Црна хроника
Запленета марихуана на ГП Табановце и Меџитлија
Македонските зариници во вторникот запленија околу 36 килограми марихуана во два одвоени случаи на граничните премини Меџитлија и Табановце.
Во првиот случај, на граничен премин Меџитлија околу 13:30 часот за излез од Република Македонија, се пријави патничко моторно возило марка, Volkswagen Sharan TDI, со албански регистарски ознаки управувано и сопственост на И.Х. од Албанија. При преглед на возилото, во специјално направен бункер од пластика вграден помеѓу тапацирот и целата должина и ширина на покривот на возилото, царинските службеници пронајдоа вкупно 27 пакетчиња со непозната материја од растително потекло. Пакетчињата, со тежина од околу 30 килограми, обвиткани со селотејп трака и најлонска кеса, по извршено тестирање со тестери за дрога, констатирано е дека се наполнети со марихуана.
Од спроведената предистражна постапка, инспекторите од Одделението за истраги открија дека пријавениот по претходен договор со две лица државјани на Албанија се согласил да пренесе околу 30 килиограми марихуана во возилото купено од двете лица кои вградиле специјален бункер низ целата површина од покривот на возилото, наменет исклучиво за криење на дрога. Откако ги средиле документите за возилото , го пренеле на име на пријавениот.
Осомничениот со двајцата албански државјани бил договорен откако ќе ја помине албанско-македонската граница, на околу 5-6 километри во внатрешноста на Македонија, да го пречекаат и со помош на светлосна сигнализација да го запрат возилото. Откако пријавениот се приближил на договореното место и ги забележал двајцата албански државјани кои претходно на див премин со помош на магаре ја пренеле дрогата, го паркирал возилото и истата ја сокриле во претходно направениот бункер. Потоа пријавениот сам го продолжил движењето кон граничниот премин Меџитлија со намера дрогата да ја предаде на друго лице, исто така албански државјанин кој живее и работи во Солун, за парична награда од 3.000 евра.
Вредноста на пронајдената марихуана (30 килограми) доколку завршела на нарко пазарот, во малопродажба би достигнала вредност од околу 120 илјади евра.
Вториот случај на криумчарење на дрога е откриен од страна на специјалните мобилни тимови на граничниот премин Табановце-автопат, околу 21:20 часот на излез од Република Македонија во патничко моторно возило марка „Алфа Ромео“ со полски регистарски ознаки во кое патувале двајца полски државјани.
При извршен детален преглед на возилото, во фабричкиот резервoар за гориво со помош на алатка ,,фиберскоп -камера“ забележани се непознати предмети. Со отштрафување на четирите навртки кои се наоѓале на лименото капаче што го покрива пловакот за гориво во багажниот простор на возилото на површината на горивото во резервоарот пронајдени се 12 пластични проѕирни шишиња од 1,5 литри и едно проѕирно пластично шише од 0,5 литри сите наполнети со непозната растителна материја со зеленкаста боја. Сите пластични шишиња биле запечатени со плутани тапи, а одозгора затворени со пластични затворачи со вкупна тежина од околу 6 килограми. По извршено тестирање со тестери за дрога констатирано е дека станува збор за марихуана.
Дрогата ја купиле во Албанија и истата имале намера да ја пренесат преку Македонија во Полска. Вредноста на дрогата на нарко пазарот во малопродажба би изнесувала околу 23 илјади евра.
Заедно со овие два случаи, од почетокот на годината до сега откриени се вкупно 23 обиди за пренос на марихуана преку македонската граница, при што се запленети околу 750 кг марихуана.
И во двата случаи против сторителите Царинската управа ќе поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ до надлежното Јавно обвинителство, а сторителите ќе бидат изведени пред надлежен истражен судија. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Жена тврди дека поранешниот партнер ја натерал да земе кредити за него, а потоа не ги плаќал ратите и ѝ се заканувал, полицијата во Охрид постапува
Во Охрид, полицијата спровела службен разговор со 40-годишен маж од Гевгелија, по пријава на неговата поранешна 47-годишна партнерка, која тврди дека тој се однесувал агресивно кон неа и ѝ упатувал закани.
Жената во пријавата навела и дека поранешниот партнер ја измамил, убедувајќи ја да земе кредити на нејзино име за него, а потоа одбивал да ги плаќа ратите.
Од МВР соопштуваат дека по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава против мажот.
Црна хроника
Млади лица приведени во Аеродром и Центар оти се однесувале агресивно со полицајци
Полицијата во Скопје во неделата (9 ноември) привела две лица кои агресивно се однесувале кон полициски службеници додека извршувале службени дејствија.
На подрачјето на општина Аеродром, бил приведен Ф.Ц. (28) од Скопје, а во Центар, полициските службеници го привеле и А.М. (24) од Скопје, поради истата причина.
Од МВР информираат дека по целосно документирање на двата случаи ќе следуваат соодветни поднесоци.
Црна хроника
Скопјанка пријавила напад и закана со оружје, нејзиниот партнер тврди дека таа фрлала предмети кон него
Партнери од Скопје меѓусебно се пријавиле за напад и закани.
Прво, во неделата (9 ноември) околу 12:30 часот, 38-годишна жена пријавила во полиција дека нејзиниот 45-годишен партнер претходната ноќ, околу 00:30 часот, во неговиот дом во скопско ја нападнал со тврд предмет и ѝ се заканувал со огнено оружје.
Неколку часа подоцна, околу 15:50 часот, истиот маж се појавил во полициската станица и поднел пријава против својата партнерка, тврдејќи дека и тој бил нападнат, при што таа фрлала предмети кон него и оштетила дел од покуќнината.
Од МВР велат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

