Економија
Peugeot седишта: Навидум едноставен, но всушност хипер технолошки дел
Во висококонкурентското опкружување на автомобилската индустрија, ентериерите на возилата станаа важен елемент кај клиентите во процесот на купување. PEUGEOT, со широко распространета употреба на i-Cockpit® во скоро целата гама, има револуционерен пристап во внатрешниот дизајн на возилата, каде особено внимание е насочено кон седиштата, кои преку технолошки развој стануваат сè покомплексни. Тие подлежат на разновидни стандарди и во исто време мора да ги исполнат очекувањата на клиентите: да пренесат карактеристична и прилагодлива визуелна слика, но и да пренесат чувство на безбедност и удобност на патниците.

Во изминативе 60 години, седиштата поминаа важни технолошки пресвртници. Во 1955 година на голем дел од произведените автомобили се појавија првите прилагодувања на седиштата (прилагодување на аголот на потпирачот за грб, висина на седиштето, итн.). Peugeot, исто така, ја претстави опцијата за целосно хорзонтални седишта на својот предводник на времето: Peugeot 403.

Што се однесува до функцијата за пристап до задните седишта, таа беше лансирана во комерцијални возила во 1957 година. Другите иновации се понови, како што е поделбата на 2/3 1/3 клупа – седиште (на пример PEUGEOT 306) или додавање на трет ред на седишта кои лесно може да се извадат и складираат (PEUGEOT 5008).
Уште во 2007 година, PEUGEOT ја искористи можноста за лансирање на новата платформа EMP2 за да започне со развој на вкрстено засилување за предните седишта. Ова е модуларно вкрстено засилување кое е вградено во првата верзија на PEUGEOT 308, лансирана во 2014 година.
Оваа рамка се користи и на платформата CMP и е индустријализирана во Европа, Кина и Латинска Америка.

Ова е силен економски предизвик, со цените на трошоците што можат да надминат неколку илјади евра. Комплетното седиште се состои од 150 делови и е составено од возачко место, совозачко седиште и задно седиште.
Седиштата исто така подлежат на многу силни и разновидни дневни предизвици:
– Отпорност (морфологијата и тежината различни според корисникот);
– Употреба и абење (седиштето ќе се изаби илјадници пати во текот на неколку години или дури и децении);
– Температура (во возилото, може да варира од многу ладна до многу топла).
Во светски рамки, поимот „удобност“ се разликува според географската област:
-Во Европа, побарувачката е фокусирана на удобност на предните седишта, при што клиентите сакаат прецизност во држење на телото, странична поддршка и поддршка по долги патувања. За задното седиште, побарувачката е фокусирана на идејата за преклопување.
-Во Кина побарувачката е фокусирана на удобност на предните и задните седишта со мек пристап и мала странична поддршка. За повисоката класа, ова е надополнето со големи очекувања во однос на опремата и додатоците на задните седишта.
– Во Јужна Америка, пак, побарувачката е за оптимална апсорпција на вибрации и удобност на предните и задните седишта.

Од гледна точка на клиентот, седиштата кај автомобилите мора да исполнуваат три приоритетни и суштински функции: „Поставеност, удобност и безбедност“.
Исто како и патникот, тие даваат важен придонес во типологијата на возилото, што е специфично за секој бренд.
Од 2013 година, различните брендови на РЅА Групацијата имаат дефинирано стратегија за разграничување со која јасно се изразува DNK кодот на секој бренд.
Клиентите мора на прв поглед да се идентификуваат со брендот, при првото чувство кога ќе седнат на седиштето.
За брендот PEUGEOT, клиентот мора да ги чувствува седиштата како динамични и вертикални со поцврста поддршка.
Седиштата на иднината сè повеќе ќе бидат под влијание на модата и моменталниот тренд на облекување. Боите и материјалите што се користат за тапацирот на седиштата ќе бидат инспирирани од најголемите трендови во модата и урбаниот живот.
Благосостојбата е исто така составен дел од грижите на дизајнерите. Неодамнешните иновации вклучуваат интеграција на воздушни перничиња во пената, за да се прилагодат седиштата на морфологијата на патниците.
