Европа
Таткото на уапсениот белоруски новинар: мојот син призна дека бил измачуван

Дмитриј Протасевич, таткото на уапсениот белоруски новинар Роман Протасевич, изјави дека не го препознава неговиот син во интервјуто што вчера беше емитувано на националната белоруска телевизија. Во овој настап неговиот син призна дека организирал протести против претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, и изрази ставови спротивни на претходните активности на опозицијата, што неговиот татко ги смета за евтина пропаганда во која насилно бил вклучен неговиот син, пишуваат странските медиуми.
Таткото на Протасевич вели дека признанието до страна на неговиот син е резултат на насилство, тортура и закани.
„Јас многу добро го познавам мојот син и верувам дека тој никогаш не би рекол такви работи. Го скршија и го принудија да каже што сакаат “, рече таткото на Роман и додаде дека му се слошило од гледањето на интервјуто.
„Многу сум загрижен“, рече тој.
Минатата сабота стотици луѓе се собраа во Варшава за да го поддржат уапсениот белоруски новинар. Родителите на Роман, кои дојдоа на митингот и испратија поддршка на нивниот син, исто така живеат во овој град.
„Ги повикувам сите земји од Европската Унија и САД да ни помогнат да ги ослободиме Роман и неговата девојка Софија, како и сите други политички затвореници “, рече по тој повод неговата мајка Наталија Протасевич.
„Ние сакаме да живееме во слободна земја, во земја во која секој има право да го искаже своето мислење“, додаде неговиот татко Дмитриј.
Родителите на Протасевич изјавија дека нивниот син изгледал како да бил претепан на видеото објавено од белоруските власти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Русија: Полјаците не ни доставија никакви докази дека дроновите се од наше потекло

Москва тврди дека Полска не доставила никакви докази што покажуваат дека беспилотните летала што биле соборени во Полска се од руско производство.
Вршителот на должноста амбасадор на Русија во Полска, Андреј Ордаш, потврди за новинската агенција „РИА новости“ дека бил повикан од полското Министерство за надворешни работи по инцидентот.
Ова е првиот коментар на Русија по инцидентот, кој се случи преку ноќ.
Европа
Објавена фотографија од руски дрон во Полска

Порталот Defence24 објавува дека руски дрон е пронајден во градот Чешники, во близина на Замошќ и на 40-ина километри од границата со Украина.
Читател ја испратил фотографијата од леталото до редакцијата, а според неофицијални информации, станува збор за дрон од типот „Гербер“, кој Русија го користи за преоптоварување на украинската воздушна одбрана.
Во текот на ноќта Русија изврши масовен напад врз Украина, а повеќе од десет дрона влегоа во полскиот воздушен простор. Полската војска потврди дека оние што претставуваа директна закана биле соборени. Бројот и начинот на движење на леталото, според Defence24, укажуваат на намерна руска провокација.
фото: принтскрин
Европа
Објавена мапа од синоќешниот руски напад врз Украина: прикажани и дроновите што влегле во Полска

Украинските медиуми објавија мапа на која се прикажани беспилотните летала што учествуваа во синоќешните руски напади врз Украина. Главни цели беа Донбас и регионите Ивано-Франкивск, Лавов, Луцк, Одеса, Виница и Житомир. Некои од беспилотните летала го напуштија украинскиот воздушен простор и влегоа во Полска. Според украински извори, дури 14 руски беспилотни летала влегоа во Полска.
Полска потврди дека повеќе од десетина беспилотни летала влегле во нејзиниот воздушен простор за време на нападот врз Украина. Оние што претставуваа непосредна закана беа соборени, а во акцијата учествуваа и неколку холандски борбени авиони „Ф-35“.
Во Полска, во регионот Лублин, беспилотно летало удри во куќа, но немаше повредени. Во источна Полска, во градот Вирики, беспилотно летало или објект сличен на беспилотно летало удри во станбена куќа – покривот беше оштетен, но исто така немаше повредени.
Полскиот премиер Доналд Туск го опиша инцидентот како чин на агресија и нагласи дека НАТО реагирал активно вклучувајќи распоредување холандски борбени авиони и привремено затворање на аеродромите, вклучувајќи го и тој во Варшава.
фото: принтскрин