Топ
Притвор за двајцата насилници што тепаа девојче во Штип

Судот определи притвор за тепачите што малтретираа девојче во Штип. Тие ќе останат во притвор осум дена додека Овинителството да донесе одлука дали ќе поднесе обвинение против нив. Тие се гонат за кривичното дело насилство.
Осумдневниот притвор е максимален што може да се определи за двајцата штипјани бидејќи за делото за кое се сомничат предвидена е казна затвор до пет години.
Осомничените во текот на јануари 2020 година, според доказите собрани од Обвинителството, заедно извршиле грубо насилство над оштетената на начин што отишле во куќата каде што престојувала и почнале да ја навредуваат и удираат со тупаници и шлаканици во пределот на лицето и главата.
„Со влечење ја однеле во влез на станбена зграда, каде што продолжиле со вршење на насилството. Додека го вршеле грубото насилство, осомничените снимале со мобилен телефон, со кои дејства кај оштетената и во јавноста предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв“, соопштија од Обвинителството.
Притворот за двајцата насилници е определен по барање на Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МВР се огласи по случајот со началникот во Демир Хисар: Преземаме соодветни мерки

Во однос на реакциите на јавноста поврзани со постапувањето на полициските службеници за време на претресот, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди презема соодветни мерки и активности од своја надлежност за што дополнително ќе ја известиме јавноста.
Ова го соопшти Министерството за внатрешни работи во врска со видеото што беше објавено на социјалните мрежи на кое началник бара директорката на средно училиште на носилка на Брзата помош да биде однесена на информативен разговор во полициска станица. Од Обвинителството, пак, соопштија дека имало налог за претрес, но не и за приведување и итен распит.
Од МВР соопштија дека биле извршени претреси во врска со сомнение за кривично дело „Одземање или уништување службен печат или спис“.
„На 08.08.2025, по претходна пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело по член 390 од Кривичниот законик – „Одземање или уништување службен печат или спис“ врз основа на наредба од Основен суд Битола, во периодот од 19:25 до 20:20 часот, полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Демир Хисар, во присуство на адвокат, извршиле претрес во домот на М.Л. (57) од Демир Хисар. Исто така, со судска наредба, во периодот од 20:45 до 21:30 часот бил извршен претрес и во службените простории во средно училиште кои ги користи М.Л“, соопшти МВР.
Македонија
Сомнежи за финансиски злоупотреби и низа неправилности во Стоматолошката комора: Здравство ги презема нејзините надлежности

Поради сомнежи за финансиски злоупотреби и низа неправилности во Стоматолошката комора, Министерството за здравство ги презема нејзините надлежности, изјави министерот за здравство, Азир Алиу.
„Вчера донесов одлука заснована на факти, на закон и на обврската да ја заштитам довербата во здравствениот систем. Надзорите и документите покажаа сериозни пропусти: едукации преку нерегистрирани здруженија и сертификати кои неправилно се користеле за продолжување лиценци; договори склучувани ретроактивно, спротивно на законот; одлуки и документи без потпис и со невалидна документација; игнорирање на привремената мерка и конечната одлука на Уставниот суд повеќе од една година, иако судот утврдил дека условите за стручно усовршување биле спротивни на закон“, рече Алиу.
Тој додаде дека, исто така, има сериозни сомнежи за финансиски злоупотреби на Комората, за кои финансиската полиција истражува и има прибавено обемна документација.
„На Комората ѝ беше дадена можност да ги отстрани недостатоците. Но, не го стори тоа. Затоа, имајќи ја предвид одредбата од член 261, став 1, алинеја 4 од Законот за здравствената заштита, а врз основа на препораките на стручната комисија, донесов одлука, за времено одземање на јавното овластување на Стоматолошката комора. Од денес, Министерството за здравство ги презема надлежностите за лиценцирање, сè додека не воспоставиме систем кој ќе работи законито, транспарентно и професионално“, рече Алиу.
Тој кажа дека овој чекор не е казна туку дека е почеток на реформа што ќе врати доверба, ќе обезбеди интегритет и ќе гарантира дека секој стоматолог ја продолжува лиценцата со знаења и вештини усогласени со најновите светски стандарди.
Македонија
(Видео) СДСМ повторно ќе го поднесе Законот за минимална плата од 500 евра

СДСМ повторно ќе го поднесе Законот за минимална плата од 500 евра, најави потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски.
„Владата е слепа за ситуацијата во која се наоѓаат илјадници работници, кои едвај го минуваат месецот. Затоа, СДСМ јавно ја изразува својата целосна поддршка на Синдикатите за зголемување на минималната плата на 500 евра. Ова не е само барање на работниците, ова е неопходно, ова е мерка која ќе им го олесни тешкиот живот на многу македонски семејства“, рече тој.
Илиевски потсети дека СДСМ веќе еднаш ги поднело законските измени за поголема минимална плата, за покачување на сите плати, но ВМРО-ДПМНЕ ги одбило.
„Ние нема да се откажеме. СДСМ повторно ќе го поднесе Законот за минималната плата од 500 евра. За достоинствен живот и за фер плати. Ќе видиме кој ќе гласа „ЗА“ народот, а кој повторно ќе го сврти грбот на народот. СДСМ е и ќе остане гласот на работниците, на сите граѓани. СДСМ ги слушаше и почитуваше работниците, и сега е така“, рече Илиевски.