Црна хроника
Спречен шверц на 750 штеки цигари од Македонија во Велика Британија

Четворица македонски државјани со двоен пасош, македонски и бугарски, се обиделе да прошверцуваат 750 штеки цигари преку аеродромот „Александар Велики“ во Велика Британија, каде на црниот пазар би заработиле 75.000 евра.
Царинските службеници на аеродоромот „Александар Велики“, во вторник наутро, спречиле обид за шверц на 748 штеки цигари.
Во вторникот околу 5 часот на скопскиот аеродром „Александар Велики“ царинските службеници во соработка со граничната полиција, при вршење на редовна контрола на стоки и патници за летот на релација Скопје -Лондон Лутон, кај четворица македонски државјани пријавени за излез од државата откриле поголема количина цигари од различен бренд.
На прашањето дали имаат нешто да пријават четворицата патници, сите со двојно државјанство и носители на бугарски пасоши, одговориле негативно. По барање на царинските службеници за увид во личниот багаж на патниците пронајдени се вкупно 478 штеки цигари WINSTON, WINSTON BLUE, CAMEL, DIVA, LD RED, LD BLUE, KARELIA OM, KARELIA SLIMS. 615 штеки се со македонски контролни маркички, додека 133 штеки се без акцизни маркички.
При извршениот службен разговор, утврдено е дека станува збор за организирана група која се обидела да шверцува цигари и дека цигарите се наменети за продажба на црниот пазар во Лондон, каде вредноста би достигнала до 75 илјади евра.
Цигарите се одземени, а против прекршителите е отпочната постапка пред Комисијата за одлучување по царински прекршоци./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Топ
Претходно осудувано лице: скопјанецот кој го усмрти пешакот со мотоцикл, немал возачка дозвола

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 25-годишен скопјанец, осомничен за -Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1, но и за кривично дело – Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, на 1 јули управувал мотоцикл „Кавасаки“ без истакната регистарска табличка на задниот дел, по пешачката патека покрај зграда на улицата „Јован Хаџи Константинов – Џинот“.
Возел преку површина наменета за движење на пешаци, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето. Иако бил свесен дека поради тоа може да настапи штетна последица, осомничениот се согласил со нејзино настапување и кога дошол во близина на зградата, брзината на движење на моторот не ја приспособил. Освен тоа, управувал без да поседува возачка дозвола и на недозволено место, па со левиот страничен дел од мотоциклот удрил во телото на пешакот Југослав Николовски, кој се движел по пешачката патека. При ударот, оштетениот останал да лежи повреден на патеката, а возачот и неговиот сопатник паднале на коловозот.
Пешакот се здобил со тешки телесни повреди поради кои следното утро починал, а полесно повреден бил и сопатникот на моторот. Наместо да укаже помош, осомничениот го оставил мотоциклот и другите двајца повредени и пеш го напуштил местото, соопшти обвинителството.
Фактот, како што велат надлежните, дека осомничениот веднаш по настанот избегал од местото на несреќата и извесен период бил недостапен за органите на прогонот, за јавниот обвинител е потврда за опасноста тој повторно да се даде во бегство доколку биде пуштен да се брани од слобода.
„Освен тоа, станува збор претходно осудувано лице, кое и на критичниот ден направило две кривични дела едно по друго, што упатува на опасноста тој да го повтори делото или да стори друго кривично дело.
На тие основи, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот“.
Топ
МНР со детали за несреќата во Србија: загинатиот Македонец има 39 години, тешко повреден е уште еден македонски државјанин

МНР соопшти дека до Амбасадата на Република Северна Македонија во Белград е доставена информација за сообраќајна незгода.
Според соопштението несреќата се случила во близина на Суботица, во која животот го загубил македонски државјанин, роден во 1986 година.
„Во незгодата е повредено уште едно лице, исто така македонски државјанин, кое со тешки повреди е хоспитализирано на одделението за реанимација во клиничкиот центар.
Амбасадата е во редовна комуникација со семејството на починатото лице, со цел навремено завршување на сите неопходни административни постапки за транспорт на посмртните останки во Република Северна Македонија“, информира МНР.
Црна хроника
Откриени околу шест килограми амфетамин при претрес во Скопје, уапсени шест лица

Основното јавно обвинителство Скопје денеска поведе постапка против шест лица, поради основано сомнение дека заеднички вршеле продолжено кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 3 во врска со став 1 и во врска со член 45 од Кривичниот законик.
Предистражната постапка на Основното јавно обвинителство Скопје во соработка со Министерството за внатрешни работи траеше неколку месеци, а дел од доказите беа обезбедени со примена на посебни истражни мерки.
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници врз основа на обезбедени судски наредби, извршија претреси на повеќе локации во Скопје и Куманово заради целосно разоткривање на лицата и нивните активности кои траеле подолг временски период.
Согласно обезбедените докази, постои сомнение дека тие заедно со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, така што претходно неовластено набавувале, држеле и продавале психотропна супстанца – амфетамин, кој е класифициран во Националната Листа II на контролирани психотропни супстанции, како и 3,4-метилен-диоксиметамфетамин (MDMA)-психотропна супстанца, класифициранa во Националната Листа I на контролирани психотропни супстанции.
При претресите на неколку локации беа пронајдени околу 6 килограми амфетамин, но и повеќе таблети, пакувања со растителна материја, како и други предмети кои се предмет на вештачење по наредба на јавниот обвинител.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје денеска достави предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа за сите шест лица лишени од слобода, временски период неопходен за прибирање докази, анализа на обемниот доказен материјал и за завршување на вештачењата.