Црна хроника
Уште тројца скопски нарко дилери паднаа во 'Мрежа'
Во рамки на оперативната акција „Мрежа” на скопската полиција, односно Единицата за недозволена трговија со дрога, откриени се два засебни случаи, едниот во Кисела Вода а другиот во Гази Баба, во кои се откриени и приведени вкупно три лица кои распространувале марихуана и хероин, и притоа запленети се и поголем број поединечни дози од двата вида наркотици подготвени за улична продажба.
Во првиот случај со кривична пријава до надлежното Основното јавно обвинителство Скопје е предаден 28-годишен скопјанец идентификуван со иницијалите М.К.(28) од Скопје, поради основано сомневање дека сторил кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”.
Имено, Единицата за недозволена трговија со дрога, по добиеното сознание дека пријавениот, од засега непознато лице од земјава, набавил поголема количина марихуана, која ја препакувал за улична продажба, превзеде интензивни оперативно-тактички мерки и активности за обезбедување на материјални докази, при што е утврдено дека пријавениот, марихуаната најчесто ја продавал од својот дом во Кисела Вода или во непосредна близина на неговиот дом. Полициските службеници од Единицата за недозволена трговија со дрога, постапувајќи по добиеното сознание, во непосредна близина на домот на пријавениот, легитимирале и извршиле личен преглед на четири лица, при што кај нив се пронајдени и одземени четири паковки со марихуана.
Со наредба од судија на претходна постапка, од страна на полициски службеници од Единицата, извршен е претрес и во домот на пријавениот, при што се пронајдени и одземени 88 паковки марихуана (вкупно 175,62 гр.) за улична продажба, една поголема кеса со наркотична дрога марихуана (290 гр.), една дигитална вага и 68.000 денари во разни апоени, а М.К. е лишен од слобода.
Инаку, пријавениот е регистриран како извршител на имотни деликти, деликти проследени со насилство и недозволена трговија со оружје, за што во периодот 2000/2012 му се поднесени 10 кривични пријави за извршено вкупно 31 кривично дело, а од надлежен суд му се изречени пет мерки засилен надзор од социјален орган и една условна осуда.
Во вториот случај, поднесена е кривична пријава, исто така, против двајца скопјани 36-годишниот Х.А. и 32-годишната З.Х. од Скопје, поради основано сомневање дека сториле кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”, за што од страна на Судија во претходна постапка им е изречена мерка притвор во траење од по 30 денови.
Имено, првопријавениот во април, од засега непознато лице, купил неодредена количина на хероин која ја препакувал за улична продажба и заедно со неговата пријателка второпријавената, со која живеат во Гази Баба, истата ја продавале на уживатели и тоа најчесто во нивниот дом или ја разнесувале со возило на претходно договорени места на подрачјето на градот. Полициски службеници од Единицата за прв одговор и интервенција „Алфа” при рутинска контрола на патник во такси возило пронашле една полиетиленска паковка во која имало поголема доза на хероин. Лицето е лишено од слобода и предадено во Единицата за недозволена трговија, каде полициските службеници утврдиле дека 4, 12 хероин приведениот ги купил од домот на пријавената за 5.000 денари. Со наредба од судија на претходна постапка, од страна на полициски службеници од Единицата за недозволена трговија, извршен е претрес во домот на пријавените при што се пронајдени и одземени 214,49 грама хероин, спакуван во 49 паковки за улична продажба и 99 грама смеса од парацетамол и кофеин, која се користи за мешање со хероинот. Осомничената е приведена и по изречената мерка од судија на претходна постапка предадена е за издржување на 30 дневен притвор, додека првоосомничениот, кој при претресот се наоѓал во болница на укажување помош од зависности од дрога, по препорака на одговорен лекар мерката притвор ќе ја издржува во арестантско одделение во Клинички центар.
Инаку, осомничениот уште како малолетник е регистриран сторител на имотни деликти и деликти проследени со насилство, за што во периодот од 1994 до 2012 година му се поднесени 21 кривична пријава за сторени вкупно 61 кривично дело, а од надлежен суд му се изречени пет мерки засилен надзор од социјален орган, една условна осуда и две казни затвор. Од друга страна, како сторител на кривични дела од областа на недозволената трговија е регистриран во 2004 година и од тогаш до денес му се поднесени 9 кривични пријави за недозволена трговија со дрога и една кривична пријава за недозволена трговија со оружје, за што од надлежен Суд му се изречени три казни затвор./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Скопјанец осомничен за семејно насилство, предложен притвор
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело – Телесна повреда по член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, информира Обвинителството.
