Црна хроника
Изречени казни за маж и жена од Германија, поради фалсификувани ПЦР-тестови
Маж и жена од Германија, а со потекло од Косово, се обиделе да ја напуштат земјава со прикажување фалсификувани ПЦР-тестови на Меѓународниот аеродром Скопје.
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против маж и жена, државјани на Германија по потекло од Косово, кои се товарат за кривично дело фалсификување исправа од член 378 став 1 од Кривичниот законик.
На 22 февруари, на Меѓународниот аеродром Скопје, на граничниот премин при излез од државава, пред овластените службени лица за проверка на пасошите, двајцата сопружници употребиле лажни потврди за негативни ПЦР-тестови за SARS-CoV-2 вирус. Иако знаеле дека потврдите на кои стоело дека се издадени од една лабораторија во Скопје се лажни, тие ги прикажале како вистински.
По признание на вина, Основниот кривичен суд Скопје донесе пресуда за двајцата обвинети, огласувајќи ги за виновни и им изрече условна осуда – казна затвор во траење од две години, која нема да се изврши доколку обвинетите за време од пет години не сторат ново кривично дело. Во исто време, на обвинетите им е изречена и казна – протерување од територијата на Република Северна Македонија во траење од пет години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Група од шест лица физички нападнале 15-годишник во Аеродром
Вчера во СВР Скопје, М.Ј.(49) од Скопје пријавила дека претходниот ден околу 22:15 часот на подрачјето на општина Аеродром, нејзиниот 15-годишен син бил пресретнат од шест лица на возраст од 17 до 20 години.
Едниот од нив му се заканил и му побарал пари, но откако не нашол пари кај детето, физички го нападнал.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Возач во Арачиново удрил во тројца пешаци, меѓу кои и тригодишно дете
Возач во Арачиново удрил во тројца пешаци, меѓу кои и тригодишно дете на паркинг.Тројцата со повреди се пренесени во болница.
Според информациите на МВР, вчера околу 18:10 часот во СВР Скопје е пријавено дека на паркинг простор кај село Арачиново, скопско, патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Н.Б.(29) од с.Арачиново, удрило во паркирано возило „фолксваген венто“ со скопски регистарски ознаки, паркирано од Н.С.(38) од с.Арачиново, а потоа и во пешаците Џ.К.(30), 35-годишната А.С. и тригодишно дете, сите од с.Арачиново.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила А.С., додека со телесни повреди се здобиле Џ.К. и тригодишното дете, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“.
Извршен е увид од увидна екипа од СВР Скопје.
Црна хроника
Кривична пријава за жител на струшко за кражба на струја
Полицијата поднесе кривична пријава против Н.А.(55) од струшкото село Подгорци поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас“.
Според информациите на МВР, на 18.09.2025, при контрола на мерни броеви било утврдено дека тој неовластено извршил премостување на мерната опрема, при што директно од мрежата преземал нерегистрирана електрична енергија.
На тој начин тој се стекнал со противправна имотна корист од 184.329 денари.

