Македонија
Акциски план за надминување на состојбата со Преспанското Езеро доставен до Владата

Министерството за животна средина и просторно планирање на 25-та Седница на Владата, одржана на 1 декември, достави анализа и акциски план за Преспанското Езеро, која беше подготвена од Експертската работна група (ЕРГ), а во која беа вклучени актуелните и пензионирани професори, експерти, технички стручни лица од релевантните институции (хидролози, биолози, геолози) кои работеле и работат на оваа проблематика, како и претставници на Македонското еколошко друштво (МЕД) и други експерти кои работат на тематски проекти во Преспанскиот Регион.
Бидејќи планот проектира итни, среднорочни и долгорочни мерки, со дефинирани задолжени институции и субјекти и финансиски импликации, Владата го разгледа извештајот и ги задолжи сите институции предвидени во акцискиот план да се произнесат, со цел итно усвојување на Планот и пристапување кон негова реализација во најкус можен рок.
Во интерес на информирање на јавноста во продолжение е изложен пресек на спроведени активности и прогрес во подготовката на планот за надминување на состојбите со намалениот водостој на Преспанското Езеро во рамки на Експертската работна група, како и прекуграничната сорботка.
1.Неформалните средби започнаа да се одржуваат на политичко, административно и експертско ниво уште од февруари 2020 година, при што беа дефинирани чекорите за адресирање на прашањето со Преспанското Езеро на национално и трилатерално ниво.
Еден од утврдените чекори на национално ниво беше формирање на експертска работна група што ќе направи пресек на досега изготвените плански документи и спроведени мерки, како и научните анализи за изготвување на акциски план за итни интервентни мерки со финансиска конструкција во најкус можен рок, покрај започнатите процеси со долгорочна перспектива;
2. На 1 октомври 2020г. беше воспоставена и формално Експертската работна група (од претставници од релевантните научни институти, универзитети, УХМР, НВО и институции) и одржан првиот работен состанок на кој беа формирани две подргупи за работа: Тим биолози и тим хидролози.
3. ЕРГ ги собра сите изработени и достапни документи и досега спроведени студии за целиот Преспански Регион, и ја воспостави рамката за креирање на акцискиот план врз основа на два главни документи:
– Стратешката акциона програма за Дрим со препорачани активности за управување од март 2020 г. (Програма усвоена од трите земји во рамките на проектот за управување со сливот на Дрим)и
– Планот за управување со сливот на Преспанското Езеро.
4. На 9 ноември 2020г. беше одржан третиот работен состанок и воедно последната заедничка средба на целата ЕРГ во полн состав при што беа извлечени клучните задачи за двата тима и закажани посебни средби за нивна фокусирана работа.
5. На 10 ноември 2020 г., координаторот на ЕРГ, (помошник-раководител на Секторот за води во МЖСПП) одржа средба на техничко ниво и со колегите од Албанија и Грција и беа побарани податоци и сознанија од нивна страна, за чија размена беше договорен следен состанок на 11.12.2020,
6. На 23 ноември 2020 г. беа презентирани првите заклучоци и нацрт акциски план со финансиска конструкција во рамките на ЕРГ и МЖСПП.
7. На 1 декември 2020 г. до Владата беше доставена на разгледување и усвојување Информација со анализа и акциски план за Преспанското Езеро во која се утврдени фазно сет на мерки, од брзи интервентни, до среднорочни и долгорочни активности, пропратени со предлози за финансирање (национален буџет и меѓународни фондови) со цел долготрајно надминување на состојбите со Преспанското Езеро.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Попладнево во Кочани се одржа 27. „Марш за ангелите“

