Топ
Автомобил удри во дете на велосипед во Прилеп, возачот избегал
Малолетен велосипедист е тешко повреден откако во него удрил автомобил, а возачот избегал.
Според информациите на МВР, несреќата се случила вчера во 18.45 часот на бул.„Гоце Делчев“ кога неидентификуван возач со патничко возило удрил во велосипед управуван од малолетник од Прилеп и избегал.
Малолетникот со тешки телесни повреди бил пренесен во Градска болница Прилеп.
„Извршен бил увид од увидна екипа од Полициската станица Прилеп и се работи на расчистување на случајот“, соопшти МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Спречен шверц на цигари, облека и хардверски делови, како и нелегален влез на илегални мигранти од Иран и Сиера Леоне
Во текот на изминатата недела мобилни тимови и царински службеници на граничните премини спречија обиди за криумчарење на поголема количина облека, цигари, нови екрани за мобилни телефони, но и употребувани хардверски делови. Спречен е и нелегален влез на илегални мигранти од Иран и Сиера Леоне откриени при контрола на товарни моторни возила пријавени за увозно царинење.
Царински службеници на влез на граничен премин Табановце и на граничен премин Богородица во три случаи спречија обид за криумчарење на 442 парчиња облека. Во првиот случај при контрола на автомобил управуван од македонски државјанин, во патни торби и куфери сместени во багажникот и на задното седиште, пронајдени се 326 парчиња облека. При контрола на автобус кој сообраќал на релација Женева – Битола, управуван од македонски државјанин, во навлака за костум сместена на задните седишта пронајдени се 11 парчиња машка облека. Дополнително, при контрола на камион со косовски регистарски таблички управуван од македонски државјанин, на влез во државата на граничен премин Богородица царински службеници открија непријавени 105 парчиња облека.
Против сторителите ќе бидат поведени прекршочни постапки.
Разни производи меѓу кои женски чанти, паричници, тоалетни води, бижутерија со вкупна вредност од 193 илјади денари се откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автобус пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените производи, сопственост на водичот на автобусот, инаку македонски државјанин, биле пронајдени во кеси сместени во просторот за багаж над патничките седишта, пред предните седишта и до возачкото седиште.
Во четири случаи спречен обид за шверц на 67 штеки цигари и 5 штеки со патрони за електронски цигари.
– 18 штеки цигари без акцизни маркички се откриени од страна на Службата за мобилни скенери, при контрола на цистерна со македонски регистарски таблички управувана од македонски државјанин, пријавена за влез во државата на граничниот премин Богородица. Цигарите се пронајдени во просторот за филтерот за воздух и во торба сместена на горниот кревет во кабината.
12 штеки цигари и 32 килограми маџун без акцизни маркички се откриени при контрола на камион со македонски регистарски таблички управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Возилото било натоварено со стока со потекло од Турција наменета за македонски увозник. Непријавените производи се пронајдени во просторот под креветот за спиење и во фабричка празнина под тапацирот во горниот дел од кабината.
При контрола камион со чешки регистарски таблички управуван од чешки државјанин, помеѓу лични предмети и облека на горниот кревет и во фабрички прегради во горниот дел од кабината, пронајдени се 21 штека цигари и 5 штеки со патрони за електронски цигари.
16 штеки цигари без акцизни маркички се откриени при контрола на автомобил со словенечки регистарски таблички управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените цигари се пронајдени во багажниот простор и под предните седишта на возилото.
569 разни производи со проценета вредност од вкупно 594,5 илјади денари, кои не биле опфатени со царинските документи се откриени во два одвоени случаи од страна на мобилни царински тимови, при контрола на стока пријавена за увозно царинење во царинската испостава Струга, наменета за две фирми од Струга. Во првиот случај биле откриени 365 разни употребувани производи меѓу коишто и таблети, конзоли за видео игри, рам-мемории, рачни часовници како и 15 нови екрани за мобилни телефони. Во вториот случај биле откриени 189 разни употребувани производи меѓу кои хард дискови, машина за исфрлување тениски топчиња, гуми, бандажи, катализатори, фрижидери.
Царински службеници од царинска испостава Гевгелија во два случаи спречија нелегален влез на 8 илегални мигранти, државјани на Иран и Сиера Леоне при контрола на товарни моторни возила пријавени за увозно царинење. Четири илегални мигранти, државјани на Иран се откриени при контрола на товарниот дел на камион со турски регистарски таблички управуван од турски државјанин. Во друго товарно моторно возило во просторот за палети на камион со македонски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, се пронајдени четири илегални мигранти, државјани на Сиера Леоне.
Лицата се предадени на Одделот за гранични работи и миграции при Министерството за внатрешни работи за понатамошна постапка.
Македонија
Средба на лидерот на СДСМ, Филипче, со претседателката Сиљановска-Давкова
Денеска, ќе се одржи работна средба помеѓу претседателот на СДСМ, Венко Филипче, и претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, извести СДСМ.
Средбата ќе биде во кабинетот на претседателката на Република Северна Македонија (Вила „Водно“) со почеток во 15 часот.
По средбата, како што е најавено, изјава за медиуми ќе даде претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
(Видео) Тошковски: Договорено заемно признавање на возачките дозволи со Обединетите Арапски Емирати
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски од 24 до 27 ноември со делегација на министерството е во работна посета на Министерството за внатрешни работи на Обединетите Арапски Емирати во Абу Даби. Ова е прва официјална посета на ниво на министри за внатрешни работи од осамостојувањето, а е со цел унапредување на билатералната соработка на полето на борбата против тероризмот и брза размена на информации во делот на борба против корупцијата и организираниот криминал и трговијата со луѓе и мигранти.
Во текот на вчерашниот ден на официјалната средба помеѓу министерот Тошковски и министерот за внатрешни работи на Обединетите Арапски Емирати шеикот Саиф бин Зајед ал Нахјан беа потпишани два меморандуми за разбирање за безбедносна соработка и борба против тероризмот и за меѓусебно признавање и замена на возачките дозволи помеѓу двете држави.
„Со желба за олеснување на движењето на граѓани кои поседуваат возачки дозволи издадени од соодветните надлежни органи на двете земји за време на посета или престој на територија на едната или другата држава веќе нема да имаат потреба од замена на возачките дозволи. Тоа значи дека и двете страни ги ослободуваат подносителите на барање за замена на возачката дозвола од теоретски и практични тестови и потреба од полагање во другата држава во категориите А, Б и БЕ. За повеќе од илјада македонски граѓани кои живеат во ОАЕ ова ќе значи значително намалување на трошоците. Меморандумот за разбирање за безбедносна соработка и борба против тероризмот отвара голем простор за соработка за брза размена на информации и спречување на кривични дела во спектарот од тероризмот преку организираниот криминал и корупција до спречување на трговијата со луѓе и мигранти“, потенцираше министерот Тошковски на средбата.
На средбата министерот Тошковски побара да се разгледа можноста за укинување на визите за македонските граѓани за ОАЕ, со цел развивање на поинтензивна туристичка, економска и културна соработка помеѓу нашите две земји.
Исто така, делегацијата на МВР ги посети Одделот за среќа, Одделот за иновации и Директоратот за операции на МВР на Обединетите Арапски Емирати, каде што непосредно се запозна со нивната работа и иновативните решенија кои ги имаат имплементирано водејќи се пред сѐ од потребите на граѓаните и нивното задоволство од услугите што ги нуди Министерството.