Македонија
(Видео) Докторите порачуваат: Неуморно се бориме за здравјето и животот на сите пациенти
Здравствените работници преку видео обраќање до јавноста бараат поддршка од граѓаните. Тие апелираат да се почитуваат мерките за да може да им се помогне и на нив, кои, како што велат, изминативе 9 месеци се во првите борбени редови.
Исто така додаваат дека неуморно го даваат својот максимум во третманот и грижата за пациентите, а дека капацитетите на болниците се веќе преполнети, па динамиката на излекување и прием на нови пациенти е се потешко одржлива. Целиот медицински персонал, како што велат докторите Милена Стевановиќ, Дејан Докиќ, Калина Гривчева-Старделова, Илир Демири, Ирена Рамбабова Бушљетиќ, Димитар Каркински и медицинскиот техничар Сабри Азири, е преморен, но тие не се откажуваат во грижата за пациентите.
„ Ангажирани сме цело време со сета наша желба да дадеме најдобро што можеме. Одамна престанавме да пресметуваме работно време. И ние имаме семејства, имаме деца, имаме постари родители. И ние не сакаме да ја однесеме болеста дома, ниту пак да се разболиме. Се трудиме и ќе настојуваме ниту еден пациент да не остане без потребната медицинска заштита за третман во болнички услови. Ова ќе трае и само сплотени можеме да дадеме придонес, за да можеме да им помогнеме на нашите пациенти. Ве молиме! Придржувајте се до препораките, носете ги маските, одржувајте ја дистанцата. Само така ќе излеземе победници во оваа битка“, порачуваат докторите.
Носењето на заштитна маска, одржувањето на физичка дистанца, негрупирањето како и честото миење на рацете се клучните мерки во справувањето со ковид-19 кризата. Докторите со апел до граѓаните, да бидат одговорни и да се грижат за сопственото здравје и здравјето за најблиските.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

