Македонија
(Видео) Нелоски: Градоначалниците во Скопје, наместо само да се сликаат, да се фатат за работа против коронавирусот
Додека секаде во светот сите нивоа на институции од централна до локална власт работат синхронизирано, кај нас единствено што се прави е прес-конференции зборувајќи тоа што народот сака да го слушне, сликање за социјални мрежи од канцеларии и непреземање ништо, изјави Владимир Нелоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Заразата со коронавирусот, која веќе однесе 6 животи, а најмногу е стационирана и се шири во Скопје, нема сама од себе да се уништи. Нема да ја уништат ниту прес-конференциите со натажени лица ниту, пак, сликите на социјалните мрежи од градоначалниците со срцекршачки посвети што некој друг им ги напишал.
Коронавирусот во Скопје веќе достигна алармантно ниво на ширење, а локалните самоуправи на општините и Град Скопје, на чело со Петре Шилегов, ги нема никаде не преземајќи ништо. ВМРО-ДПМНЕ предлага мерки, кои треба да ги спроведе Град Скопје.
1. Пунктови за дезинфекција на возилата на влезовите на Скопје и на повеќе локации во градот, односно влезови во општините на градот Скопје.
2. Фирмите што функционираат на територијата на град Скопје да се ослободат од фирмарина за 2019 и 2020 година.
3. Да се замрзне плаќањето на закуп за летни тераси за сите локали во Скопје за летната сезона 2020.
4. Да се побара Владата да донесе уредба за намалување 50 отсто на данокот на имот за сите граѓани што живеат на територијата на град Скопје.
5. Дезинфекција на секоја автобуска станица трипати во денот, а дополнително и автобусите да се дезинфицираат по завршување на секоја линија.
6. Да се ослободи од работа градската администрација, освен оние вработени што се неопходни за функционирање.
7. Да се стопираат огласите за привремени вработувања како во град Скопје така и во општините во Скопје.
8. Да се постават диспанзери за средства за дезинфекција на повеќе локации во градот, по можност на секој станбен влез.
9. Во соработка со невладиниот сектор да се постават подвижни чешми со сапун за да имаат можност и социјално загрозените граѓани да ги измијат рацете.
10. Да се достави барање до МТСП се со цел да се ослободат кујните во градинките за правење на оброци кои ќе се носат на луѓето кои што ќе се во самоизолација, тоа се повеќе од 1.400 граѓани.
11. Набавка на соодветна заштитна опрема за вработените во ЈП кои секојдневно се изложени на корона вирусот со своите работни обврски.
12. Намалување на сметките за вода на граѓаните за 50% за месеците март, април и мај.
13. Дневно да се дезинфекцираат пазарите минимум 3-4 пати со посебен протокол на однесувањето на вработените во нив.
Доколку Петре Шилегов сака реално да се смени ситуацијата на подобро во Градот Скопје, ќе мора да си ја остави суетата и самобендисаноста дома и да ги спроведе мерките. Ова се мерки кои се креирани во консултација со стручни лица, советниците на ВМРО-ДПМНЕ, искуствата од другите метрополи, како и барањата на граѓаните.
Нам здравјето на граѓаните ни е најважно и токму затоа ги повикуваме и градоначалниците од другите општини во Градот Скопје, да преземат посериозни мерки за справување со корна вирусот. Доволно беше прес конференции и сликање за социјални мрежи, време е градоначалниците на СДСМ да се фатат за работа. Ние стоиме на располагање, предлагаме мерки и подаваме рака, и институциите се на потег“ порача .
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Арсовска не знаела дека треба да поднесе имотна состојба по престанокот на мандатот, ја обвини ДКСК за јавен линч
Поранешната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, не знаела дека треба да поднесе имотна состојба по престанок на нејзиниот мандат и вели дека никој не ја информирал за таквата обврска. Таа се најде на листата што денеска ја објави Државната комисија за спречување на коруппцијата со имиња на поранешни и нови градоначалници кои не поднеле изјава за имотна сосотјба. Арсовска ја обвини ДКСК за јавен линч и побара одговори од таму на кој начин ја креирале листата на која како број 1. е објавено нејзиното име.
„Ве известувам дека денес 17.12.2015 година (среда) од медиумите дознав информација која сте ја пуштиле како соопштение дека согласно член 82 став 3 од наведениот закон, по престанокот на функцијата градоначалник, постои обврска за поднесување изјава за имотна состојба. Сите оние кои не се реизбрани и на кои им настанал престанок се најдоа на листата која сте ја лиферувале, а истото потекнува од очигледна неинформираност од ваша страна за постоење на таква обврска. Доколку ја извршувате вашата функција соодветно и доследно нема тенденциозно да покренувате јавен линч за деградација, бидејќи да сте биле професионални и да сте го застапувале законот, ќе не информиравте лично за обврската или со соопштение преку медиумите, ете баш на истиот начин на кој за жал настапивте за да си направите себепромоција дека не се поднесени изјави за престанок“, напиша Арсовска во порака до ДКСК која ја сподели и со медиумите.
Таа вели дека добро ќе било ДКСК да сработи нешто за мултимилионската корупција во Македонија и сериозните криминали кои се случуваат вклучувајќи ги и институционалните непостапувања за случаи како загадувањето од страна на УСЈЕ или трагедијата во Кочани, наместо да се заканува со прекршочни глоби.
