Економија
Анализа: Институциите за набавка на заштитна опрема честопати преговарале само со една компанија

Во 44 отсто од случаите кога јавните институции вршеле набавки за заштита и превенција од коронавирусот, се преговарало само со една компанија, покажува анализата на Центарот за граѓански комуникации.
Маските, ракавиците и скафанедерите имаат шареноликост во цените, а во секој петти договор за јавна набавка не се објавувале ниту количините на набавените производи, ниту, пак, поединечните цени, покажува анализата.
За итните јавни набавки поврзани со заштита и превенција од ширењето на заразата од коронавирусот, од почетокот на март до 20 април склучени се 71 договор во вкупна вредност од 1,5 милион евра.
„Иако во мониторираниот период е зголемен бројот на објавени договори за итните набавки, сепак дел од институциите и натаму не ги објавуваат известувањата за склучен договор и самите договори“, стои во извештајот на Центарот за граѓански комуникации.
Најголема поединечна набавка досега е онаа за респираторни машини, за која се потрошени 909 илјади евра.
„Специфичноста на оваа набавка е што се објави јавен оглас во којшто се бараа понуди во рок од три дена, со однапред утврдена максимална цена од 25.000 евра по машина (без давачки) и максимален рок на испораката од 30 дена. Добиени се девет понуди, од кои седум се отфрлени поради неисполнување на рокот на испораката, цената или други услови од повикот“, велат од Центарот.
Проблем претставува тоа што значаен дел од институциите преговараат само со една фирма пред да ги склучат итните договори.
„Конкуренцијата во итните набавки е единствената гаранција дека добиените понуди се реален одраз на состојбите на пазарот“, се вели во извештајот.
Во однос на опремата, Центарот утврдил дека се набавува најразлична опрема – двослојни или трослојни заштитни хируршки маски по цени од 30 до 45 денари, преку заштитна маска N95 со цени од 200 до 340 денари, респираторни маски FFP3 со цена од 177 денари и респираторни маски N95 кои чинат од 66 до 97 денари, па сè до платнени маски по цена од 35 денари и хируршки маски со визир по цена од 53 денари.
„Шареноликост постои и во однос на скафандерите, па некои купуваат од оние за еднократна употреба, за кои плаќаат од 177 до 485 денари, а други купуваат скафандери за повеќекратна употреба, по цени од 1.180 денари. Кога станува збор за прегледните ракавици за еднократна употреба, забележана е значајна разлика во цените: од 1,76 денари до 4,70 денари. Малопродажната цена за овие ракавици е главно 3,5 денари и произлегува дека одредени институции ги купуваат по цени што се повисоки и од малопродажните“, се вели во извештајот.
Министерството за здравство досега склучило највредни договори за јавни набавки поврзани со коронавирусот. Следат Градската болница во Скопје, но и Градот Скопје, како и владината Служба за општи и заеднички работи. Прилепската болница е единствена локална болница на овој список, а како локални институции се јавуваат и скопското Јавно претпријатие за паркови и зеленило и Општината Бутел.
Од министерствата, покрај Министерството за здравство, единствено друго со поголеми набавки е Министерството за одбрана, а од клиниките – Клиниката за гинекологија и акушерство.
Од Центарот за граѓански комуникации апелираат дека државните институции треба транспарентно да ги објавуваат сите одлуки за избор и склучените договори.
„Вонредноста на состојбата, општиот недостиг на неопходните производи и брзината со која се спроведуваат набавките го зголемуваат ризикот од корупција при примената на оваа и така нетранспарентна постапка за јавна набавка. И добавувачите, знаејќи дека институциите се во тесно и немаат голем избор, можат да го искористат овој период за зголемување на цените над вообичаените и реалните. За да се стесни просторот за можна злоупотреба на и така скромните јавни ресурси, потребно е да се вложат максимални напори за зголемување на транспарентноста, отчетноста и рационалноста на овие набавки“, пишува во извештајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска: Меѓународни експерти за енергетика и Германското друштво за меѓународна соработка со поддршка за енергетскиот форум

Министерката Сања Божиновска оствари работна средба со Давид Оберхубер, директор на Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) во нашата земја.
Средбата беше фокусирана на зајакнување на тековната соработка меѓу министерството и ГИЗ, со посебен акцент на подготовките за претстојниот 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој кој ќе се одржи од 28 до 30 октомври 2025 година во Скопје, под мотото „Од цели до акција: Напојување на иднината со одржлива енергија“
Настанот е организиран од Министерството за енергетика, рударство и и минерални суровини, во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и петте регионални комисии на Обединетите нации.
ГИЗ, како долгорочен партнер на Македонија во областа на одржливиот развој и енергетиката, ја потврди својата подготвеност да даде активна поддршка на настанот – преку мобилизација на меѓународни и домашни експерти, како и учество во концептуализација и организација на тематски панел-дискусии, информираат од кабинетот на министерката.
Во рамките на средбата, беше направен преглед на тековните проекти што се реализираат со поддршка на Германското друштво за меѓународна соработка, особено во доменот на енергетската ефикасност. Двете страни изразија задоволство од досегашните резултати, кои покажуваат конкретен напредок во унапредувањето на националните капацитети и подобрување на условите за поефикасно управување со енергетските ресурси.
Покрај актуелните иницијативи, разговарано беше и за идните правци на стратешка соработка. Притоа, беа разгледани можности за развој на нови заеднички проекти за 2026 година, кои би се фокусирале на поддршка на процесот на енергетска транзиција, дигитализација на енергетскиот сектор, како и унапредување на институционалните капацитети преку техничка и експертска помош.
Божиновска ја нагласи важноста на континуираната поддршка од страна на ГИЗ, оценувајќи ја оваа соработка како исклучително вредна за унапредување на одржливите и инклузивни политики во енергетскиот сектор. Таа додаде дека Министерството останува отворено за понатамошно продлабочување на партнерството, со цел обезбедување стабилна, зелена и иновативна енергетска иднина за граѓаните на Македонија.
Економија
Мицкоски: Нема мито како во минатото, нема вештачки сопки, во енергетиката имаме пазарно ориентирани инвестиции

Премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во врска со планот на Владата за тоа како Македонија ќе стане енергетски независна држава, бидејќи често се зборува за инвестиции во енергетиката, изјави дека очекува вкупното производство на електрична енергија кај нас, да биде еднакво на потрошеното.
„Тоа не значи дека во одредени периоди нема да увезуваме – да, ќе увезуваме, но во одредени периоди ќе извезуваме. И кога сето тоа ќе се собере, одземе, тогаш ќе дојдеме до една бројка којашто ќе биде избалансирана, уште оваа година ќе биде така. Претпоставувам дека јавноста е сензибилизирана, од страна на опозицијата и се поврзува со Меморандумот за разбирање што го потпишавме со турската компанија „АКСА“ за инвестиција во вредност од една милијарда евра. Бидејќи така беше и за „Алказар“ – тврдеа дека ќе имале повластена цена, не знам ваква компанија, таква компанија. Нити видовте има повластена цена, нити има било какви бенефиции компанијата. Во рок од една година, компанијата стави камен-темелник на својата инвестиција која ќе биде половина милијарда долари. Тоа за претходната Влада беше научна фантастика. Таму, се сеќавате, се нудеа даночни олеснувања за инвеститори, загарантиран откуп на топлинска, на електрична енергија, итн“.
Како Влада нагласи премиерот, се проговара исклучиво за пазарно ориентирани инвестиции.
„Ние преговараме исклучиво за пазарно ориентирани инвестиции. Да, како Влада, институционалниот ризик ќе го преземеме, да олесниме. Нема како во минатото мито да се бара, нема вештачки препки да се ставаат во рамките на администрацијата за да се почасти некој. Тоа нема да се случи. Затоа работите одат брзо и ефикасно – така ќе биде и со компанијата „АКСА“. Сега, дали сите сакаме гасификација? Сите велеа, сакаме гасификација. Сакаме почист воздух. Ние рековме: ќе треба време. Не може ова преку ноќ. Ќе треба време. Еве почнуваме тоа да го правиме, да обезбедуваме инвестиција милијарда евра. Топлина ќе произведуваат, ќе се произведува електрична енергија. А сега тоа не им чини. Зошто? Затоа што Владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата направи нешто што за нив беше научна фантастика во минатото. Тие шетаа наоколу и нудеа бенефиции, ама играа пола-пола. Така играа – пола за овој и затоа никој не инвестираше. Сега се ова исклучиво пазарно ориентирани инвестиции, без ниту еден цент повластувања од страна на Владата. Не треба веќе да се оди повеќе – нити во Мала Речица, нити да се оди горе на Бихаќка. Па пола таму, пола ваму. Овде си е пазарно ориентирана инвестиција. Не треба да се купуваат трговски центри. Не треба да се купуваат скапи „Мајбах“ автомобили. Не треба да се купуваат скапи дуќани во центарот на градот. Ништо не треба, само да се инвестира за доброто на граѓаните. Ете тоа е разликата меѓу овие што сега од опозиција критикуваат, а седум години единственото нешто што го правеа беше криминал и барање мито – и оваа Влада, која гради. Тоа е разликата“, кажа Мицкоски.
Економија
Владата ќе откупи 9.000 тони пченица и 2.400 тони ориз и оризова арпа

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на денешниот настан по повод свечено пуштање во употреба на базен од затворен тип кој се наоѓа во состав на ООУ „Невена Георгиева- Дуња“ во Општина Кисела Вода, одговарајќи на новинарско прашање во врска со стоковите резерви, изјави дека на владина седница е донесена одлука да бидат откупени околу 9.000 тони пченица и околу 2.400 тони ориз и оризова арпа од реколтата 2024.
„Во првиот случај кај пченицата можеби ќе го погрешам бројките, но има право секој индивидуален производител да конкурира со количина од 5 до 30 тона, а кај оризот и оризовата арпа 3 до 20 или 30 тона така нешто беше се сеќавам. Ова за првпат се прави посебно за оризот и мислам дека во многу нешта ќе ги олесни предизвиците на оризопроизводителите, но и оние коишто одгледуваат пченица, така што, ова за првпат како Влада го направивме со измени во законот, стана стратешка култура оризот и на тој начин сега и стоковите резерви ќе имаат ориз.“