Македонија
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ порачаа: Не смее да има за Макпетрол, а да нема за народот
Со реплики и контрареплики до раните утриснки часови во собраниската сала пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се обидоа да го спречат носењето на законот за решавање на спорот помеѓу Владата и АД Макпетрол со кој се предвидува да се признае негова сопственост од 50% и да му се исплатат 33 милиони евра. 39 дискутанти од опозицијата говореа против предложениот закон кој според нив е против основните начела на правото. Опозицијата порачува дека не се откажува и нема да дозволи да помине законот.
Меѓу нив пратеникот Игор Јанушев порача:
„6:45 часот во Собранието на Република Македонија … пленарната седница за криминално-рекетарската влада на Заев и СДССМ со “закон” да му исплатат 33 милиони € на Макпетрол (Телма) се уште во тек … повеќе од 20 часа непрекинато! А, ви кажав – се лажете дека може на “кондиција да не фатите”!, нашиша Јанушев на својот Фејсбук профил.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ очекуваат претседателот на Собранието да стави вето на законот , доколу тој се изгласа. Пратеничкта Дафина Стојановска порача дека ќе има уште вакви битки и дека победата ќе ја извојуваат тие за доброто на граѓаните.
„Нема одмор…Продолжуваме со подготовки за следната битка. Бидејќи, “демократите”на власт денес за денес закажаа нови две седници. Нема проблем, предизвикот се прифаќа.
Се гледаме подоцна“, вели Стојановска.
Во групата рекации на социјалните мрежи се придружи и пратеникот Бојан Стојаноски кој порача дека нема да дозволат да има пари за Макпетрол, а да нема за народот.
„Маратонска седница од 20 часа и борба без престан.Сеуште сме тука и не им дозволуваме да им помине КРАЖБАТА од 33 милиони евра. Доста е од богатење на олигарси. Не смее да има за Макпетрол, а да нема за народот. Ова ги чека за секој обид незаконски да украдат од народот“, порача пратеникот Стојаноски.
Законот сепак не беше изгласан бидејќи не беа присутни доволен број на пратеници од мнозинството. Седницата за овој Предлог-закон дополнително ќе биде закажана.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Цвета корупцијата во земјоделието, дали и Трипуновски е замешан во шемата на неговиот директор Стоилев, прашуваат од СДСМ
Цвета корупцијата во земјоделието, дали и Трипуновски е замешан во шемата на неговиот директор Стоилев?
Кога директор на државна институција, Илија Стоилев, кадар на ДПМНЕ е фатен со обележани банкноти за мито јасно е дека корупцијата во земјоделието цвета, истакнуваат од СДСМ.
„Година и пол се зборува дека се бараат провизии, дека се задржуваат предмети, дека службеници трпат притисоци. Сега тоа доби потврда со раце фатени во криминал.
Очигледно станува збор за систем на рекетирање во институција што треба да биде мотор на развојот. И тоа е систем на ВМРО-ДПМНЕ и на никој друг.
Со години се градеше поинаков систем што требаше да им помогне на земјоделците, да ја отвори вратата кон европските фондови и модерно земјоделство. Но за само година и пол под оваа власт на ДПМНЕ, сè е срушено“.
Според СДСМ, се потврдува оценката на Европската унија во својот најнов извештај: „нула напредок во борбата против корупцијата.“
„Наместо да зборуваме за инвестиции, модерни фарми и извоз, денеска зборуваме за рекет, обележани пари и мито во фиоки.
Прашањето сега е што правиме со министерот Цветан Трипуновски?
Зошто молчи? Ќе има ли оставка од Трипуновски, ќе понесе ли одговорност? Или ќе гледаме уште една фарса со смена на некој службеник, додека главните виновници остануваат недопирливи?
Дали ова е дел од поширок систем на злоупотреба на европски пари што треба да завршат кај земјоделците, а завршуваат во партиски џебови?
Колку други случаи на земање мито и корупција се прикриени во Агенцијата и Министерството“, прашуваат од опозициската партија.
Додаваат дека додека земјоделците чекаат исплати, парите од ИПАРД и субвенции завршуваат во рацете на партиски рекетари и за тоа мора да има одговорност од сите.
