Европа
Политичките лидери за Суперлигата: Богатите не може да ја присвојат убавината на фудбалот
Дванаесет големи европски фудбалски клубови синоќа објавија дека ќе стартуваат нова Суперлига, затворено натпреварување, во кое ќе играат само најсилните клубови и кое ќе биде директна конкуренција на Лигата на шампионите на УЕФА.
„Дванаесет богати европски клубови доцна во неделата постигнаа договор за воспоставување ново фудбалско натпреварување – Суперлига, во кое ќе учествуваат 20 клуба“, објави „Реал Мадрид“, чиј претседател беше избран за главен човек на новото натпреварување.
Во него досега потврдија дека ќе учествуваат шпанските „Реал Мадрид“, „Барселона“ и „Атлетико Мадрид“, англиските клубови „Арсенал“, „Челси“, „Тотенхем“, „Ливерпул“, „Манчестер сити“ и „Манчестер јунајтед“, како и „Јувентус“, „Милан“ и „Интер“ од италијанската Серија А. Поканети се уште три засега неименувани клуба да му се приклучат на проектот.
По најавата за новото фудбалско натпреварување, реакции доаѓаат од сите страни, па и од политичките кругови.
Меѓу првите што реагираа беа британскиот премиер Борис Џонсон и францускиот претседател Емануел Макрон.
„Плановите за европската Суперлига би биле многу штетни за фудбалот и ние ги поддржуваме фудбалските власти да преземат акција“, објави Џонсон на својот официјален профил на „Твитер“.
„Тоа би било удар директно во срцето за домашната лига и би ги загрижило навивачите во целата земја. Клубовите учесници мора да им дадат детаљни одговори на своите навивачи и пошироката фудбалска јавност пред да преземат понатамошни чекори“, додаде британскиот премиер.
Макрон веднаш се спротивстави на објавата.
„Претседателот на Републиката ја поздравува позицијата на француските клубови да одбијат да учествуваат во фудбалскиот проект Суперлига, што го нарушува принципот на солидарност и спортски заслуги“.
Суперлигата ја коментира и унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој исто така е против идејата.
Орбан верува во единството на спортот на европско ниво, како и во принципот на солидарност и го поздравува силното спротивставување на европската фудбалска организација УЕФА на плановите за создавање европска Суперига, порача унгарскиот премиер преку својот кабинет.
„Унгарија е убедена дека убавината и големината на најголемата игра во светот лежи во тоа што таа им припаѓа на сите, а богатите не може да си ја присвојат за себе“, истакна унгарскиот премиер.
Европската комисија исто така реагираше во врска со Суперлигата. Ова на „Твитер“ го стори потпретседателот на ЕК, Маргаритис Шинас.
„Мора да го браниме европскиот модел на спорт заснован на вредности, разновидност и инклузивност. Не доаѓа предвид спортот да биде резервиран за неколку богати и моќни клубови кои сакаат да ги раскинат врските со националните федерации“, напиша Шинас, комесар за промоција на европски вредности и начин на живот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Украинскиот министер за одбрана: Целта е да се убиваат 50.000 Руси месечно
Украина сака да „убива 50.000 Руси месечно“, изјави новиот министер за одбрана Михајло Федоров за време на прес-конференција, наведувајќи ги своите приоритети за мандатот.
Зборувајќи за своите планови во својата нова улога, Федоров рече дека има две клучни цели, од кои првата е да управува со системот.
„Управувањето мора да се гради околу луѓе кои се способни да постигнат јасно дефинирани цели. Ако некој не покаже мерливи резултати, не може да остане во системот“, рече тој.
Тој го наведе зголемувањето на руските жртви како втора стратешка цел. „Втората стратешка цел е да се убијат 50.000 Руси месечно“, рече тој. Додаде дека, според украинските податоци, минатиот месец биле убиени 35.000 руски војници и дека овие загуби биле „потврдени со снимки“.
„Ако достигнеме 50.000, ќе видиме што ќе се случи со непријателот. Тие ги гледаат луѓето како ресурс, а недостатокот на овој ресурс е веќе видлив“, нагласи тој. Москва и Киев ретко официјално ги објавуваат своите загуби. Украина проценува дека вкупните руски загуби од почетокот на целосната инвазија надминале 1.200.000 луѓе. Оваа бројка ги вклучува мртвите, ранетите и исчезнатите.
Европа
Франција бара воена вежба на НАТО во Гренланд
Франција побара НАТО да одржи воена вежба на Гренланд и е подготвена да учествува, соопшти Елисејската палата, објави Си-Ен-Ен.
Франција, заедно со други европски земји, минатата недела распореди дел од воениот персонал на Гренланд за да учествува во посебна заедничка вежба предводена од Данска.
Ова доаѓа во време кога американскиот претседател Доналд Трамп ги засили заканите за анексија на арктичкиот остров со сила. Неговите изјави го доведоа во прашање деценискиот безбедносен сојуз предводен од САД во Европа.
Што е воена вежба на НАТО?
Вежбите на НАТО ги свикува командантот на НАТО и можат да бидат со големина од неколку офицери до „вежби од целосен обем што вклучуваат борбени сценарија што вклучуваат авиони, воени бродови, артилерија, оклопни возила и илјадници војници“, вели НАТО на својата веб-страница.
Земјите-членки на НАТО учествуваат во вежбите со обезбедување национални придонеси во форма на војници, опрема или друга поддршка. „Земјите учеснички генерално ги финансираат своите национални придонеси“, наведува НАТО.
Европа
(Видео) Нова железничка несреќа во Шпанија: машиновозачот загина, 37 повредени
Машиновозачот загина, а најмалку 37 лица се повредени во железничка несреќа во близина на Барселона.
Според локалните власти, возот Родалиес удрил во потпорен ѕид што се урна на пругата помеѓу Гелида и Сант Садурни. Се верува дека четири лица се во критична состојба, изјави портпаролот на регионалната противпожарна служба, Клауди Гаљардо, за новинарите.
Единаесет амбулантни возила се испратени на местото на несреќата во Гелида, околу 35 километри западно од Барселона, потврдија службите за итни случаи. Локалната противпожарна служба соопшти дека 35 противпожарни екипи се испратени на местото на несреќата.
Повредените се однесени во блиските болници. Лошото време го стави поголемиот дел од брегот во источна и северозападна Шпанија под висока тревога. Снежни бури беа пријавени и во шпанските Пиринеи, а силни бури беа пријавени покрај брегот на Менорка, каде што брановите достигнаа висина од неколку метри.
Несреќата во Каталонија се случи само два дена по сериозниот судир помеѓу два брзи воза во Адамуз, Андалузија. Најмалку 42 лица загинаа во таа несреќа кога вагоните на воз што се движеше кон Мадрид излетаа од шините, преминаа на спротивната пруга и се судрија со брз воз што доаѓаше од спротивната насока.

