Свет
ОН: Џихадистите раселиле речиси половина милион луѓе во Мозамбик
Високата комисија на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР) во понеделникот соопшти дека џихадистичките напади во северниот дел на Мозамбик предизвикале најмалку 424.000 луѓе да ги напуштат своите домови, уништувајќи го регионот кој штотуку започнал да закрепнува од циклонот Кенет во 2019 година, пренесува „Ројтерс“.
УНХЦР предупреди дека конфликтот може да се прошири и надвор од Мозамбик и да создаде уште поголем бегалски бран.
„Ова е ситуација која започнува во една земја, но ако сите земји не се здружат за да се справат со неа и чекаат премногу долго, таа може да се прошири во подрегионот“, изјави шефот на УНХЦР за Јужна Африка, Валентин Тапсоба.
Високиот комесар на ОН за човекови права, Мишел Башелет, минатиот месец ја нарече ситуацијата во Мозамбик очајна и рече дека е од витално значење за локалните власти да се погрижат хуманитарните агенции да имаат безбеден и непречен пристап за да обезбедат помош и заштита на животите, особено во екот на пандемијата на коронавирус.
Башелет рече дека ОН веруваат дека илјадници се заробени и се кријат во северниот дел на Мозамбик, протерани од своите домови од насилствата на исламистичкиот бунт, преплашени од убиствата, сексуалното малтретирање, киднапирањата и присилното регрутирање од страна на вооружени групи.
Во Северен Мозамбик има милијарди долари во резерви на нафта и гас, големи меѓународни корпоративни напори за пристап до тие ресурси, голем број осиромашени локални жители и џихадистички бунт што започна како народно востание пред неколку години, а потоа се развија врските со Исламска држава и нападите добија подивјачки карактер.
Масовните обезглавувања и суровите напади врз селаните во ноември привлекоа повеќе меѓународно внимание кон бунтот, што стана пресилно за да може да го потиснат владата на Мозамбик или странските безбедносни компании.
Владата на Мозамбик во петокот објави меѓународен апел за средства за помош на бегалците од северниот дел на регионот Кабо Делгадо. Според Тапсоба, УНХЦР има само една третина од 19,2 милиони долари потребни за да ги нахрани и засолни бегалците во 2021 година, и предвиде дека претстојната дождовна сезона ќе ја претвори веќе тешката ситуација во кошмар.
Лидерите на Зимбабве, Јужна Африка и Боцвана се сретнаа во главниот град на Мозамбик, Мапуто, во понеделникот за да разговараат за соработка против бунтот.
Танзаниските безбедносни сили кон крајот на ноември објавија дека ќе почнат заеднички операции со Мозамбик како одговор на октомврискиот напад врз едно село во Танзанија со дивеење на бунтовниците од Кабо Делгадо.
Минатата недела американските власти изјавија дека се загрижени поради влошената безбедносна состојба во Мозамбик и понудија американска помош за ограничување, деградирање и пораз на џихадистите. Руски платеници наводно се веќе на терен и претрпеле значителни жртви во борбите со бунтовниците.
Претседателот на Мозамбик, Филипе Нјуси, сè уште официјално нема побарано воена поддршка од другите нации против милитантите, кои имаат околу 3.000 борци. Многу од бегалците од Кабо Делгадо заминаа јужно во Пемба, пристанишен град со население од 205.000 жители, кој сега е домаќин на над 130.000 раселени лица.
Властите во Пемба изјавија дека притисокот врз здравствената, санитарната и транспортната инфраструктура станува огромен предизвик и предупредија дека на нивните преоптоварени полициски сили им недостасува работна сила за да ги отстрани терористите од бегалците што доаѓаат.
Локалните жители во понеделникот изјавија за Франс прес дека луѓето кои пристигнуваат со товарни бродови од северен Мозамбик едноставно ја подмитуваат полицијата и влегуваат во Пемба без безбедносни проверки.
„Тие го нападнаа моето село и ја грабнаа ќерка ми. Дојдов во Пемба и ме пречека едно семејство овде. Сè уште не сум заборавил што се случи. Не спијам. Ме боли главата. Мислам дека треба да ја запрат оваа војна “, изјави бегалец за „Франс прес“.
Резервите на гас во Мозамбик се толку важни што беа еден од ретките исклучоци во политиката на Велика Британија за прекин на проектите за нафта и гас во странство во борба против климатските промени, објавени од премиерот Борис Џонсон во понеделникот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Берлин под притисок: се бара дијалог меѓу Мерц и Путин
Германскиот канцелар Фридрих Мерц треба директно да разговара со рускиот претседател Владимир Путин, изјави Адис Ахметовиќ, експерт за надворешна политика на фракцијата на Социјалдемократската партија на Германија во Бундестагот, во интервју за „Зидојче Цајтунг“.
Ахметовиќ оцени дека фактот што Берлин ги препушта преговорите на двајца американски претприемачи за недвижности – Стив Виткоф и Џаред Кушнер – предизвикува значителна недоверба. Тој го изјави ова коментирајќи го трилатералниот состанок одржан во Абу Даби.
Според него, шефот на германската влада мора да покаже храброст и да преземе поактивна улога во процесот на решавање на конфликтот.
Пред состанокот, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Москва позитивно ги оценила преговорите на делегациите на Русија, Соединетите Американски Држави и Украина во Абу Даби.
Свет
Данската премиерка: Светскиот поредок каков што го знаеме е завршен
Данската премиерка Мете Фредериксен предупреди дека ерата на сегашниот светски поредок е завршена, велејќи дека не верува дека некогаш ќе се врати. Таа ја даде изјавата на јавен форум во Париз, каде што учествуваше со премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, пишува „Гардијан“.
Обраќајќи се пред студентите, Фредериксен нагласи: „Светскиот поредок каков што го знаеме е завршен и не мислам дека ќе се врати“. Таа, исто така, предупреди дека „Русија не сака мир со Европа“ и ги повика Европа и САД да „се држат заедно“.
Осврнувајќи се на неодамнешните тензии со САД околу Гренланд, данската премиерка рече дека двете страни делат загриженост за безбедноста на Арктикот и дека ќе „се обидат да најдат заеднички пат со САД“.
Премиерот на Гренланд, Нилсен, исто така, зборуваше за последиците од тензиите со САД врз локалното население.
„Како влада, се соочуваме со задачата да се спротивставиме на надворешните притисоци и да се грижиме за нашите луѓе кои се исплашени и преплашени“, рече тој.
Европа
Холандија доби ретка малцинска влада и најмлад премиер во историјата
Лидерите на политичките партии во Холандија се согласија да формираат ретка малцинска влада, беше објавено во вторник.
Центристичката проевропска партија Д66, која победи на изборите во октомври минатата година, ќе ги здружи силите со конзервативните христијански демократи и десничарската VVD во коалиција која ќе има само 66 места во долниот дом на парламентот со 150 места.
Коалицијата, исто така, нема мнозинство во Сенатот, горниот дом на парламентот, што може да блокира закони донесени во долниот дом, и ќе треба да побара поддршка од опозициските партии за да ги спроведе своите политики.
Владата ќе ја предводи лидерот на Д66, Роб Јетен, 38, кој ќе стане најмладиот премиер во холандската историја.
Се очекува пратениците на партиите да го ратификуваат договорот за коалиција во наредните денови, а формалната презентација се очекува во петок.
Останатите позиции во кабинетот ќе бидат пополнети во наредните недели, а се очекува новата влада официјално да биде именувана во рок од еден месец.

