Спорт
МЗТ Скопје го „избриша“ Антиќ и КФМ и се закани со суд
МЗТ Скопје Аеродром преку соопштение луто реагираа на одлуката на КФМ да ја прекине сезоната без да се прогласи шампион.
Во соопштението се вели дека преку својот адвокатски тим ќе поднесат кривични пријави за да се покаже „правдата“.
„Перо Антиќ ќе имаше уште поуспешна кариера, само да беше така упорен, ангажиран и фокусиран на паркетот како што беше изминативе 40-тина дена во битката за остварување на сопствената и желбата на коалициските партнери да го остави МЗТ Скопје без валидација на трудот и резултатите остварени на паркетот во периодот од август 2019 до средината на март 2020 година.
Одлуката за поништување на сезоната без да се прогласи шампион не нѐ изненади, знаејќи под какви притисоци и закани беа прво клубовите, а потоа и членовите на Управниот одбор, кои мораа по неколку пати да се изјаснуваат само за да го изгласаат тоа што го посакуваше Антиќ со своите „партнери“. Одборниците беа ставени пред свршен чин, да гласаат само за еден предлог, наметнат со претходно сомнително гласање на кое беше прогласена победа со само 40% од гласовите на присутните, а меѓу кои имаше и луѓе кои немаат било каква формална конекција со клубовите кои ги претставуваа. На членовите на УО им благодариме на првичната поддршка со 13 од 16 можни гласа и за реалното размислување, кога од нив беше барано слободно да дадат мислење, а не само да гласаат за наметнато решение. Само се надеваме дека и тие сфатија со кого соработуваат, поради што очекуваме во најбрзо време и нивни оставки како морален чин поради деспотскиот однос на првиот меѓу еднаквите во нивното друштво.
За МЗТ Скопје Аеродром борбата против деспотизмот на Антиќ не завршува со оваа негова одлука. Нашето барање за вреднување на тоа што се случуваше на паркетот, во ситуација кога не по наша вина дојде до една ваква уникатна ситуација и прекин, ќе го пренасочиме кон судските инстанци. Ќе побараме надлежните органи да ја прочешлаат работата на КФМ, да се види дали имало злоупотреба на должноста, дозвола за гласање на невалидни лица и многу други небулози и сомнителни работи за кои знаеме или сме слушнале. Ако треба, во договор со нашиот адвокатски тим, ќе поднесеме и кривични пријави, со цел правдината да излезе на виделина, особено во делот како пласманот во Првата лига е поништен, а пласманот во Втората лига е валиден, што само по себе е небулозно и правно неиздржано.
Истовремено, ќе побараме да ни се вратат сите пари кои сме ги платиле на сметката на КФМ за сезоната 2019/20, која, според одлуката на Куќата на кошарката, како и да не се одиграла. Тоа се однесува на котизација, казните, парите за лиценци на странските кошаркари и сите останати давачки. Ако нешто не постоело, тогаш не гледаме зошто би плаќале за тоа. Истовремено, ги охрабруваме сите останати клубови да ни се приклучат кон ова барање, бидејќи и тие се оштетени со поништувањето, кое им го брише целиот вложен труд и остварени успеси и победи, без разлика на пласманот на табелата.
Од денеска, Перо Антиќ и неговите соработници повеќе не постојат за МЗТ Скопје Аеродром. Тие дојдоа на власт со мотото „спортот на спортистите“, но сѐ што направија досега е заштита на сопствените и на интересите на малата група која е собрана околу нив, а со која ги врзуваат не само спортски конекции. Ова е само загубена битка, но – војната продолжува, во која „противникот“ има повеќе да загуби, бидејќи ние сме тие што создаваме играчи, а КФМ е само организатор на првенства со наши пари.
И ќе војуваме сѐ додека КФМ и нејзиниот претседател не престане да биде за едни мајка, а за други маќеа. Сѐ додека Антиќ и другарите не почнат да работат во интерес на сите, а не само за своето бизнис-лоби. Сѐ додека не победи кошарката.“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Белингем ги загрижи фановите, снимен со маска за кислород
Ѕвездата на Реал Мадрид, англискиот играч од средниот ред, Џуд Белингем, ги загрижи навивачите откако предвреме го напушти натпреварот против Рајо Ваљекано поради повреда на тетивата.
