Свет
„Модерна“ доби дозвола од ФДА да ја зголеми дозата во шишињата со вакцина
Администрацијата за храна и лекови на САД одобри две измени во вакцината на „Модерна“ против Kовид-19, што може да обезбеди побрзо производство и имунизација на населението во САД.
ФДА објави дека се одобрени нови шишиња од вакцината на „Модерна“, кои може да содржат до 15 дози во споредба со претходните оригинални шишиња дизајнирани да содржат 10 дози, објавуваат американските медиуми.
Покрај тоа, регулаторот на САД потврди дека до 11 дози може безбедно да се користат од постојните пакувања на шишенца од 10 дози и предупреди дека без соодветни шприцови и игли можеби нема да може да се извлечат повеќе од 13 дози од шишињата и овие промени ќе бидат додадени на упатствата на ФДА за здравствените работници, соопшти агенцијата.
Медиумите пренесуваат дека „Модерна“ најавила оти планира да почне со испорака на новите шишиња со 15 дози во наредните недели и дека истовремено нејзината вакцина ќе биде доставена во шишиња што содржат 11 или 15 дози.
Овие измени, потврдени од ФДА, треба да помогнат во зголемувањето на расположливите резерви и да се забрза вакцинацијата бидејќи претседателот Џо Бајден вети дека ќе обезбеди доволно дози за да ги имунизира сите возрасни во САД до крајот на мај и неодамна постави нова цел од 200 милиони вакцини во првите 100 дена од неговата администрација.
Покрај вакцината на „Модерна“, во моментот и оние на „Фајзер“ и „Бионтек“ и „Џонсон и Џонсон“ се одобрени за употреба во САД, а водечкиот американски стручњак за инфективни болести, Ентони Фаучи, за „Ројтерс“ изјави дека на земјата можеби не ѝ е потребна вакцината на „Астра зенека“ против Ковид-19, дури и ако добие одобрение од ФДА.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп вели дека Украина не изразила никаква благодарност за напорите на САД
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека Украина не изразила никаква благодарност за напорите на САД.
-„Лидерството“ на Украина изрази нулта благодарност за нашите напори, а Европа продолжува да купува нафта од Русија. САД продолжуваат да продаваат огромни количини оружје на НАТО, за дистрибуција во Украина (измамникот Џо даде сè, бесплатно, вклучително и „големи“ пари), напиша Трамп на платформата „Truth social“.
Тој ја даде изјавата додека високи функционери од САД, Украина и советниците за национална безбедност на Франција, Велика Британија и Германија разговараат за нацрт-планот на САД за завршување на војната во Украина во Женева.
-Војната меѓу Русија и Украина е насилна и ужасна војна која, со силно и вистинско американско и украинско лидерство, никогаш немаше да се случи. Започна долго пред да го земам мојот втор мандат, за време на администрацијата на заспаниот Џо Бајден, и само се влоши, рече Трамп.
„Доколку претседателските избори во 2020 година не беа наместени и украдени, немаше да има војна меѓу Украина и Русија…Наследив војна што никогаш не требаше да се случи, војна што е губитничка за сите, особено за милионите луѓе што толку непотребно загинаа, заклучи Трамп.
Свет
Зеленски: Мировниот план на САД може да вклучува елементи од клучно значење за Украина
Предлогот на САД за запирање на војната во Украина може да вклучува делови што се засноваат на украинските перспективи и се од клучно значење за украинските национални интереси, изјави денеска претседателот на земјата, Володимир Зеленски.
„Веќе имаме кратка информација од членовите на делегацијата за резултатите од првиот состанок и првите преговори“, напиша Зеленски на „Х“ за разговорите со ЕУ и САД во Женева.
-Работата продолжува за постигнување на главната цел што ја очекува нашиот народ: да се стави крај на крвопролевањето и војната, додаде тој.
Во исто време, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека украинските власти не изразиле никаква благодарност за напорите на САД по ова прашање, а Европа продолжува да купува нафта од Русија.
Свет
Фон дер Лајен: ЕУ мора да игра централна улога во обезбедувањето мир во Украина
Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, денеска изјави дека ЕУ мора да игра „централна улога“ во обезбедувањето мир во Украина и дека ова е еден од главните елементи за „праведен и траен мир и суверенитет на Украина“.
Делегација од Украина, европски безбедносни претставници и американска делегација предводена од државниот секретар Марко Рубио денеска се среќаваат во Женева за да разговараат за неодамна протечениот предлог на САД за прекин на војната во Украина.
Во соопштение објавено на веб-страницата на ЕК, фон дер Лајен изјави дека одржливиот мировен план, покрај запирањето на војната, не смее „да сее семе на иден конфликт“.
Таа додаде дека „границите не можат да се менуваат со сила“ и го отфрли ограничувањето на персоналот во украинската армија, што е една од точките на протечениот мировен план.
-Не може да има ограничувања на украинските вооружени сили што би ја направиле земјата ранлива на идни напади и со тоа би ја поткопале европската безбедност, се вели во соопштението.
Фон дер Лајен изјави дека „Украина мора да има слобода и суверено право да ја избере својата судбина“ и дека избрала „европска судбина“, додавајќи дека ЕУ ќе продолжи да работи со Украина, коалицијата на земји што ја поддржуваат Украина и САД за да се постигне „вистински напредок кон мирот“.
Таа изјави дека „клучен елемент“ на мировниот договор мора да биде и „враќањето на секое украинско дете киднапирано од Русија“.

