Европа
Грција ветува дека ’ќе стори сé’

Грчката влада вети дека „ќе стори сé што е во нејзина моќ“ за следната седмица да постигне договор со своите меѓународни кредитори, расположувајќи ги инвеститорите во периодот кога Атина и Брисел во петокот ги започнаа техничките разговори за договорот.
Стравот од финансиски хаос претходно ги натера штедачите да ги повлечат депозитите од грчките банки. Банкарски извори за Reuters изјавија дека токму тоа е причината што Европската централна банка (ЕСВ) во четвртокот осигури повеќе пари за грчките банки, сума која се проценува на 65 милиони евра, по тешките преговори меѓу министрите за финансии од земјите во еврозоната во понеделникот.
Грчката берза силно порасна откако новиот премиер Алексс Ципрас се согласи неговите соработници да седнат на преговарачката маса со претставниците на трите меѓународни доверители на неговата земја, Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд, познати како „тројката“.
Сепак, холандскиот министер за финансии, која ќе претседава со состанокот во понеделник, ги ублажува очекувањата во постигнување брзо решение. „И натаму сум многу песимист“, истакна министерот Јероен Дијселбом. Додаде дека очекувањата на Грците од нивната влада се превисоки. „Но можноста, земајќи ја предвид ситуацијата во нивната економија, се многу ограничени. Според тоа, потребни се големи прилагодувања и не знаеме дали ќе ги постигнеме во понеделник“, рече уште холандскиот министер за финансии.
„Ќе сториме сé што можеме за во понеделник да постигнеме договор“, изјави Габриел Сакеларидис, соработник на премиерот Ципрас.
Министрите за финансии од еврозоната не успеаја во средата да се договорат ниту за заедничката изјава за тоа како да се продолжи финансирањето на Грција по истекот на актуелната тригодишна програма за помош која истекува на 28-ми февруари.
Ципрас сака нов пакет, ослободен од непопуларните мерки за штедење, и тешките услови. Меѓутоа, Германија којашто цврсто ја поддржуваат другите 17 членки на еврозоната, е истрајна на тоа дека новата грчка влада треба да го продолжи постојниот аранжман за неколку месеци, додека не развие нова стратегија, доколку тоа го сака.
Сакеларидис, исто така, изјави дека нема да биде катастрофа доколку министрите за финансии во понеделник во Брисел не дојдат до решение. Тој став, пак, во целост не го споделуваат во другите европски престолнини, особено во Берлин и во Хелсинки, каде што секој договор со Грција мора да го ратификуваат тамошните национални парламенти./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Шведската полиција уапси осомничен за пукањето во кое загинаа три лица

Шведската полиција објави дека привела осомничено лице по пукањето во кое загинаа три лица во градот Упсала во вторникот.
Лицето е осомничено за убиство и е едно од неколкуте лица кои се испрашуваат како дел од истрагата, изјавија полицајци за новинарите.
Пукањето се случило во фризерски салон во Упсала, додадоа тие.
Полицијата соопшти дека инцидентот се смета за „изолиран“ и не е поврзан со големите прослави на Валпургиската ноќ што се очекуваат во Упсала во среда.
Европа
Русите ги нападнаа Харков и Днепар со беспилотни летала: едно лице загина, 46 повредени

Роеви руски беспилотни летала ги нападнаа украинските градови Харков и Днепар доцна синоќа, при што загинаа најмалку едно лице, а најмалку 46 беа повредени, соопштија официјални лица.
Харков, кој се наоѓа на североисток, во близина на руската граница и е втор по големина град во Украина, е цел на редовни руски напади со беспилотни летала и ракети откако Москва ја започна својата тотална инвазија пред повеќе од три години. Во нападот врз градот доцна синоќа се повредени најмалку 46 лица, меѓу кои две деца и една бремена жена, соопшти регионалниот гувернер Олех Синехубов.
Нападите се случија откако САД, кои се обидоа да посредуваат во мировен договор меѓу Русија и Украина, изјавија дека ќе се повлечат како посредник доколку Москва и Киев не излезат со конкретни предлози.
Завчера, рускиот претседател Владимир Путин прогласи тридневен прекин на огнот од 8 до 10 мај по повод 80-годишнината од победата на Советскиот Сојуз и неговите сојузници во Втората светска војна, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на итен прекин на огнот во траење од најмалку 30 дена.
Градоначалникот на Харков, Игор Терехов, изјави дека вчера биле цел на напади неколку делови од градот, кој бил опустошен од последователни напади. Харков е дом на околу 1,2 милиони луѓе, во споредба со речиси 2 милиони пред почетокот на инвазијата во февруари 2022 година. „Врз Харков беа извршени 16 напади. Беше погодена висока станбена зграда, како и приватни куќи, медицински објект и цивилна инфраструктура“, напиша Терехов на Телеграм.
Во југоисточниот град Днепар, беспилотни летала предизвикаа пожари, при што загина 53-годишен маж, а уште едно лице беше повредено, изјави Серхиј Лисак, гувернер на регионот Днепар.
„Тешка ноќ за Днепар. Приватни куќи беа оштетени“, напиша Лисак на Телеграм. Тој рече дека девет руски беспилотни летала биле уништени над регионот преку ноќ. Целосниот обем на ноќниот напад врз Украина не е познат. Двете страни негираат дека гаѓале цивили. Во масовен руски напад со беспилотни летала врз Днепар минатиот месец загинаа четири лица и предизвика голем пожар во хотелски и ресторански комплекс и други згради.
Европа
Хеликоптери летаат над Шведска, полицијата оди од врата до врата: убиецот е сè уште во бегство

Три лица се убиени во пукотница што се случи вчера во фризерски салон во центарот на Упсала, потврди шведската полиција. Напаѓачот избегал со скутер и сè уште е во бегство.
Пукањето се случило во близина на плоштадот Ваксала, а локалните медиуми објавија дека полицијата опколила голем дел од градот и започнала истрага за тројно убиство.
Сведоците за шведската телевизиска станица ТВ4 изјавија дека сè траело неколку секунди. „Сè се случи многу брзо. Само слушнавте бам, бам, бам“, рече еден очевидец. Друг рекол дека бил дома и готвел кога слушнал „два истрела што звучеле како огномет“, по што улиците биле преплавени со полициски и итни возила кои ги предупредувале луѓето да се засолнат.
Една од жртвите, според информациите објавени од шведската национална телевизија СВТ, била под истрага за наводно подготвување напад врз роднина, водач на банда.
Пукањето се случило вечерта пред прославата на Валпургиската ноќ, традиционален пролетен фестивал кој привлекува илјадници луѓе во Упсала секоја година. Градот во северна Шведска е познат по својот универзитет и бучните прослави во пресрет на Први мај.
Поради инцидентот, железничкиот сообраќај беше привремено запрен за да се спречи евентуално бегство на сторителот, потврди портпаролот на полицијата Магнус Јансон Кларин, додавајќи дека во потрагата е вклучен и полициски хеликоптер. Возовите подоцна продолжија со сообраќајот, а полицијата оди од врата до врата за да собере дополнителни сведоштва.
Министерот за правда Гунар Штромер го опиша нападот како „брутален чин на насилство“.
Полицијата на својата веб-страница објави дека ги разбира загриженостите на граѓаните пред фестивалот, но дека во моментов веруваат дека ова е изолиран инцидент и дека нема опасност за јавноста.
Во февруари, десет лица беа убиени во пукање во образовен центар во шведскиот град Еребро.