„Осомничениот 41-годишник од Велес со непријавено престојувалиште во Скопје, при вршење семејно насилство, со умисла телесно ја повредил неговата вонбрачна партнерка.
Додека оштетената ја подготвувала да ја однесе во градинка нивната ќерка, тој најпрво започнал вербална расправија, а потоа со лажица за облекување чевли, во повеќе наврати ја удрил во пределот на главата.
Жртвата се повлекла во спалната соба од станот, каде осомничениот насилно ја турнал на креветот, го зел нејзиниот мобилен телефон и го фрлил на подот, почнал да ја плука по лицето и со неколку удари со бокс во главата и телото и нанел телесни повреди – контузија и хематоми.
Јавниот обвинител го имаше предвид фактот дека жртвата претходно го имала пријавено осомничениот за семејно насилство, но потоа го повлекла предлогот за кривично гонење. Затоа, заради обезбедување на присуството на осомничениот во текот на кривичната постапката и особено заради заштита од понатамошни насилни однесувања кон оштетената, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор“, стои во соопштението на Обвинителството.
Црна хроника
Истрага за полов напад и уцена на девојче во липковско
Основното јавно обвинителство Куманово ќе поведе истражна постапка и ќе предложи мерка притвор за 2 лица за кривично дело – Полов напад и силување од член 186 став 2 во врска со став 1, а едниот од нив е осомничен и за кривично дело – Уцена согласно став 259 од Кривичниот законик, информираат од Обвинителството.
„Првоосомничениот, спротивно на јасно изразена волја, извршил полови дејствија врз малолетна девојка во липковско, а ја принудил на полови дејствија и со второосомничениот.
Потоа жртвата ја уценувал дека наводно ќе објави нејзини експлицитни фотографии доколку не му исплати 20.000 евра.
Девојчето било принудено да зема пари од дома без знаење на родителите и да позајмува од други лица, па во повеќе наврати му ги давала парите на првоосомничениот.
Јавниот обвинител, ценејќи дека се исполнети законските основи, до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени кои се лишени од слобода.
Основното јавно обвинителство Куманово продолжува да презема истражни дејствија“, стои во соопштението на Обвинителството.
Топ
18-годишникот кој со автомобил усмрти жена во Капиштец немал возачка, од Македонија избегал преку Табановце
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 и Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, додека уште две лица се осомничени дека му помогнале по извршувањето на кривичното дело, информираат од Обвинителството.
„Осомничениот 18-годишник на 9 јануари, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај така што го довел во опасност животот на луѓето.
По улицата “Народен Фронт” управувал автомобил “Фолскваген пасат’’ и со возилото извршил дејствие на непрописно поместување во лево, на коловозната лента наменета за сообраќај од спротивната лента, без притоа да се увери дека тоа може да го стори без опасност по другите учесници во сообраќајот, со брзина на движење на возилото неприспособена спрема својства, состојбата на патот, видливоста, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови.
Освен тоа, автомобилот го управувал без да поседува важечка возачка дозвола.
При такви услови со возилото удрил во телото на оштетената Љуба Јаковлеска, која како пешак попречно го поминувала коловозот. Од ударот и падот на коловозот жената се здобила со тешки телесни повреди, а осомничениот без да и укаже помош веднаш го напуштил местото на настанот. Жртвата била префрлена во Ургентниот центар каде и покрај укажаната медицинска помош починала.
Другите двајца осомничени, маж и жена, му помогнале на осомничениот за предизвикување на сообраќајната несреќа да ја напушти државата, пренесувајќи го со својот автомобил преку граничниот премин Табановце.
Тие се лишени од слобода по враќањето во земјава и за нив јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.
Притворска мерка е побарана и за осомничениот возач кој е во бегство и за него притворот ќе започне да се спроведува по неговото пронаоѓање и лишување од слобода. Во меѓувреме, врз основа на прибраните докази и определениот притвор, по него ќе биде распишана и меѓународна потерница со цел негово обезбедување“, стои во соопштението на Основното јавно обвинителство.

