Црна хроника
Најдена ДНК на еден од обвинетите во Монструм во „опел омегата“
Судот во петокот изведуваше писмени докази предложени од обвинителството за случајот Монструм, односно за грозоморното убиство на Смилковското езеро.
Во автомобилот „опел омега“ којшто беше најден неколку дена по убиството и со кој, според обвинението, се превезувале дел од обвинетите биле пронајдени потни траги од ДНК на првообвинетиот Алил Демири. Според обвинението, Агим Исмаиловиќ го зел ова возило од паркинг во Топанско поле, додека обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, по убиството, со истиот автомобил дошле на обиколницата кај Качанички пат каде ги чекал обвинетиот Хаки Азири, го оставиле „опелот“ и се качиле во автомобилот на Азири.
Според адвокатот на дел од обвинетите, Насер Рауфи овој доказ нема никаква врска со убиството, а автомобилот не бил виден на местото на убиството.
На тркалата на овој автомобил било најдено земјиште кое се совпаѓа со земјиштето на Смилковското езеро. И ова, според Рауфи не е релевантен доказ бидејќи таков вид на земјиште имало на огромна површина. Сопственоста на автомобилот „опел омега“ се уште не е утврдена.
Траги од обвинетите и од автомобилот „опел омега“ на местото на убиството, според Рауфи не се најдени. Не е најдено ниту оружјето со кое биле извршени убиствата.
„Поголемиот дел од доказите се работи кои се најдени кај обвинетите при претресите во домовите, некои папиларни линии на документи од обвинетите. Значи ништо од писмените докази нема поврзаност со убиството. Сигурен сум дека нема докази од проста причина што обвинетите не се сторителите на овој грозоморен чин“ изјави Рауфи.
Меѓу доказите на обвинителството беа листа на појдовни и дојдовни повици на телефоните на обвинетите, односно предмети коишто биле најдени при претресите во домовите на обвинетите.
Се споменуваа вештачења на траги од биолошко потекло, отпечатоци од обвинетите на документи и сметки коишто биле најдени во нивните домови, мал црн нотес, address book, на обвинетиот Африм Исмаилови, како и верска литература.
Меѓу доказите е и идентификација според фотографии од страна на загрозениот сведок Е1.Телефоните на обвинетите биле прислушувани од 21 април девет дена по петкратното убиство.
Митко Солаков, адвокат на обвинетиот Сејди Рами побара судот да утврди со кого разговарале точно обвинетите, бидејќи неговиот клиент се товари единствено врз основа на телефонските повици.
И адвокатот на останатите обвинети, Насер Рауфи побара да се селектираат телефонските повици односно, да се издвојат повиците кои се поврзани со кривичното дело од другите повици. Судијата рече дека ќе ги земе во предвид нивните забелешки во текот на постапката, кога ќе се направи севкупна анализа на севкупниот материјал, во фаза на одлучување.
Судскиот процес за грозоморното убиство коешто ја потресе цела земја почна на 20 декември минатата година, а на обвинителната клупа седнаа Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Рами Сејди и Хаки Азири. Судењето се снима визуелно и тонски со две камери. На другите двајца обвинети, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ кои се во бегство,им се суди во отсуство.
Во убиството коешто се случи на 12-ти април без причина беа убиени матурантите Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефковски./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Пронајдена дрога во тетовско, уапсени две лица
Вчера во 23:30 часот во с.Боговиње, тетовско, полициски службеници од Полициското одделение Камењане ги лишија од слобода Б.А.(20) и Ф.А(20) двајцата од с.Боговиње.
При преглед на патничко возило „фолксваген голф“ со тетовски регистарски ознаки, во кое се превезувале, била пронајдена и одземена марихуана.
По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава.
Црна хроника
Уапсени двајца малолетници од Скопје, не застанале на полициска патрола, со мотоцикл удриле полицаец
Ноќеска во 00:45 часот во Скопје, на подрачјето на Карпош, полициски службеници од СВР Скопје лишија од слобода и приведоа двајца 16-годишници од Скопје.
При вршење службени дејствија, околу 00:10 часот на бул.„Митрополит Теодосиј Гологанов“ во Скопје, полициски службеници забележале мотоцикл без регистарски ознаки, кој го управувал еден од малолетниците, но тој не застанал на знак за запирање, по што со мотоциклот удрил во еден полициски службеник и му нанел повреди.
Набргу, по преземени мерки мотоциклот е запрен и тие се фатени, при што малолетниот сопатник агресивно се однесувал кон полициските службеници.
По целосно документирање на случајот, против двајцата ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
Топ
Работник од Дебар загина по несреќа на градилиште, починал на пат кон болница
Работник од Дебар го загуби животот по несреќа на градилиште што се случила вчера претпладне.
Како што било пријавено во ОВР Дебар околу 11:35 часот од Итната медицинска помош, 40-годишниот С.К. од Дебар починал на пат кон болницата во градот. Според информациите, околу 11:15 часот тој паднал од зграда во изградба на улицата „Братство единство“ во Дебар, каде што бил ангажиран на работа.
По несреќата, повредениот бил пренесуван кон болницата, но им подлегнал на повредите за време на транспортот.
На местото на настанот излегле трудов инспектор и јавен обвинител, а по нивна наредба телото на починатиот е предадено на обдукција. Увид на локацијата извршила екипа од ОВР Дебар.

