Македонија
Затвореникот од „Идризово“ се заразил на викенд, 18 затвореници се во самоизолација

Осумнаесет затвореници од затворот „Идризово“ се во самоизолација поради контакт со осуденик што се заразил со коронавирус. Директорот Боби Мојсовски вели дека целото крило во приземјето е изолирано и така ќе остане во наредните 14 дена. Меѓу изолираните, поради контакт со заболениот осуденик, е и Сеад Кочан, кој издржува казна затвор од четири години и осум месеци.
„Затвореникот беше на викенд од 24 до 27 јуни. На 30 јуни имаше покачена температура поради што веднаш беше изолиран. Му беше направен тест на коронавирус, кој беше позитивен. Целото крило е во самоизолација во траење од 14 дена бидејќи сите затвореници се соба до соба и имале меѓусебен контакт“, вели Мојсовски за „Макфакс“.
Тој додава дека ниту еден затвореник досега не развил симптоми ниту, пак, имало бурни реакции поради тоа што во затворот е евидентиран случај на заразен со вирусот. Мојсовски се надева дека нема да има зголемен број заболени во затворот, но доколку се случи тоа, алтернативата е да се лекуваат во објектот на затворот, кој е во склоп на Клиничкиот центар во Скопје.
„Очекувавме да се случи и ова, иако сме заштитени со протокол, затворениците потпишуваат изјава при излегување, запознаени се со сите работи. Ним им беше забранет викендот, но тие сакаа да одат. Речиси 300 луѓе имаа право да искористат викенд. Ако не ги пуштевме, тие ќе реагираа, па ќе реагираа народниот правобранител, Хелсиншкиот комитет и така натаму. Тие се запознаени дека треба да ги почитуваат мерките за заштита, да носат заштитна маска, да одржуваат дистанца, да не се групираат“, додава Мојсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Поради изградба на објект, оштетен е ѕид и кровот на куќата на Владо Малески во Струга, споменик заштитен како културно наследство

Поради изградба на објект, оштетен е ѕид и кровот на куќата на Владо Малески во Струга, споменик заштитен како културно наследство, информира Министерството за култура и туризам.
„Во врска со оштетувањата на споменик на културата на ул. „Браќа Миладиновци“ бр. 16 во Струга, информира дека министерот Љутков е во координација со надлежните институции за преземање на соодветни мерки. Стручните лица при НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид веднаш извршија увид на објектот, кој се наоѓа во Првата зона на Струга, со посебен режим на заштита согласно Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион со Акциски план 2020–2029“, велат од Министерството.
Од таму додаваат дека при увидот се констатирани значителни оштетувања– рушење на јужниот калкански ѕид и дел од кровната конструкција, настанати при ископ за изградба на соседен објект.
НУ Завод и музеј – Охрид го доставил наодот и предлогот до Управата за заштита на културното наследство – Скопје за натамошно постапување.
Од Министерството велат дека инспекциската служба при УЗКН ќе постапи согласно своите надлежности, со цел заштита и зачувување на вредностите на овој споменик на културата заштитен со Решение на Управата за заштита на културното наследство од 2017 година..
„Министерството за култура и туризам остро реагира на секое неодговорно и несовесно постапување што доведува до оштетување на заштитени објекти и апелира до сите инвеститори и граѓани да се придржуваат кон законските процедури и кон условите за заштита на културното наследство, кое претставува непроценливо богатство на нашата држава“, велат од Министерството.
Владо Малески (5 септември 1919 – 23 септември 1984) е истакнат македонски писател, општествено-политички работник, издавач и револуционер. Автор е на текстот на македонската химна „Денес над Македонија“. Роден е во Струга.
Фото: фејсбук
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Неадекватното работење и криминалот на ДУИ ја урна куќата на Владо Малески

Неадекватното работење и криминалот на ДУИ ја урна куќата на Владо Малески, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Градоначалникот на ДУИ од Струга даде градежна дозвола за објект до куќата на Владо Малески и ја загрози истата со нејзино уривање. Криминалот на ДУИ и неадекватното работење прави штета по државата секој ден. Јавното обвинителство мора да постапи и отвори истрага. Очекуваме одговорност за штетата“, велат од партијата.
Од таму изразија надеж дека Министерството за култура ќе направи се да ја поправи штетата направена од ДУИ и ќе ја обнови куќата на Владо Малески.
Македонија
Мицкоски на средбата со фон дер Лајен: Државата очекува од Европската Унија јасна и конкретна посветеност

Денес во просториите на Владата, премиерот, Христијан Мицкоски, имаше средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во рамки на нејзината балканска турнеја.
Мицкоски информира дека на средбата се разговарало за европската перспектива, напредокот на реформските процеси, економската соработка, енергетската безбедност и дигиталната трансформација.
„Ја истакнав решеноста на Владата да ја забрза евроинтеграцијата на државата преку конкретни резултати и исполнување на европските стандарди. Посочив дека државата очекува од Европската Унија јасна и конкретна посветеност, како потврда на европската перспектива и поддршка за граѓаните кои со децении остануваат посветени на европските вредности“, вели Мицкоски.
Според него, посетата на претседателката на Европската комисија претставува потврда на отворениот дијалог и заемната подготвеност за продлабочување на партнерството, во интерес на стабилноста, економскиот развој и европската иднина на земјата.