Попладнево во Кочани се одржа 27. „Марш за ангелите“ по дождливо време и според вообичаената маршрута, но без давање официјална изјава од нив, што досега беше начин на комуникацијата на родителите на починатите со јавноста.
Преку испишаните пораки на транспарентите, тие и денеска за трагедијата во „Пулс“ ги обвинија институциите, од кои бараат правда и праведно судење. Десетина минути беше блокиран сообраќајот на улицата „Стево Теодосиевски“, кај двојниот мост на Кочанска Река.
Маршот за нивните ангели родителите го почнаа од „Паркот на Револуцијата“, од каде се упатија кон Трговскиот центар. Марширањето продолжи кон Основниот суд со кратки запирања пред зградата на УЈП и Полициската станица.
27. „Марш за ангелите“ во Кочани денеска заврши каде и што почна – во „Паркот на Револуцијата“.
Македонија
Починато лице на списокот за гласање, ДИК отфрли седум и прифати три приговори за лично избирачко правo

Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница отфрли седум приговори поднесени од граѓани за лично избирачко правo, а прифати три. Отфрлени како неосновани беа приговорите на Радица Радеска од Битола, Зилќафете Мемеди од Желино, Иџел Камбери од Желино, Гордана Радеска од Битола, Јетон Далипи од Струга, Весна Трајкова од Кичево и Оливер Трајановски од Куманово. Прифатени, пак, беа приговорите на Божидар Алтипармаков од Битола, Адис Таири од Гостивар и Едина Таири од Гостивар. Тројцата утре ќе може непречено да го остварат своето право на глас, но се должни со себе на гласачкото место да го донесат и покажат решението што ќе го добијат од ДИК како правен основ да бидат запишани во дополнителнот образец на Избирачкиот список.
На седницата беше усвоена и Одлуката за поништување на потврдена листа за членови на Совет на Град Скопје поднесена од Движењето за национално единство на Турците (ДНЕТ). Образложението е дека ДИК на 17 октомври, по допрен глас, дошла до информација дека на оваа листа има починато лице. ДИК предложи за овој случај понатаму да постапува Јавното обвинителство.
-ДИК согласно Деловникот и Изборниот законик констатира дека се поништува потврдената листа од Изборната комисија на Град Скопје за членови на Совет поднесена од ДНЕТ. ДИК одлучи дадените гласови за поништената листа членовите на избирачките одбори да ги евидентираат како неважечки гласачки ливчиња во записникот за гласање. Исто така, членовите на општинските изборни комисии кои спроведуваат гласање за Град Скопје, како и Изборната комисија на Град Скопје нема да ги сметаат како добиени гласови во соодветните записници за сумирање и утврдување на резултаите од гласањето, објасни претседателот на ДИК, Борис Кондарко.
Членот на ДИК, Александар Даштевски рече дека ваков случај, на предложено починато лице, имало и лани. Листата била отфрлена.
-Беше покрената и кривична постапка што е предвидено за вакви случаи, истакна Даштевски.
На седницата ДИК информира дека досега за следење на утрешните локални избори се пријавени 1 463 набљудувачи од кои 807 домашни и 644 мешународни, како и 12 странски новинари. ДИК воедно денеска им одобри акредитации за следење на изборниот процес и на уште двајца новинари од Радио-телевизија Косово.
Беше прифатена и Одлуката за доделување дополнителни средства на општинските изборни комисии за локалните избори.
Попладневната 147. седница на ДИК, како што напомена Кондарко, останува отворена за евентуално пристигнување на други приговори.
-Јавноста ќе биде известена за продолжение на седницата. Сега само ја прекинуваме, а ќе ја продожиме денеска ако има потреба, ако не, утре ќе констатираме дека ја затвораме, објасни Кондарко.
Македонија
Скандал во студентскиот дом „Гоце Делчев“, студент снимал девојки додека се туширале

Студент бил фатен како тајно снима студентка во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје.
„На 16 октомври 2025 во 20 часот и 10 минути во СВР Скопје, 22-годишна девојка од Прилеп, со престој во студентски дом на подрачјето на Карпош, пријавила дека истиот ден околу 17 часот, додека се туширала забележала телефон над параваните.
Според пријавата, А.М. (22) од Богданци ѝ кажал дека тој ги направил фотографиите. Лицето е приведено во полициска станица, а одземени му се лаптоп и компјутер.
„СВР Скопје презема мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.