Македонија
Германија донираше возила и опрема за Граничната полиција во вредност од 660.000 евра
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со германската амбасадорка Анке Холштајн присуствуваше на свеченото примопредавање на опрема – донација од Сојузното министерство за внатрешни работи на Сојузна Република Германија за нашето министерство за внатрешни работи.
„Неспорен е фактот дека од осамостојувањето на нашата земја до денес, Сојузна Република Германија беше и останува наш доследен поддржувач и партнер, давајќи огромен придонес во нашите напори да изградиме стабилно, демократско и просперитетно општество, подготвено да стане рамноправен член на евро-атланските асоцијации“, истакна Спасовски, при преземањето на возилата и опремата наменети за потребите на Граничната полиција, донација од Сојузното министерство за внатрешни работи, градежништво и татковина на Сојузна Република Германија.
Донацијата, вредна околу 660.000 евра, опфаќа 22 возила, од кои 10 од марката „дачиа дастер“ и 12 од марката „форд фокус“, со вредност од 370.000 евра кои ќе бидат предадени за користење на Бирото за јавна безбедност за потребите на Граничната полиција и техничка опрема во вредност од 290.000 евра, која се состои од: опрема за присилно запирање на возила – модел „Стингер“, oпрема за напредна проверка на документи – модел „Регула“, термални камери со долг дострел, батериски лампи, светлечки стоп-палки, чизми и флуоросцентни елечиња.
„Ми причинува задоволство што можам да ви предадам опрема во вредност од 660.000 евра – донација од 22 теренски возила, термални камери, апарати за проверка на документи, уреди за присилно запирање на возила и друга опрема. Сојузна Република Германија исклучително ја цени поддршката на полицијата на Република Северна Македонија, особено на граничните служби, во справувањето со миграциските текови на Балканската рута“, рече амбасадорката Холштајн.
Според Холјштајн, заедничкото менаџирање со мигрантските текови во Европа е исклучително важно за постигнување успеси во овој сегмент. „Вашата работа е доказ за одговорност и професионалност, па во 2020 година службите постојано и успешно се справуваа со групи за криумчарење мигранти. Се надеваме дека овие успеси ќе продолжат и во 2021 година. За тоа колку ние важна соработката со вас покажува и фактот што минатата година назначивме и офицер за соработка со граничната полиција во германската амбасада. Уште еднаш ја изразувам мојата срдечна благодарност за добрата соработка и вашиот ангажман“, посочи германската амбасадорка.
Министерот Спасовски во свое име и во име на Министерството за внатрешни работи упати благодарност до германската влада и до колегите од германското Министерство за внатрешни работи за вредната донација и за нивната искрена подготвеност за понатамошна поддршка и помош, која придонесува кон продлабочување на билатералните односи меѓу двете земји и кон квалитативно надградување на капацитетите на МВР на Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Божиновска со студентите инженери од проектот „Македонска Формула“: Македонија има талент за европската инженерска сцена
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини оствари работна средба со студентите инженери од проектот „Македонска Формула“. Тимот MES Racing – првиот и единствен македонски Formula Student тим, кој успешно ја претставува државата на меѓународната инженерска и технолошка сцена.
На средбата, студентите го презентираа својот проект, визијата и досегашните активности, преку кои младите инженери стекнуваат практични знаења и работат по принципи на реална инженерска компанија, развивајќи иновативни решенија и современи технологии. На проектот работат четириесетина студенти од различни факултети и секој во рамки на својата област дава придонес за развој на овој проект.
Министерката ја нагласи важноста од континуирана институционална поддршка за младите инженери, потенцирајќи дека инвестицијата во нивното знаење, креативност и иновации е директна инвестиција во иднината на државата. Таа истакна дека ваквите студентски иницијативи се од исклучително значење за развојот на техничките науки, јакнењето на домашниот инженерски кадар и задржувањето на младите таленти во земјата.
„Наш приоритет е да создадеме средина во која младите инженери ќе бидат охрабрени, поддржани и мотивирани да ги развиваат своите идеи и иновации. Проекти како ‘Македонска Формула’ покажуваат дека Македонија има знаење, визија и потенцијал да биде дел од европската и светската инженерска заедница,“ истакна министерката.
Од тимот MES Racing нагласија дека поддршката и соработката со институциите претставуваат значаен поттик за понатамошен развој на студентското инженерство, како и за унапредување на практичната едукација и технолошките капацитети во земјата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на поддршка на младите, науката, иновациите и инженерските решенија, како клучен сегмент во градењето на одржлива и конкурентна економија, додаваат од министерството.
Македонија
Владата на Мицоски ја отвори вратата за 10.000 странски работници, велат од СДСМ
Владата на Мицкоски донела одлука со која се отвора вратата за нови 10.000 странски работници во земјава во 2026 година, истакнуваат од СДСМ.
„Одлуката од денеска стапува на сила и се однесува на значително зголемен број во споредба со лани од дури 4.500 лица.
Доаѓаат таканаречените „економски работници“. Иако во Македонија се уште има речиси 100.000 невработени и стапката на невработеност е двоцифрена. Се беше подготвено, сега само се реализира планот. Склучија „стратешки договор“ за кој известија британските медиуми, за мигранти, потоа го сменија Законот за странци со кои ги олеснија условите за доаѓање, престој и работа“.
Ги скратија процедурите, додаваат од опозициската партија, го продолжија времетраењето на дозволите.
„Се создаде правна рамка за долгорочно задржување во државата, ако има „стратешки парнер“ секако. Донесоа резолуција – Декрет за да и забранат на опозицијата да говори за мигранти.
Тоа што се подготвуваше, почна“.
Македонија
Лекарската комора дава поддршка за новиот Закон за заштита од пушење
Лекарска комора на Република Северна Македонија изрази поддршка за новиот Предлог-закон за заштита од пушење и за мерките што со него се воведуваат, оценувајќи дека тие се во насока на унапредување на јавното здравје и заштита на населението, особено на децата, младите и ранливите групи.
Од Комората посочуваат дека лекарите секојдневно се соочуваат со последиците од употребата на тутунски и никотински производи и изложеноста на чад, кои, како што наведуваат, се директно или индиректно поврзани со кардиоваскуларни заболувања, малигни болести, хронични белодробни состојби и други сериозни здравствени проблеми.
Следејќи ги добрите европски практики, Лекарската комора смета дека новите мерки за контрола на тутунските и никотинските производи, како и заштитата од пасивно пушење, ќе придонесат за намалување на бројот на нови корисници, особено кај младите, поефикасна заштита на непушачите во затворени простории и создавање поздрава животна и работна средина.
Во соопштението се нагласува дека здравјето на граѓаните мора да биде над сите други интереси и дека доследното почитување на законските ограничувања може да резултира со помал број хоспитализации и долгорочни придобивки за целото општество.
Од Лекарската комора информираат дека остануваат подготвени активно да учествуваат во подигање на јавната свест за опасностите од употребата на тутунски и никотински производи и да дадат поддршка на мерките кои водат кон поздрава и побезбедна заедница.

