Регион
Балканската рута станува се почеста за шверцерите со луѓе
Шверцерите на бегалци и мигранти моментално се повеќе ја користат рутата преку Македонија, Србија и Унгарија до Австрија, отколку онаа преку Средоземјето, покажале последните резултати на агенцијата Фронтекс.
Шверцерите на бегалци и мигранти моментално се повеќе ја користат рутата преку Македонија, Србија и Унгарија до Австрија, отколку онаа преку Средоземјето, покажале последните резултати на агенцијата Фронтекс.
Од јануари до јули оваа година, 102.342 луѓе влегле во Австрија преку западен Балкан, што е за најмалку 10 илјади повеќе од бројот кон влегол во Европа преку рутата на „централниот Медитеран“, објавил Фронтекс.
Додека продолжува истрагата за трагедијата во која во камион во Австрија беа пронајдени телата на десетици бегалци, од Европол во неделата објавиле дека ќе одржат низа состаноци на кои ќе присуствуваат претставници од најмалку шест земји, што покажува дека шверцерите работат на повеќенационално ниво, контролирајќи ја оваа се повеќе популарна рута, пренесува британски Guardian.
Европол досега собрал податоци од 500 агенции ширум Европа и брзо ги поврзал уапсените во врска со смртта на бегалците. Непосредно по апсењето на возачот на камионот во кој биле пронајдени телата, агенцијата ја лоцирала криминалната мрежа, распространета ширум континетот.
„Во својата база на податоци, доста брзо воспоставивме врска со еден или повеќе осомничени, што беше доста корисно за австриските власти, бидејќи отвори некои нови патишта во истрагата, која ја координираме со многу европски земји“, рекол шефот на Европол, Роб Вајнрајт.
Третина од актуелните 130 истраги на Европол за шверцот на луѓе се поврзани со криминалните групи кои изворно настанале поради шверцот на дрога, перењето на пари и продажбата на девојки како бело робје.
Агенцијата во неделата соопштила дека идентификувала три илјади „сериозни играчи“, поврзани со трговијата на луѓе во Европа./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Тепачка во турскиот парламент додека новиот министер за правда полагаше заклетва
Во турскиот парламент изби тепачка меѓу пратениците на владејачката АКП и опозициската ЦХП за време на полагањето заклетва на новиот министер за правда Акин Гурлек.
Инцидентот настанал кога опозициски пратеници се обиделе да го спречат Гурлек да се заколне, по што дошло до туркање и физичка пресметка. Седницата била прекината околу 15 минути.
Гурлек на крајот ја положил заклетвата, додека опозицијата фрлала копии од Уставот кон претседателот на парламентот.
ЦХП оцени дека неговото назначување е удар врз демократијата, додека АКП тврди дека постапката е во согласност со Уставот.
Регион
Косово доби нова влада, Курти повторно е премиер
Парламентот на Косово ја изгласа новата влада, повторно предводена од премиерот Албин Курти, по повеќе од една година политички ќорсокак во најмладата земја во Европа.
Новата влада на Курти беше потврдена со 66 гласови „за“ во парламентот со 120 места. Неговата партија „Ветевендосје“ (Самоопределување) освои 57 места на декемвриските избори, а тој успеа да добие поддршка од неколку мали партии на етничките малцинства.
Новата влада се соочува со итни задачи за одобрување на буџетот за 2026 година и обезбедување меѓународни заеми и пакети за помош во вредност од стотици милиони евра, пишува Ројтерс.
„Во следните четири години, ќе ги зајакнеме сојузите и ќе инвестираме една милијарда евра во одбрана“, им рече Курти на пратениците пред гласањето.
„Ќе ставиме во употреба фабрика за муниција, ќе ја развиеме воената индустрија на Косово и ќе произведуваме домашни борбени беспилотни летала.“
Земјата со 1,6 милиони луѓе одржа предвремени избори во декември 2025 година по неубедливите резултати во февруари.
Курти кратко беше премиер во 2020 година, сè додека не беше изгласан за разрешување од функцијата. Потоа беше премиер од 2021 до 2025 година, а изминатата година ја помина водејќи привремена влада.
Косовскиот парламент сега мора да избере и нов претседател до 5 март, процес што ќе се покаже како предизвикувачки бидејќи бара двотретинско мнозинство. Без таква поддршка, на Курти ќе му биде потребна поддршката од опозицијата или ќе се соочи со уште едни предвремени избори, објави Ројтерс.
Регион
Хрватска, заедно со Албанија и Косово, ќе одржи заедничка воена вежба
Албанскиот министер за одбрана Пиро Венгу го најави одржувањето на првата трилатерална воена вежба меѓу Албанија, Косово и Хрватска во 2026 година, како дел од неодамна потпишаниот договор за соработка меѓу трите земји.
Венгу објави дека е направен уште еден важен чекор во спроведувањето на трилатералниот договор, истакнувајќи дека началниците на генералштабовите на Албанија, Косово и Хрватска одржаа заеднички состанок со цел понатамошно подобрување на воената соработка.
Според него, фокусот на соработката е на зајакнување на воената координација, поголема интероперабилност и подигнување на оперативната подготвеност на вооружените сили на трите земји. Посебен акцент е ставен на развојот на заеднички вежби и обуки за справување со безбедносните предизвици и хибридните закани.
„Првата трилатерална вежба ќе се одржи во 2026 година, во согласност со Стратешкиот концепт на НАТО и евроатлантските цели“, објави Венгу.
Во Скадар се одржа состанок на началниците на генералштабовите на вооружените сили на Албанија и Хрватска и командантот на Косовските безбедносни сили, а состанокот предизвика реакција од српското Министерство за одбрана, кое го оцени како закана за мирот во регионот, пренесуваат медиумите во соседството.
Српското Министерство за одбрана објави дека остро го осудува трилатералниот состанок, оценувајќи дека продлабочувањето на воената соработка претставува фактор на притисок и безбедносен предизвик за Србија и српскиот народ на Косово, како и закана за мирот и стабилноста во регионот.
Претходно, на 30 јануари во Загреб се одржа состанок на Хрватска, Албанија и Косово на ниво на директори за одбранбена политика и вооружување.
Сите овие состаноци се одржаа по меморандумот за соработка во областа на одбраната и безбедноста што Албанија, Хрватска и Косово го потпишаа на 18 март 2025 година во Тирана.

