Македонија
(Видео) Зафировски: Владата на СДСМ, предводена од Зоран Заев и Венко Филипче, е во нов поход по провизии
Владата на СДСМ, предводена од Зоран Заев и Венко Филипче, е во нов поход по провизии, вели Оливер Зафировски, член на Комисијата за здравство при ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, за новиот клинички центар што го планираат немаат проект, освен физибилити студија од 30 страници, дали ова е покритие за кражба на народни пари.
За сето ова велат ќе потрошат нешто повеќе од половина милијарда евра, реагира Зафировски.
Тој потсети на случајот во Србија за каде, како што рече, есенва ќе има исто нов клинички центар, на површина од 86.000 метри квадратни, со 1.000 болнички кревети, со 20 операциони сали.
„Ама Србија за овој клинички центар ќе потроши не повеќе од 125 милиони евра. Огромна разлика за ист проект. Разлика од 400 милиони евра. Во Србија се планира и комплетна реконструкција на сите капацитети во Лесковац, во Врање, во Пирот, во Кикинда за да се намали притисокот врз клиничкиот центар во Белград и во Нови Сад. Значи она што го предлага ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е дисперзиран здравствен систем, веќе се прави во другите земји“, потенцира Зафировски.
Според него, Филипче и Заев, како што додаде, се грижат само за 400-те милиони евра кои треба да ги споделат со нивните бизнис-партнери, а го обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ дека е против закон за нов клинички центар.
„Не се работи за закон за нов клинички, туку само за предлог-закон за реализација на проект. Значи повторно само површни проекти, физибилити студии, а дотраениот и колабираниот клинички центар ‘Мајка Тереза’ е комплетно руниран и не ќе може да издржи уште една ваква или слична здравствена криза. Од сето ова јасно е дека се работи само за студии и измислени проекти кои никој пат нема да бидат реализирани. Затоа ВМРО-ДПМНЕ нема да го дозволи овој грабеж“, истакна Зафировски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Алжир, Абделмаџид Наaмун
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Народна Демократска Република Алжир, со седиште во Букурешт, Абделмаџид Наaмун.
Неговото именување, како што рече претседателката, е уште една потврда за добрите македонско-алжирски односи, втемелени на заемно разбирање и почит.
За неа, посветениот и професионален ангажман на амбасадорот Наамун ќе придонесе кон продлабочување на пријателските и партнерски односи на билатерален и мултилатерален план.
Истакнувајќи дека обете држави имаат богата историја и вредно културно наследство, Сиљановска-Давкова очекува интензивирање на соработката во културата, образованието и туризмот, како и во рамките на ООН и другите меѓународни организации.
На церемонијата, новоименуваниот амбасадор Абделмаџид Наaмун ја истакна својата желба да гради нови мостови на пријателство и меѓусебно разбирање.
Двајцата изразија загриженост за геополитичките предизвици со коишто се соочени сите држави и народи, без оглед на географската положба и големина. Тие ја потенцираа потребата од мултилатерализам како соодветен одговор и механизам за решавање на проблемите.
Сиљановска-Давкова и амбасадорот Наамун се согласија дека донесувањето правна рамка за регулирање на меѓусебните односи, како и размената на посети на највисоко ниво ќе ја поттикат соработката.
Соговорниците имаа усогласен став и во однос на потребата од реформи во Обединетите нации, како и за неопходноста од назначување на жена на највисоката позиција – генерален секретар.
Македонија
Петрушевски: Оставката на Љупчо Коцевски е значајна победа за правната држава
За првпат и самиот обвинител го признава тоа што целата јавност го кажуваше: дека Јавното обвинителство не може да продолжи да функционира со изгубен легитимитет, под товар на политички влијанија и со селективна правда, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Фактот што оваа оставка доаѓа дури сега, а не уште од првиот ден кога беше очигледно дека институцијата е компромитирана, само дополнително ја потврдува длабочината на проблемот и обидите со месеци да се одржи статус кво кое служеше на поранешната власт. Со оваа оставка се става крај на еден мрачен период, во кој обвинителството беше перципирано како партизиран механизам, а не како независна институција во служба на законот“, вели тој.
Според Петрушевски, оставката е јасен сигнал за крајот на практиките на заштита на поранешната власт на СДС и ДУИ и почеток на процесот на департизација и европеизација на јавнообвинителската дејност.
„Оставката на Коцевски не е персонално, туку единствено системско решение. Ова е јасна порака дека никој не е недопирлив“, вели Петрушевски.
Македонија
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортски клубови
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортските клубови од општина Бутел.
„Локалната самоуправа секоја година ги поддржува спортските клубови и доделува спортски стипендии на најдобрите спортисти од Бутел. Во општина Бутел се градат спортско-рекреативни центри во секое населено место. Во општина Бутел вредноста на спортот и спортските успеси е најголема“, изјави градоначалникот Дарко Костовски.
Тој изрази надеж дека финансиска поддршка ќе поттикне напредок во сите спортови и спортистите ќе освојат европски и олимписки медали.

