Европа
Русија: ЕУ не сака да се одржи примирјето во Украина
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја обвини во вторникот Европската унија дека не сака да се одржи примирјето во источна Украина.
На 12-ти февруари во белоруската престолнина Минск, прозападните украински власти во Киев и рускојазичните бунтовници постигнаа примирје, на коешто како гаранти се јавуваат челниците на Украина, Русија, Франција и Германија. Иако двете страни меѓусебно се обвинуваат за прекршувања на огнот, оцените се вклучително и на набљудувачката мисија на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) за Украина, се дека тоа генерално се почитува.
Повеќето челници на Европската унија се надеваат дека примирјето во источна Украина може да се одржи, меѓутоа „примирјето не успеа да ги сопре сите борби па сега е речиси не постои“, изјави во интервјуто за Reuters латвиската претседателка Даља Грибаускајте, во чијашто земја Русите сочинуваат околу 5,5 отсто од вкупното население и се смета загрозена од наводната руска агресија.
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров вината за тоа ја префрла на Киев и на прес-конференцијата во Москва ја обвини ЕУ дека ги игнорира нападите во коишто гинат цивили во областите кои се под контрола на рускојазичните бунтовници.
„Судејќи според одредени сигнали, некој во Европската унија сака Унијата да ѝ дозволи на украинската влада да не ги спроведува договорите од Минск“, изјави Лавров по разговорите со австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц.
Лавров не изнесе детали, но ги истакна засилената воена активност на украинските сили последните седмици и ги карактеризираше како обиди за уривање на договорот за примирјето.
Од ЕУ не одговорија веднаш на изјавите на Лавров, туку вообичаено ги повикаа двете страни да се придржуваат до договореното во Минск но притоа ја апострофираа наводната одговорност на Москва..
Претходно, пак, во Рига претседателката Грибаускајте во споменатото интервју реле дека „Ситуацијата секако секојдневно се менува, но ние се потпираме на податоците на НАТО, а тие се такви што покажуваат дека договорот од Минск е завршен“.
Во нацрт изјавата подготвена за самитот на ЕУ со шесто источни земји, Украина, Ерменија, Азарбејџан, Белорусија, Грузија и Молдавија, сите поранешни советски републики и соседи на Русија, кој ќе се одржи подоцна во мај во рига, се наведува дека Европската унија ќе започне да го спроведува договорот за слободна трговија со Украина, од следната година, чиешто суспендирање беше повод за насилните протести во Киев кои доведоа до соборување на украинскиот претседател Виктор Јанукович, а подоцна и до конфликтот во рускојазичните источни региони.
Во заедничката изјава, за којашто се претпоставува дека ќе предизвика остра реакција на Москва, се наведува дека почетокот на примената на спогодбата ќе биде1-ви јануари 2016 година, што е една година подоцна од првично предвиденото.
Русија се залага одново да се одложи примената на овој договор, за уште една година, според толкување на неименуван украински дипломат за Ruteres, но ЕУ инсистира дека не може да има повеќе одложување.
Иако ЕУ е расположена да разгледаат прашањата коишто кај Русија предизвикуваат загриженост, спроведувањето „ќе биде главен приоритет на ЕУ и на унијата“, се наведува во нацрт изјавата.
Киев и Западот ја обвинуваат Москва дека наводно ги вооружува со оружје и војници рускојазичните бунтовници во источна Украина во судирите во кои од април 2014-та загинаа повеќе од 6.100 луѓе, според ОН. Русија, пак, одлучно ги отфрла овие обвинувања и бара тие да се потврдат со докази. Од друга страна, го обвинува Западот, особено САД со цел да го намали руското влијание во регионот, ги поттикнал и режирал минатогодишните безредија со стотина мртви во Киев со цел да го собори Јанукович кој времено го суспендираше потпишување на договорот со ЕУ со образложени за малата финансиска компензација од ММФ на над 600 милиони евра, која не може да ѝ помогне на земјата во длабоката економска криза, и набрзо доби руски заем во износ од 15 милијарди долари./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Снег, дождови и силни ветрови предизвикуваат проблеми низ Европа
И денеска во Европа различни екстремни временски услови создаваат големи проблеми: снег и откажани летови во Холандија, забрана за товарен сообраќај во североисточна Франција, отежнат сообраќај на траектите во Грција и жолто предупредување во Велика Британија за снег, обилни дождови и силни ветрови.
