор – приватна компанија, физичко лице, општина или јавно претпријатие – има можност да достави иницијатива. Секоја иницијатива ќе биде анализирана според:
• видот на технологија за производство на електрична енергија,
• техничките и технолошките карактеристики на опремата,
• инсталираната моќност и балансниот капацитет,
• регионот на реализација, како и можностите за приклучок кон енергетските системи.
Рок за доставување на иницијативи за 2026 година е 30 септември 2025.
По завршување на рокот ќе биде изготвен Годишен план за развој на енергетскиот систем“, соопштија од министерството.
Економија
Поевтинуваат секојдневните плаќања за граѓаните и за компаниите, извести Народната банка

Активностите на Народната банка за намалување на надоместоците на банките за електронските плаќања заради нивна поголема достапност и користење веќе имаат видливи резултати за граѓаните и за компаниите. По интензивната комуникација и по намалувањето на трошоците за користење на Македонскиот интербанкарски платен систем – МИПС, банките ги подложија на ревизија своите тарифници намалувајќи ги надоместоците за извршување на платежните услуги, извести Народната банка.
Сите банки веќе усвоија нови тарифници со значително намалени надоместоци за платежни трансакции со платни налози. Имено, надоместоците за плаќањата коишто граѓаните ги извршуваат преку МИПС се намалени во просек за околу 50%, додека електронските плаќања на граѓаните коишто се извршуваат во рамките на истата банка (т.н. интерни плаќања) стануваат бесплатни во најголемиот дел од банките. Надоместоците коишто компаниите им ги плаќаат на банките исто така се намалени. Така, електронските плаќања на компаниите во МИПС стануваат поевтини во просек за околу 30%, додека електронските интерни плаќања за околу 55%. Општо земено, банките преминуваат кон поевтини и фиксни надоместоци по трансакција, коишто се однапред познати и не зависат од износот на плаќањето. Новите поевтини надоместоци се веќе во примена кај дел од банките, а останатите банки планираат да започнат со примена на намалени надоместоци најдоцна до октомври оваа година, велат од НБ.
Овие промени се дел од пошироката визија на Народната банка за дигитализација и модернизација на платниот систем. Поевтините услуги го поттикнуваат користењето на електронските плаќања, ја зајакнуваат довербата во финансиските институции и придонесуваат кон општествено одговорно работење на банкарскиот сектор, се додава во соопштението.