Арсовска вели дека очигледно сите 35 поранешни градоначалници кои не продолжуваат мандат не знаеле за постоењето на оваа одредба.
Таа додава дека нема никакви промени во нејзината имотна состојба.
„Да си ја вршите работата како треба и соработувате со институциите, на почетокот на мандатот ќе ги информирате за постоењето на обете обврски. Ве информирам дека со оваа изјава за имотна состојба и интереси по престанок на функцијата градоначалник ве информирам дека немам никакви промени согласно денот на завршување на мандатот“, пишува Арсовска.
Поранешната градоначалничка побара и одговори од ДКСК во врска со објавената листа.
„За крај, би сакала да ме информирате по писмен пат на овој е-маил, на кој начин ја креиравте листата која ја лиферувавте низ јавноста каде како број 1. сте го објавиле моето име и дали е истото сторено по азбучен ред, по возраст, по пол, по тоа кој е најсиромав или по ваше лично убедување како и кому најмногу да се осветите и да наштетите со Вашите небулози“, пишува Арсовска, која во електронската порака е потпишана како портпарол за етика и спречување на корупција на Конгресот на Совет на Европа.
Македонија
Мицкоски: Поради вештачки причини ние сè уште не можеме да бидеме дел од европското семејство
Поради вештачки причини ние сè уште не можеме да бидеме дел од европското семејство, изјави премиерот, Христијан Мицкоски во Брисел.
Тој кажа дека Владата ги презема сите реформи за конечно започнување на преговорите и дека македонските граѓани заслужуваат да се во ЕУ.
„Добро е кога Западен Балкан е во оптиката на Европската Унија, тоа е охрабрувачки за граѓаните на Западен Балкан затоа што на тој начин се покажува интересот за нашата заедничка иднина бидејќи Западен Балкан географски припаѓа на Европа и логично е да заедно се интегрира во рамките на ЕУ. Ние како држава тоа го заслуживме многу одамна бидејќи нашиот пат започна уште пред 25 години, но поради би рекол вештачки причини ние сè уште не можеме да бидеме дел од европското семејство. Како држава и како влада се поврзуваме да го испорачаме сето она коешто е потребно во овој процес, не поради самиот процес туку пред сè поради македонските граѓани, бидејќи тие тоа го заслужуваат“, рече Мицкоски.
Премиерот изрази очекување дека билатералните прашања нема да бидат наша пречка во процесот.
„Така работиме до сега така ќе продолжиме понатаму и очекуваме дека билатералните прашања нема да бидат наша пречка туку напротив очекуваме од нашите соседи поддршка во оваа наша амбиција да бидеме дел од ЕУ и она коешто е најважно, да бидеме оценувани според постигнувањето, а не според билатералните прашања“, рече Мицкоски.
Македонија
СДСМ: ДПМНЕ-ЗНАМ го изгласаа предавството на Македонија во Собранието
Предавниците од ДПМНЕ-ЗНАМ денеска го изгласаа предавството на Македонија, ја изгласаа предавничката Резолуција што сами си ја донесоа во Собранието, велат од СДСМ.
Според партијата, денешниот 17 декември 2025 година ќе остане запаметен како ден на којшто ДПМНЕ и ЗНАМ го завериле предавството на Македонија.
„Без Христијан Мицкоски кој ги остави сами. Побегна дури до Брисел, остави други да го изгласаат неговото предавство на Македонија. Прашањето е дали сите пратеници на ДПМНЕ-ЗНАМ добија по 1,2 милиони евра, дали добија по 5,3 милиони евра, дали добија по 9 милиони евра за оваа срамна одлука – за ова предавство? Колку пари земавте за предавството на Македонија? Дали на сите ви поделија тендери? Колкав е вашиот дел од 6 милијарди евра кредит“, прашува СДСМ.
Опозицијата вели дека нема да биде нем посматрач на ова, како што го нарекуваат, национално предавство, мигранти за пари.
„Заедно со граѓаните, ќе ги искористиме сите демократски механизми за да се спротивставиме на ова национално и државно предавство. Ги повикуваме сите опозициски партии, здруженија, невладини организации да ни се приклучат во фронтот против криминалната власт. Ги повикуваме и искрените и чесни членови на ДПМНЕ кои ја сакаат Македонија и знаат дека ова што го прави нивното раководство е за пари да се приклучат“, велат од СДСМ.
Пратениците денеска ја изгласаа резолуцијата за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција, поднесена од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
„Резолуцијата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата става крај на сите шпекулации, дезинформации и лажни сценарија кои токму СДС се обидува да ги наметне во јавноста, а се поврзани со наводно прифаќање мигранти или изградба на кампови. Со овој документ јасно се отфрлуваат и се поништуваат сите аранжмани, одлуки и политики поврзани за кампови за мигранти донесени од поранешната влада на СДС предводена од Заев, на која дел беше и Венко Филипче. Оваа резолуција го покажа вистинското и лицемерно лице на СДС и трајно ќе ја затвори, од нив измислената тема за наводни мигранти во Македонија“, соопштија претходно од ВМРО-ДПМНЕ.

