Црна хроника
Уапсени над 50 членови на Франкфурт мафијата
Македонската и германската полиција уапсија уште 50-тина членови на Франкфурт мафијата, во продолжението на акцијата „Диригент“ којашто се спроведува од 2009 година и се апсат лица кои продавале дрога во Франкфурт и переле пари преку македонски фирми.
Во Македонија уапсени се 12 лица, едно лице веќе издржува казна затвор за друго кривично дело, а по уште тројца осомничени за растурање на дрога сè уште се трага. Во Германија пак, според првичните информација уапсени се 37 лица, од кои 19 се македонски државјани, а другите се странски државјани кои соработувале со овие криминални групи.
Македонската и германската полиција изминатава година обезбедувале дополнителни докази против лицата инволвирани во криминалните групи. Шестмина од уапсените во Македонија најверојатно се директно инволвирани во трговијата со наркотици, додека за другите десет лица постојат индиции дека се инволвирани во перењето на пари кои нелегално биле заработувани преку продажба на дрога.
„Сè уште течат претресите во домовите со судска наредба, а ќе се врши претрес и во фирмите бидејќи постојат индиции дека биле користени при извршувањето на перењето на пари при ставањето во легален промет на парите коишто биле заработени од незаконската продажба на наркотици на улиците во Франкфурт, а потоа трансферирани за Македонија“, изјави помошникот министер за односи со јавност при МВР, Иво Котевски.
Упапсените биле членови на три различни криминални групи коишто биле поврзани меѓу себе, а дрогата ја купувале во Македонија и други земји членки на Европската унија, ја подготвувале, ја мешале и ја нуделе на улиците на Франкфурт. Главно продавале хероин.
Вкупно од 2009 година наваму, во Македонија и Германија уапсени се околу 450 лица, од кои 380 во Македонија за продавање на дрога во Франкфурт и перење пари./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Двајца малолетници нападнати од насилници со фантомки на стадионот „Борис Трајковски“
Двајца малолетници вчера биле нападнати од насилници со фантомки на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари.
Според информациите на МВР, вчера во 13:15 часот Е.О.(37) од Скопје пријави дека на подрачјето на Маџари нејзиниот малолетен син, кој бил заедно со уште двајца негови другари кои заминале на фудбалскиот стадион „Борис Трајковски“ да гледаат фудбалски натпревар, бил физички нападнат од неколку лица со фантомки, најверојатно малолетници, кои употребиле и тврди предмети, а двајца од нив снимале и со мобилен телефон.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Топ
Внук осомничен за обид за убиство на сопствената баба
Основното јавно обвинителство Битола донесе наредба за спроведување истражна постапка против 28-годишник за кого постои основано сомнение дека се обидел да ја убие сопствената баба.
При вршење семејно насилство во домот во кој заеднички живееле на улицата „Лавчанска корија”, осомничениот се обидел да ја лиши од живот сопствената баба.
На 17 јануари, откако претходно ја блокирал и ја затворил влезната врата од куќата со фиока, со рацете ја удирал жената по главата и телото се додека не паднала во бессознание. Со ударите и нанел повеќе тешки телесни повреди, крварења и нагмечувања на мозокот, скршеници на ребрата и исчашувања на коски, со кои и е доведен во опасност животот на жртвата.
По настанот, осомничениот избегал, но за кратко време бил приведен. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави предлог за определување мерка притвор поради опасност од бегство, можност тој да влијае врз сведоци или да изврши друго дело.
„Воедно искази на дел од сведоците укажуваат на неодамнешни промени во однесувањето и психичката состојба на осомничениот, од кои произлегува сомневање дека тој би можел да боледува од некаква душевна болест. Бидејќи со стручно мислење се предлага понатамошна опсервација на осомничениот, со цел да се изврши негова медицинска проценка и психијатриско вештачење, јавниот обвинител предложи судот со посебно решение, по определување на мерката притвор, да го испрати осомничениот на опсервација и вештачење во ЈЗУ Психијатриска болница Демир Хисар за период од најмалку 1 месец“, соопшти Обвинителството.
Црна хроника
Ограбени две финансиски друштва во Скопје во рок од еден час
Во раните утрински часови на 17 јануари 2026 година, во Скопје се случиле две кражби во објекти на финансиски друштва, при што биле одземени сефови со пари.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, првата кражба била пријавена во 04:44 часот во скопската општина Гази Баба, каде што насилно било влезено во објект на финансиско друштво и одземени биле пари од сеф
Само околу 40 минути подоцна, во 05:20 часот, слична пријава била поднесена и од општина Центар. И во овој случај, насилно било влезено во објект на финансиско друштво, од каде бил однесен сеф со пари.
Од СВР Скопје соопштуваат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на двата случаи.
Засега нема информации за крадците, ниту за сумата што била одземена или евентуалната поврзаност на двата случаи.