PEUGEOT нуди, како опција за многу возила во гамата, систем за масажа на грбот кој особено е ценет кај клиентите затоа што овозможува релаксација на патниците и опуштање на мускулите на грбот.
Во оваа ера на автомобили без возачи, седиштата ќе бидат главни адути на внатрешниот дизајн на возилото повеќе од кога било досега. Тие ќе треба да понудат повеќе можности за трансформација на патничкиот простор како што е предложено во е-LEGEND концептниот автомобил. Целта е времето поминато во автомобилот да се претвори во уживање и релаксација.
Со текот на времето новите композитни материјали ќе ја заменат делумно металната рамка на седиштата за да понуди поголема суптилност, а со тоа да се ослободи простор во патничкиот простор.
Фамозната историја за PEUGEOT седиштата јасно е дека сè уште не е завршена!
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска: Зависноста од еден извор е ризик од минатото
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествува на Berlin Global Dialogue 2025.
Оваа година, форумот се одржува под мотото „Shifting Power, Shaping Prosperity“, со фокус на тоа како новата мултиполарна реалност може да создаде стабилен и одржлив глобален развој.
Божиновска беше говорник на панелот „Shifts of Power: Strengthening Energy Resilience“, на кој истакна дека концептот на енергетска безбедност во новиот геополитички контекст се менува суштински — од класичен пристап кон енергенсите, кон отпорни и зелени системи со долгорочна стабилност.
„Енергетската безбедност повеќе не значи само количина и извор на енергија. Денес тоа е прашање на отпорност, диверзификација и транзиција кон почисти, поодржливи извори,“ рече Божиновска. „Геополитичките промени нѐ научија дека зависноста од еден снабдувач претставува сериозен ризик. Затоа нашата стратегија е јасна – поврзување со повеќе пазари, изградба на интерконектори и зајакнување на стабилноста, дури и во услови на глобална неизвесност.“
Во своето излагање, министерката се осврна на конкретните чекори што Македонија ги презема во насока на енергетска независност и одржливост:
„Го диверзифицираме снабдувањето со гас преку интерконекторот со Грција и подготвуваме инфраструктура за идниот транспорт на водород. Истовремено, ја зголемуваме домашната генерација од сонце и ветер, ја модернизираме преносната мрежа и инвестираме во складирање и дигитализација. Нашата визија е едноставна, но амбициозна – енергетски систем што е доволно флексибилен за да ги апсорбира глобалните шокови, доволно зелен за да обезбеди одржливост и доволно стабилен за да гарантира достапна енергија за сите.“
Осврнувајќи се на прашањето за рамнотежата меѓу безбедност, достапност и одржливост, Божиновска потенцираше дека трите цели не се исклучуваат меѓусебно, туку се меѓузависни.
„Не станува збор за избор меѓу безбедност, достапност или одржливост – туку за тоа како ги поврзуваме овие цели. Тоа бара стратегија, долгорочни инвестиции и пред сè соработка. Ниту една земја не може сама да ги реши глобалните енергетски предизвици, но заедно можеме да изградиме посилни и поотпорни системи.“
Министерката укажа и на значењето на новите технологии и вештачката интелигенција во енергетиката, кои, според неа, се потенцијал за подобра ефикасност, а не закана:
„Вештачката интелигенција може да ја зајакне отпорноста на системот, преку попрецизно предвидување на побарувачката, оптимизација на производството и подобра интеграција на обновливите извори. Ако се користи мудро, таа ќе ни овозможи да сме поефикасни и поподготвени за иднината.“
Економија
Детското штедење „Халки“ ја поттикнува вредната навика да се мисли на иднината
Во октомври, месецот на штедење, Халкбанк уште еднаш потсетува дека навиката за штедење не се сучи само преку бројки, туку и преку љубов, грижа и трпение. Со детското штедење Халки, банката повеќе од една деценија ги учи најмладите дека секој мал чекор денес може да донесе голема промена утре. Со слоганот „Мали чекори – големи соништа“, Халки праќа порака дека вистинската вредност не е во тоа колку имаме, туку како се грижиме за она што го имаме. Секоја уплата во детското штедење е повеќе од бројка – тоа е порака на љубов, посветеност и сигурност кон иднината на детето.
