Црна хроника
Запленети 7 кг марихуана на граничниот премин „Ќафасан"
Царинските службеници на граничниот премин „Ќафасан” спречија нов обид за пренос на дрога – марихуана.
Имено, во недела, околу 19.30 часот, на граничниот премин „Ќафасан”, за влез во Македонија се пријавил автомобил „Голф” со бугарски регистарски таблички, управуван од романски државјанин со иницијали Г.М.Д. (37). На прашање на царинскиот службеник дали има нешто да пријави за царинење, лицето одговорило негативно, додавајќи дека патува за Романија.
Царинскиот службеник се посомневал во неговата изјава и одлучил да изврши детален преглед на патникот и возилото.
Притоа, во внатрешниот дел на возилото, во фабричките шуплини под страничниот тапацир кај задните седишта на двете страни, пронајдени се вкупно осум пакетчиња – зелени најлонски кеси облепени со кафеава самолеплива лента, исполнети тревкаста материја, за која со тестирање за дрога е утврдено дека станува збор за марихуана, во вкупна количина од околу 7,39 килограми.
Сторителот и марихуаната биле предадени на царински инспектори од Одделението за истраги заради преземање на понатамошни предистражни дејствија.
Од спроведената предистражна постапка утврдено е дека осомничениот, за надомест од 1.000 евра, требало да ја пренесе марихуаната од Албанија до Софија. Според изјавата на осомничениот, организатор на транспортот на дрогата е бугарски државјанин од кој осомничениот претходно го купил возилото и од кого добил детални насоки за транспортот.
Имено, откако се сместил во хотел во Тирана, осомничениот го оставил возилото и клучевите на паркингот пред хотелот. Утрото возилото му било повторно оставено на истото место на паркингот. Така подготвеното возило требало да го однесе до Софија, да го остави на определен паркинг и да се врати да си го земе за четири часа, за кое време дрогата ќе била извадена од возилото, а парите за услугата ќе му биле оставени во касетата во возилото.
Против сторителот, Царинската управа поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори”, а сторителот е изведен пред надлежен истражен судија./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Дал 10.000 евра за итна операција на внуката: измамен 83-годишен битолчанец
Во СВР Битола вчера во 13:30 часот, 83-годишник од Битола пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 10.000 евра.
Според пријавеното, лицето му се јавило, се претставило како лекар и му кажало дека неговата внука паднала по скали и се здобила со тешки телесни повреди и било потребно да се направи итна операција, за што требало да плати.
Како што е пријавено, тој ги дал парите на едно лице кое дошло пред неговата врата, а откако подоцна се слушнал со неговиот син, сфатил дека е измамен.
Полицијата соопшти дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Двајца малолетници повредени при судир на товарно возило и мопед во Штип
Во СВР Штип вчера во 10:30 часот било пријавено дека на кружен тек од ул.„Партизанска“ со ул.„Борис Крајгер“ во Штип се случила сообраќајна несреќа помеѓу товарно возило „фолксваген кеди“ со штипски регистарски ознаки, управувано од С.С.(57) и мопед „априлиа“ со штипски регистарски ознаки, управуван од 16-годишник, двајцата од Штип.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле возачот на мопедот и неговиот 14-годишен сопатник од Штип, констатирани во Клиничката болница Штип.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Штип.
Црна хроника
Тешко повреден работник додека извршувал работни задачи во фабрика во Гази Баба
Вчера во 10:05 часот во СВР Скопје, од приватна болница во Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен А.Б.(43) од Скопје.
Според пријавеното, тој се здобил со повредите додека извршувал работни задачи во фабрика на подрачјето на Гази Баба.