Македонија
Турчин фатен со злато вредно половина милион денари на аеродром, Македонец од Лондон шверцувал „Епл“ уреди
Царински службеници и мобилни царински тимови запленија 92 грама златни плочки и монети, „Епл“ уреди, 37.500 евра, цигари, парфеми и детска облека со потпис на заштитени трговски марки.
Златни плочки со тежина од 53 грама и 11 златни монети со тежина од 39 грама се пронајдени при контрола на багаж на турски државјанин на излез од државата, на граничен премин Меѓународен Аеродром Скопје. Проценетата вредност на златото изнесува 538 илјади денари.
Во друг случај царинските службеници од Меѓународен Аеродром Скопје при контрола на багаж на патник, македонски државјанин, кој допатувал со лет од Лондон пронајдоа два лаптопи и еден мобилен телефон од брендот „Епл“.
Вкупно 37.500 евра се запленети од страна на мобилните царински тимови, во два одвоени случаи на влез во државата на граничен премин Табановце.

Во првиот случај, при личен претрес на српски државјанин кој со автомобил со српски регистарски таблички се пријавил за влез во државата на граничниот премин Табановце, во џебовите од неговата јакна биле пронајдени непријавени 24 илјади евра. Согласно закон, му биле вратени 10 илјади евра, износ што може слободно да се внесе во државата, а останатите 14 илјади биле привремено задржани.
Во вториот случај, во фиоката пред совозачкото седиште на автомобил со македонски регистарски таблички со кој македонски државјанин се пријавил за излез од државата на граничниот премин Блаце, биле пронајдени непријавени 25.500 евра. Согласно законските прописи на патникот му биле вратени 2 илјади евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, додека 23.500 евра биле привремено задржани.
96 кутии цигари без акцизни маркички и 34 ремени за прицврстување товар во товарни возила, се откриени во два одвоени случаи на граничниот премин Ново Село.
Во првиот случај, во багажниот простор на автомобил со бугарски регистарски таблички управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата, биле пронајдени 96 кутии цигари без акцизни маркички и 10 ремени за товар.
Во вториот случај, во багажниот простор на автомобил со македонски регистарски таблички управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата, биле пронајдени 24 ремени за товар.
Македонија
Случајот Стоилев ја откри корупцијата во земјоделството преку ИПАРД програмите, велат од Левицата
Последниот случај со апсење на Илија Стоилев, директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и претседателот на ОК ВМРО-ДПМНЕ од Свети Николе под сомнение за земање мито, само ги потврдува гласините дека за добивање на средства од ИПАРД фондовите се бара поткуп, велат од Левица.
„Стоилев е уапсен во акција што ја водеше Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Неофицијално, акцијата е поврзана со пријава дека Стоилев побарал и примил мито од апликант за да му се додели договор за финансиска поддршка преку програмата ИПАРД. По пријавата во МВР, на апликантот му биле дадени обележани банкноти, со чија помош директорот бил фатен при земањето на парите.
Години наназад е општо познато помеѓу земјоделците и апликантите за средства од ИПАРД програмите, дека за добивање на грант за набавка на земјоделска механизација или друга опрема, постоела тарифа за плаќање на мито“.
Овој случај, според Левица, само ја потврдува тезата дека ИПАРД проектите се високо коруптивни и дека е потребен нов, систематизиран пристап кон финансирање и поддршка на развојот на земјоделството и одржливоста со домашното производство на храна.
Потребна е, додаваат од партијата, темелна реформа во начинот на распределба на средствата, со поголема транспарентност, јавна контрола и дигитализација на процесите за да се исклучи човечки фсктор и можност за злоупотреби.
„Најважна е едукацијата на земјоделците за да можат самостојно да аплицираат, а не да зависат од посредници и консултанти кои најчесто се тесно поврзани со вработените во Агенцијата.
Само со воспоставување на фер, транспарентен и одговорен систем, земјоделството ќе се ослободи од клиентелизмот и корупцијата и ќе стане двигател на економијата“.
Фото: принтскрин