„Со детското штедење Халки сакаме да создадеме генерација која ќе ја разбере важноста на штедењето и одговорноста што произлегува од него. Сметаме дека е важно и најмладите, но и повозрасните да знаат дека штедењето не е само финансиски чин, туку начин на размислување, основа за стабилност и доверба“, вели Маја Наумовска Савеска, директор за корпоративни комуникации во Халкбанк АД Скопје.
Низ годините, слончето Халки прерасна во симбол на детското штедење и пријател на најмладите. Со својата препознатлива насмевка, Халки потсетува дека штедењето може да биде и игра и лекција. Преку сликовници, видеа, подкасти и едукативни работилници, Халки ги воведува децата во светот на финансиската писменост на едноставен, креативен и забавен начин.
Со цел да ја поттикне навиката за штедење, за сите новоотворени детски депозити во текот на октомври, Халкбанк подарува уникатна Халки касичка, симбол на првата штедна авантура. Минималниот износ за отворање детско штедење изнесува 1.000 денари или 20 евра, а потребни се само лична карта или пасош од родителот/старателот и извод од матична книга на родените за детето.
Во рамки на месецот на штедењето, Халки во соработка со неколку училишта организира едукативни работилници, каде што децата преку игра и цртежи ќе учат за историјата на парите. Целта е да се изгради генерација што ќе знае дека секоја мала паричка има своја вредност, особено кога зад неа стои љубов и цел. Кога ги учиме децата да штедат, ние не ги учиме само како да бројат, туку како да создаваат, да се грижат и да веруваат во себе. Со секоја нова штедна книшка, расте една нова приказна – приказна за љубов, стабилност и иднина.
ПР
Економија
Македонија доби речиси 2,5 милиона евра од планот за раст за постигнати резултати во намалување на неформалната економија, извести Министерството за економија
Европската комисија, во најновиот извештај за имплементацијата на Планот за раст, потврди дека Северна Македонија преку министерството за економија и труд целосно и успешно ја спроведе реформската мерка 4.1.1 – „Справување со неформалната економија во поддршка на Стратегијата за формализација на неформалната економија“, извести Министерството за економија и труд.
„Целта на мерката е унапредување на формалната економија преку интензивирање на инспекцискиот надзор и примена на пристап заснован на проценка на ризик, со фокус на секторите најподложни на неформални активности, градежништво, туризам и земјоделство.
Според оценката на Европската комисија, земјата далеку ги надминала поставените цели за зголемување на бројот на инспекции и резултатите од надзорот во рамките на оваа реформа со вкупна вредност од приближно 2,5 милиони евра, насочени кон јакнење на институциите, дигитализација на инспекциските служби и зајакнување на формалната економија.
Државниот инспекторат за труд (ДИТ) спроведе 16.464 инспекции во периодот јули 2024 – јуни 2025, што претставува 242% зголемување во однос на целта за 20% зголемување во однос на просекот од 2020–2023 година.
Притоа се откриени 543 нерегистрирани работници, што е зголемување од над 200% во однос на претходните години.
Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) реализира 669 инспекции, што е 40% повеќе од целната вредност, при што издадени се 222 управни решенија, а 18 нерегистрирани економски оператори се затворени поради непочитување на законите.
Овие постигнувања се резултат на спроведување на пристап заснован на проценка на ризик при планирањето на инспекциските активности, со приоритетно насочување кон секторите најпогодени од неформална економија – градежништво, туризам и земјоделство. Двете институции применуваат методологии за управување со ризик и активно користат дигитални алатки за подобрување на ефективноста и транспарентноста во своето работење
Европската комисија во својата оценка нагласува дека Северна Македонија ја реализирала реформата „целосно и успешно“, без утврдено двојно финансирање и со целосна усогласеност со европските стандарди.
Ова признание од Европската комисија е потврда за сериозната работа на институциите и за конкретните резултати кои носат корист и за граѓаните и за бизнисот. Справувањето со сивата економија е еден од клучните приоритети на Владата и Министерството за економија и труд– заедно со европските партнери ќе продолжиме да градиме одржлива, конкурентна и формална економија“, соопшти Министерството за економија и труд.