Дополнително внимание предизвика неговата објава на социјалните мрежи во која носи маска за кислород со пораката: „Животот продолжува“.
📲 Jude Bellingham on his app: “Life goes on.” pic.twitter.com/8xj6XoLgNr
— Madrid Zone (@theMadridZone) February 3, 2026
Белингем почувствува непријатност во задниот мускул на левата нога пред почетокот на натпреварот, а за време на загревањето се држеше за болното место.
Во деветтата минута од натпреварот, болката стана неподнослива и Англичанецот мораше да го напушти теренот.
Веднаш по натпреварот, Реал направи магнетна резонанца, а вестите не беа добри. Белингам има сериозна повреда на мускулот на левата нога. Клубот објави дека закрепнувањето ќе биде внимателно следено и дека точниот датум на враќање на теренот сè уште не е познат.
Според проценките, Белингем ќе ги пропушти следните лигашки натпревари против Валенсија, Реал Сосиедад, Осасуна и Хетафе, како и дуелот од нокаут фазата на Лигата на шампионите со Бенфика.
Ова е дополнителен удар за младиот Англичанец, кој веќе го пропушти почетокот на сезоната поради операција на рамото по Светското клупско првенство во САД.
Foto/ depositphotos
Спорт
Швеѓанец ја презеде Пиза
Шведскиот тренер Оскар Хилемарк потпиша договор со Пиза до јуни 2027 година, наследувајќи го Алберто Џилардино, кој беше отпуштен на 1 февруари.
Пред да се приклучи на Пиза, Хилемарк беше тренер на Елфсборг, овој тим го водеше од летото 2024 година.
Пред него е тешка задача, борбата за опстанок во Серија А. Пиза е претпоследна со 14 бода, откако забележа само една победа во 23 кола од Серија А. Моментално се на четири бода од безбедната зона.
Хилемарк помина четири години во Италија за време на својата кариера, играјќи за Џенова и Палермо. Како играч, тој беше шампион на Шведска со Елфсборг во 2012 година, а во 2015 година го освои холандското првенство со ПСВ.
Хилемарк ја заврши својата кариера во 2021 година во Алборг, Данска, и веднаш се посвети на тренерската работа.
Прво беше помошник тренер во Алборг, а од март 2023 до јуни 2024 година беше главен тренер на данскиот клуб.
Спорт
„Бразил без Нејмар е само обичен тим“
Дали Нејмар ќе игра за Бразил на Светското првенство ова лето е прашање со кое светските медиуми, секако најмногу оние во Бразил, се справуваат речиси секој ден.
Бразилската легенда Ромарио верува дека Бразил не е Бразил без Нејмар. За него, Нејмар е сè уште најважниот играч во националниот тим.
„Отсуството на Нејмар е секако многу лошо за Бразил. Шестата титула е секако потешко да се освои без него“, рече Ромарио.
„Можеме само да се надеваме дека тој ќе биде физички добро и дека ќе може да даде сè од себе“, додаде тој.
Ромарио е свесен за физичките проблеми што ги има Нејмар долго време, но верува дека без оглед на тоа, тој е сè уште најважниот играч во националниот тим:
„Не знам дали ќе може да биде со тимот без никакви проблеми. Но, ако Нејмар е на 70 проценти од своите можности, тоа е веќе многу добро, и тој би бил од помош, и би направил разлика.“
„Без Нејмар, бразилската репрезентација е за жал само уште еден обичен тим“, заклучува Ромарио.
Од првиот ден кога ја презеде бразилската репрезентација, Карло Анчелоти повтори, и продолжува да повторува, дека не ја исклучува опцијата Нејмар да игра за репрезентацијата. Но, што се однесува до Светското првенство, Анчелоти вели дека ќе го повика Нејмар само ако е целосно подготвен и здрав.
Поминаа речиси две и пол години откако Нејмар последен пат играше за Бразил. Тој го одигра својот последен натпревар за репрезентацијата на 17 октомври 2023 година против Уругвај кога беше повреден.
Оттогаш, со сите промени во тимот и околу тимот, Бразил одигра 26 натпревари, забележа 11 победи, осум нерешени резултати и седум порази.
Foto/ depositphotos

