Свет
Трамп тврди дека стигнуваат тестовите за имунитет на коронавирусот, а научниците негираат

Администрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп, најави на почетокот на месецот дека набргу доаѓаат тестови за имунитет на коронавирусот, кои би можеле значително да им го олеснат животот на оние што го прележале вирусот.
„Тоа ќе биде многу важно во попуштање на мерките и враќање на луѓето на работните места. Тестовите на антитела ќе ни покажат дали лицето е имуно на болеста и ако е, ќе може да им се врати на нормалните активности“, рекол главниот медицински советник на Трамп, Антони Фочи.
Трамп на 5 април изјави дека е остварен фантастичен напредок во изработката на тестови за имунитет на коронавирусот, а поранешниот потпретседател, Мајк Пенс, пет дена подоцна рече дека во прашање се денови кога тестовите ќе бидат достапни.
Но, како што пишува Си-ен-ен, членот на американската научна академија, Дејвид Релман, рекол дека истражувањето не оди најдобро и дека постојат неколку проблеми со тестирањето на имунитетот.
Академиците ја обвинуваат Агенцијата за храна и лекови зошто ги попуштила мерките и овозможила пазарот да го преплават многубројни тестови, кои се многу неквалитетни и неточни. Повеќето од тестовите се изработени во Кина според многу ниски стандарди, тврди директорот на американската Лабораторија за јавно здравство, Скот Бекер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Американскиот сенатор Греам: Го молам Ватикан да размисли Трамп да биде папа

Американскиот сенатор Линдзи Греам, републиканец од Јужна Каролина, во објава на „Икс“ напиша дека Трамп треба да биде новиот папа.
„Бев возбуден кога слушнав дека претседателот Трамп е отворен за идејата да стане следниот папа. Навистина би бил кандидат во сенка, но би ги замолил конклавата и католичките верници да бидат со отворен ум за оваа можност! Првата комбинација папа – претседател на САД има многу предности. Ние го следиме белиот чад… Трамп MMXXVIII!“, напиша тој на „Икс“.
Доналд Трамп вчера изјави дека би сакал да биде папа. „Би сакал да бидам папа. Тоа би бил мојот прв избор“, му рече американскиот претседател на новинар, кој го праша за конклавата.
Тој продолжи нагласувајќи дека нема фаворит, но посочи дека Тимоти Долан, надбискупот на Њујорк, би можел да биде добар избор. „Не знам. Немам фаворит. Но, морам да кажам дека имаме кардинал од место наречено Њујорк, кој е многу добар, па ќе видиме што ќе се случи“, рече Трамп.
Греам е познат по значајните промени во политичките ставови, особено во врска со Доналд Трамп и надворешната политика.
Европа
Осумнаесет општински службеници во Истанбул завршија во затвор

Турски суд затвори 18 службеници на градската власт во Истанбул поради обвиненија за корупција продолжувајќи ја репресијата против опозицијата поради која беше затворен и градоначалникот Екрем Имамоглу.
Имамоглу, главен политички ривал на претседателот Ердоган и водечки на анкетите, беше затворен во март во очекување судење по обвиненијата за корупција. Тој се соочува и со обвиненија за помагање терористичка група.
Градоначалникот ги негира сите обвиненија, а неговото апсење ги предизвика најголемите протести во Турција во последната деценија, економски превирања и обвинувања за политизирано судство. Владата ги отфрла овие тврдења и вели дека судството е независно.
НТВ објави дека 34 од 52 лица приведени за време на викендот биле ослободени со кауција. Турските медиуми пред четири дена објавија дека властите привеле десетици вработени во општина Истанбул како дел од правните истраги насочени кон Имамоглу проширувајќи ја репресијата против опозицијата, која почна кон крајот на минатата година.
Меѓу приведените се генералниот секретар, началникот на кабинетот на Имамоглу и претседателот и заменик-претседателот на Управата за водоснабдување и канализација.
Европа
Шведската полиција уапси осомничен за пукањето во кое загинаа три лица

Шведската полиција објави дека привела осомничено лице по пукањето во кое загинаа три лица во градот Упсала во вторникот.
Лицето е осомничено за убиство и е едно од неколкуте лица што се испрашуваат како дел од истрагата, изјавија полицајци за новинарите.
Пукањето се случило во фризерски салон во Упсала, додадоа тие.
Полицијата соопшти дека инцидентот се смета за изолиран и не е поврзан со големите прослави на Валпургиската ноќ, што се очекуваат во Упсала в среда.