Економија
(Видео) Трипуновски: Владата веднаш да изврши 100 отсто зголемување на субвенциите на тутунот
Главниот виновник за проблемите со кои се соочуваат тутунарите во моментот е Зоран Заев. Заев е човекот што дозволи увоз на тутун, со што ја спушти цената на тутунот на домашниот пазар, го загрози домашното производство, но и остави простор за големи количини да останат неоткупени, изјави Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Заеви се влезени во бизнисот со тутун и тој го гледа само својот бизнис-интерес, а не интересот на тутунарите. Тутунарите, нивната мака и труд се целосно погазени и потценети. Во моментот имаме за класа до две пониска процена, со што цената на тутунот е повеќе од 60 денари пониска од истиот период минатата година. Годинава ја имаме буквално најниската цена на тутунот по 2005 година.
Дополнително, илјадници семејства немаат каде да го продадат својот тутун затоа што има над 3 милиони тони тутун за кој немаат потпишано договори. Власта не нуди конкретни решенија, туку ги влечка тутунарите по состаноци на кои им ветуваат работи, кои не држат ниту до наредниот состанок.
Пред да биде доцна, пред тутунот да скапе, а тутунарите да останат без леб, предлагаме веднаш на владина седница да бидат усвоени следниве мерки:
1. Зголемувањето на субвенцијата за тутун 100 %, односно од сегашните 60, 70 и 80 денари субвенцијата да биде 120 денари за трета и четврта класа, 140 за втора и 160 денари за прва класа, со што ќе се надомести разликата во цената што во моментот е на терен. Пари за оваа мерка има доволно во буџетот ако се скрати од непродуктивните трошења и луксузи што власта самите си ги изгласа само пред неколку дена.
2. Државата да интервенира со обезбедување пари и преку Тутунскиот комбинат „Прилеп“ да го откупи вишокот тутун до последното ливче.
3. Итна постапка да се измени Законот за тутунот и да се врати старото законско решение со кое беше забранет увоз на тутун во Република Македонија.
4. Инспекторите од Државниот земјоделски инспекторат секојдневно да бидат распоредени на откупните места и да го контролираат процесот и текот на откупот“, истакна Трипуновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Зголемување од 15 проценти на откупот и продажбата на земјоделски производи во последното тримесечје, споредбено со лани
„Минатата година, следејќи ги сите тримесечја во споредба со 2024 година, и последниот извештај потврди позитивни трендови во земјоделството. Според официјалните податоци, откупот и продажбата на земјоделските производи во последното тримесечје изнесуваат 12,5 милијарди денари, што претставува раст од 15% во однос на истиот период од 2024 година“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски од Струмица.
Тој додаде дека растот не се однесува само на откупните и продажните цени, туку и на зголемениот квантитет на земјоделски производи.
„Според табелите објавени од Државниот завод за статистика, речиси кај сите земјоделски производи се бележи зголемување на количините. Особено се издвојуваат грозјето, пченицата и јаболката, како и производството во сточарството, особено во свињарството, овчарството и производството на говедско месо“, појасни Трипуновски.
Тој додаде дека зголемувањето на количините е забележано и кај останатите земјоделски култури, што претставува значаен показател дека 2025 година може да се оцени како успешна, со зголемен интензитет и на откупот и на извозот на земјоделски производи.
Економија
Мицкоски: Очекувам инфлацијата да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека Државниот завод за статистика излезе со извештај за инфлацијата и какви се очекувањата за оваа година, изјави:
„Во делот на храната, минатата година имаше „божиќна кошничка“, „јануарска кошничка“ и така ќе биде и во април. Инаку ценам дека ќе се движиме во рамките на проекцијата под 3% на ниво на годишна инфлација оваа година. Кога ќе ја споредиме стапката, горе-долу е иста како во регионов. Освен во соседна Србија каде што е 2,2 – 2,3 поради тоа што они имаат мерка, онаа мерка со ограничување на цените на производите. Првиот момент кога ќе ја напуштат таа мерка, тогаш сето ова ќе се нивелира и наеднаш ќе имаат пик, бидејќи ние тоа го видовме една година пред они тоа да го имплементираат и затоа одлучивме преку други механизми да се бориме против инфлацијата.
Инаку што се однесува до другите месеци, јас очекувам да бидат под 3%. Да речеме има држави во Европа како што е Романија, каде што инфлацијата во јануари е 9,8%, има Турција каде што е двоцифрена инфлацијата, преку 30%, соседна Бугарија, Хрватска и така натаму, да ги редам, голем број примери во Европа, каде што инфлацијата е многу поголема од таа што е кај нас. Јас очекувам кај нас инфлацијата оваа година на годишно ниво да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме.“
Економија
Дурмиши: Со системски мерки и партнерство ја намалуваме неформалната економија и го јакнеме формалниот сектор
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска се обрати на конференцијата „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“, посветена на системските мерки и заедничките политики за намалување на сивата економија и јакнење на формалниот сектор.
Во своето обраќање, министерот Дурмиши истакна дека неформалната економија е сложен и долгорочен предизвик кој ја нарушува конкуренцијата, ги оштетува работниците и го намалува фискалниот капацитет на државата.
Тој нагласи дека за дел од граѓаните непријавената работа не е избор, туку нужност, што бара одговор преку креирање пристојни и стабилни работни места.
„Секој компромис со сивата економија значи понизок економски раст, помалку јавни услуги и понизок квалитет на живот. Затоа ни се потребни системски, конзистентни и одржливи решенија“, потенцираше министерот.

