Македонија
Марин: Општина Аеродром нема да потроши ни денар буџетски средства за набавка на нови мобилни телефони

Градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин, преку соопштение ги демантира шпекулациите за набавка на мобилни телефони со буџетски пари, што се појавија во некои медиуми. Тој вели дека одлуката што е проследена во написите е составен дел на упатството за користење службени мобилни телефони во Општината и е изгласана на седница на Советот од страна на сите 27 советници.
„Станува збор за определување максимална висина на бенефиции што ќе може да ги искористат вработените и советниците во иднина, а претставуваат право на Општина Аеродром во согласност со договорот за користење мобилни услуги со компанијата ‘Македонски телеком’ во времетрање од 24 месеци.
Во тој контекст нагласувам дека Општина Аеродром нема да потроши ни денар буџетски средства за набавка на нови мобилни телефонски апарати, односно станува збор за субвенција по основ на претплатничка линија. Дополнително, ја информирам јавноста дека со бенефициите што ги има добиено Општина Аеродром врз основа на ваквиот договор првпат во државата е овозможено јавно и транспарентно да бидат споделени во рамките на општинската администрација.
Договорот со мобилниот оператор е јавно достапен на системот за е-јавни набавки и секој може да се увери во максималниот ефект што Општина Аеродром го има добиено при спроведување на јавната набавка за мобилни услуги“, се вели во демантот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Африм Гаши ги распиша изборите

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска ги распиша локалните избори, што ќе се одржат на 19 октомври .
Претседателот Гаши го потпиша Решението за распишување на осмите локални согласно член 12 став 4 од Изборниот законик, почитувајќи го рокот од 70 до 90 дена од распишување до одржување на изборите.
Со распишувањето на изборите, почнуваат да течат роковите за спроведување на изборните дејствија, согласно Изборниот законик и според календарот што треба да го донесе Државната изборна комисија.
Првиот круг за избор на градоначалници и членови на советите на 80 општини и на градот Скопје ќе се одржи на 19 октомври.
Вториот круг од изборите за градоначалници треба да се одржи на 2 ноември, во единиците на локалната самоуправа во кои изборите нема да завршат во првиот круг.
Македонија
МВР се огласи по случајот со началникот во Демир Хисар: Преземаме соодветни мерки

Во однос на реакциите на јавноста поврзани со постапувањето на полициските службеници за време на претресот, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди презема соодветни мерки и активности од своја надлежност за што дополнително ќе ја известиме јавноста.
Ова го соопшти Министерството за внатрешни работи во врска со видеото што беше објавено на социјалните мрежи на кое началник бара директорката на средно училиште на носилка на Брзата помош да биде однесена на информативен разговор во полициска станица. Од Обвинителството, пак, соопштија дека имало налог за претрес, но не и за приведување и итен распит.
Од МВР соопштија дека биле извршени претреси во врска со сомнение за кривично дело „Одземање или уништување службен печат или спис“.
„На 08.08.2025, по претходна пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело по член 390 од Кривичниот законик – „Одземање или уништување службен печат или спис“ врз основа на наредба од Основен суд Битола, во периодот од 19:25 до 20:20 часот, полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Демир Хисар, во присуство на адвокат, извршиле претрес во домот на М.Л. (57) од Демир Хисар. Исто така, со судска наредба, во периодот од 20:45 до 21:30 часот бил извршен претрес и во службените простории во средно училиште кои ги користи М.Л“, соопшти МВР.
Македонија
Пет пожари на отворено во Македонија

До 12:30 часот, на територијата на Македонија имало вкупно пет пожари на отворен простор, од кои два се под контрола, а три се водат како сè уште активни, информира Центарот за управување со кризи.
Активни се три пожари и тоа во Општина Битола – с. Братиндол, гори сува трева во нива, во Општина Прилеп – гори сува трева над касарната и во Општина Валандово – гори сува трева покрај патот Валандово–Дојран.
Под контрола се два пожари, и тоа во Општина Тетово – гори ѓубре кај железничката станицаи во Општина Ранковце – гори ниска трева и ситна шума.