Спорт
Синот на Ленс Армстронг обвинет за силување малолетничка
Лук Армстронг, синот на велосипедистот Ленс Армстронг, кому му беа одземени рекордните седум титули од Тур де Франс поради допинг, е уапсен во Тексас поради силување малолетничка, објавуваат американските медиуми.
Според информациите на ТВ-станицата КСКАН, тогаш 18-годишниот Лук Армстронг силувал 16-годишна девојка на забава во Остин во март 2018 година, а девојката го пријавила тоа дури во ноември 2020 година. Жртвата на полицијата ѝ изјавила дека биле во алкохолизирана состојба и дека тој со нејзиниот камион ја однел во куќата на татко му, каде што ја силувал.
Адвокатот на Армстронг ги демантира обвинувањата тврдејќи дека Лук Армстронг и девојката биле во врска неколку месеци пред инцидентот и додава дека семејството собира докази.
Ленс Армстронг беше сметан за најдобриот велосипедист во историјата откако го надмина ракот на тестисите за седум пати да триумфира на Тур де Франс, но потоа и самиот призна дека зел недозволени средства по што титулите му беа одземени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Фермин ќе паузира две недели
Фудбалерот на Барселона, Фермин Лопез, ќе биде надвор од терените во следните две недели поради повреда на листот, десната нога, објави каталонскиот клуб.
22-годишниот играч од средниот ред, европски и олимписки шампион со Шпанија, се очекува да ги пропушти следните три натпревари на каталонскиот клуб во лигата против Алавес, Атлетико Мадрид и Бетис, а неговото враќање се очекува да биде во натпреварот од Лигата на шампионите против Ајнтрахт на 9 декември.
Откако ги повреди препоните на крајот на септември, тој се врати во тимот како плејмејкер пред сонародникот Дани Олмо. Тој постигна пет гола и четири асистенции во шест натпревари.
По поразот од 3:0 против Челзи во Лигата на шампионите, Барселона, која е втора во шпанското првенство со 31 бод, еден помалку од првопласираниот Реал, игра против Алавес во сабота.
Спорт
КК Партизан едногласно ја одби оставката на Жељко Обрадовиќ
Извршниот и Управниот одбор на кошаркарскиот клуб Партизан одлучија да го поддржат трофејниот тренер, Жељко Обрадовиќ, да ја продолжи својата мисија.
Српските медиуми пишуваат, дека на состанокот, по предлог на претседателот Остоја Мијаиловиќ, оставката на Жељко Обрадовиќ била едногласно одбиена и му била дадена безрезервна поддршка да остане шеф на тренерскиот штаб на црно-белиот тим.
Клупските челници се согласиле дека Обрадовиќ ја има нивната доверба и дека неговата работа не е доведена во прашање.
Со оглед на овој исход од состанокот, јасно е дека во следните часови и денови, црно-белите нема да се занимаваат со преговори со потенцијалниот наследник на најтрофејниот тренер од Евролигата, туку напротив – ќе се обидат на секој начин да ја променат неговата одлука и да го убедат да ја продолжи работата што ја започнал, што би ги израдувало многу фанови.
По состанокот на тоа тело, клубот од Хумска 1 се обрати до јавноста со соопштение на официјалните канали во текст насловен како „Партизан против оставката на Жељко Обрадовиќ“.
Partizan Mozzart Bet protiv ostavke Željka Obradovića!
🔗 https://t.co/uL4O0V3Hpw#KKPartizan pic.twitter.com/Y6Bxdumjp0
— KK Partizan Mozzart Bet (@PartizanBC) November 27, 2025
Спорт
Арне Слот доби ултиматум, Ливерпул го контактирале Јирген Клоп
По дебаклот на Ливерпул и поразот дома од ПСВ, 1:4, англиските медиуми пишуваат дека на „Енфилд“ бил одржан итен состанок на Управниот одбор на кој била решена судбината на тренерот Арне Слот.
Според информациите на „Телеграф“, холандскиот стручњак сè уште ја има довербата на челниците на клубот, но таа не е безусловна. Слот добил ултиматум – мора да освои максимум девет бода во следните три натпревари. Во спротивно, соработката ќе биде прекината.
Ливерпул следниот натпревар ќе го игра во недела, кога ќе гостува кај Вест Хем, потоа на 3 декември ќе го пречека Сандерленд, а третиот натпревар во серијата ќе го одигра на 6 декември на гости кај Лидс.
„Црвените“ одиграа одлично минатата сезона под водство на Слот, а тимот дополнително се засили во текот на летото. Сепак, резултатите изостанаа – поразот од ПСВ беше нивни деветти во последните 12 натпревари, а одбраната игра далеку под очекувањата.
Според англиските медиуми, челниците на Ливерпул го контактирале Јирген Клоп за да проверат дали постои можност тој да се врати, барем како привремено решение. Тие се подготвени да му понудат краткорочна соработка без долгорочен договор, свесни дека тој е сè уште прв избор на повеќето навивачи.
Проектот на Ливерпул под водство на Арне Слот е неизвесен, а следните седум дена ќе покажат дали Холанѓанецот ќе преживее на клупата на повеќекратните европски шампиони. Доколку не ги добие сите три натпревари, Управата ќе му врачи отказ.
Foto/ EPA

