Европа
Италијанската полиција уапси 26 лица и одзеде 50 милиони евра
Италијанската полиција уапси 26 лица и одзеде 50 милиони евра имот во акцијата спроведена низ цела Италија против членови на наполитанската мафијашка организација „Камора“.
Членовите на Камора беа уапсени во Неапол, Салерно, Империја, Косенца, Анкона и регионот Емилија, пренесува Анса.
Во акцијата учествуваа две групи од Камора кланот-Фаброкино и група предводена од Росарио Џулијано, кој моментално се наоѓа во затвор од каде што управува со групата со помош на неговата девојка Тереза Капуто, соопшти полицијата.
Се наведува дека за време на затворските посети, таа добила упатства како да управува со групата.
Полицијата навела и дека во Поџомарин биле откирени 62 експлозивни направи, кои биле користени за заплашување.
Полициската акција расветли неколку случаи на изнуда и заплашување, како и трговија со дрога што се доставуваше до кланот Ндрангета од Калабрија, за кој се вели дека ја контролира трговијата со кокаин во Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Зимата предизвика откажување на 120 летови до и од аеродромот во Франкфурт
Неповолните зимски услови предизвикаа откажување на 120 летови до и од аеродромот во Франкфурт, од вкупно 1.090 планирани, информира ДПА.
Според портпаролот на аеродромската управа, пистите на најголемиот германски аеродром мора да бидат исчистени, додека намалената видливост дополнително го ограничува капацитетот на аеродромот. Процесот на одмрзнување на авионските крила се одвива подолго поради екстремните зимски услови.
Слични проблеми се забележани и на аеродромот во Штутгарт, каде што доцнења се пријавени поради истата причина. Досега таму се одложени седум летови, а пистата е исчистена и подготвена за употреба, потврди портпаролката на аеродромот.
На патниците им се препорачува да го проверат статусот на своите летови и, ако е потребно, да планираат дополнително време за пристигнување на аеродромите.
Европа
Русија изврши напад со дронови врз Украина
Русија изврши напад со беспилотни летала врз Украина во текот на ноќта, при што загина еден цивил, а беа ранети четири лица во регионот на Киев, соопштија воени и регионални претставници. Украинската противвоздушна одбрана собори 60 од 93 руски беспилотни летала, објави военото воздухопловство.
Никола Калашњик, вршител на должноста гувернер на регионот Киев, изјави дека возач на камионот загинал од остатоците од дронот. Од остатоци од дронови оштетени се и неколку приватни куќи, при што се повредени четири лица, меѓу кои и едно 16-годишно момче, рече тој.
Воздухопловните сили соопштија дека руските беспилотни летала биле насочени кон девет украински региони во целата земја. Оштетени се станбени куќи и деловни објекти во областа Донецк на исток и Чернихив на север, соопшти армијата.
Европа
Маж од Чешка под дејство на дрога си го отсекол гениталниот орган, хирурзите му направиле нов
Лекари од Чешка му ги преобликувале гениталиите на 31-годишен маж откога под дејство на дрога си ги отсекол пенисот и двете уши. На улица бил пронајден со смрзнатини по што бил хоспитализиран во психијатриска болница, пренесува чешкиот портал „Иднес“.
По неколкумесечно закрепнување, лекарите извршија пластична операција под водство на хирургот Адам Бајус.
„Одвоивме парче ткиво од подлактницата, го обликувавме во форма на гениталиите и уринарните канали и ги поврзавме ситните крвни садови и нервите под микроскоп“, објасни Бајус.
„Акутната употреба на дрога ја наруши способноста на пациентот за контрола и за донесување одлуки. Тој не знаеше што прави во тоа време, но сега живее релативно нормален живот“, додаде психијатарот Јакуб Албрехт.
„Лекцијата е јасна, никогаш не знаеш што ќе ти направи дрогата и никогаш не знаеш што точно има во купеното. Не можеме сѐ да забраниме, но важна е превенцијата“, заклучи психијатарот. Пациентот наводно бил под дејство на марихуана и кратом, јави Радио Прага.