Холандија
Невремето денеска предизвикува откажување и одложување на летови на аеродромот Шипхол во Амстердам – четири летови се откажани, а четири се одложени. Железничкиот сообраќај исто така е погоден: пријавени се задоцнувања на повеќе линии, додека сообраќајот меѓу Мастрихт и Лиеж е запрен до утре вечер. Снежните врнежи се очекуваат прво во северните, централните и источните покраини, а потоа постепено ќе преминат во дожд.
Франција
Околу 700 возачи на камиони се заглавени на автопатот А36 на североистокот и на RN57 во департманот Дуб и Жира, поради снежните врнежи кои го погодија источниот дел од земјата. Патиштата се затворени за возила над 3,5 тони до утре. Минатата ноќ работеле само машини за чистење снег, а Црвениот крст им доставил храна за возачите на камиони.
Грција
Траектите денеска постепено продолжуваат со сообраќај, откако ветровите попуштиле. Повеќето линии започнале нормално да пловат од раното утро, особено од пристаништето Пиреј. Сепак, властите предупредуваат дека рути можат да бидат откажани поради брзо менливите временски услови. Снежни врнежи се очекуваат во северните и планинските области, а се прогнозира и нагло намалување на температурата.
Велика Британија
Во многу делови на земјата е во сила жолто предупредување за снег, силни ветрови, мраз, обилни врнежи и поплави. Ова се однесува на централна и североисточна Шкотска, од северно од Глазгов до Абердин, и е во сила до 14:00 часот денеска. Метеоролозите најавуваат можни силни дождови, силни ветрови и снег, но со благо зголемување на температурите.
Германија
По неколкудневната зимска бура „Ели“, ситуацијата денеска се подобрува. Метеоролошката служба ги укина претходните предупредувања за обилни врнежи. Снежните врнежи до вчера предизвикуваа откажување на возови, пролизгување на автомобили и опасен мраз на патиштата.
Европа
Студ, снег и мраз ја погодија Европа: 34.000 домаќинства без струја во Британија, Франција под портокалов метео-аларм
Метеоролозите предупредуваат дека Велика Британија треба да се подготви за нов бран студено време, снег и мраз за време на викендот, по силната бура „Горети“ што ја зафати земјата.
За поголемиот дел од Британија е издаден жолт метео-аларм за снег и мраз.
Бурата „Горети“ во петокот донесе обилни врнежи од дожд и снег, како и силни ветрови низ голем дел од земјата, поради што десетици илјади домаќинства останаа без електрична енергија. Според податоците на Националната електрична мрежа, околу 34.000 домаќинства на југозападот на земјата биле без струја околу 22 часот синоќа.
Силниот ветер соборувал дрвја, а дел од воздушниот сообраќај бил сериозно нарушен. Авиокомпанијата „Бритиш ервејз“ откажа околу 50 летови – 25 поаѓања и 27 слетувања на аеродромот „Хитроу“ во Лондон. Аеродромот во Бирмингем делумно ја затвори пистата и ги повика патниците да го проверат статусот на своите летови.
Поради лошите временски услови, затворени беа и бројни училишта – повеќе од 250 во Шкотска, над 150 во регионите Абердиншир, Мидлендс и Велс, како и во Северна Ирска.
Лошото време ја погоди и Франција. Националната метеоролошка служба „Метео Франс“ утрово стави шест департмани под портокалов метео-аларм поради снег и голомразица. Се најавуваат снежни врнежи од пет до 10 сантиметри, а возачите се предупредени на опасни и лизгави патишта.
Според француските власти, станува збор за изразен снежен бран кој може да предизвика сериозни проблеми во сообраќајот, особено во североисточниот дел од земјата. Температури под нулата, снег и силни налети на ветер беа причина за прогласување зголемена состојба на подготвеност.
Снежниот бран пристигнува од правец на Германија и земјите од Бенелукс, во зона погодена од остатоците на бурата „Горети“. Снегот ќе паѓа и на пониски надморски височини, од 200 до 300 метри.
Се очекува снежната покривка да достигне од седум до 10 сантиметри на височини од 300 до 400 метри, од 10 до 20 сантиметри меѓу 400 и 500 метри, додека во повисоките планински предели локално може да достигне и до 40 сантиметри.
Властите упатија апел до возачите на максимална внимателност, бидејќи во текот на ноќта од сабота кон недела се очекува дополнително опаѓање на температурите и зголемен ризик од создавање мраз на коловозите.
Европа
Растат цените на становите во ЕУ – Унгарија рекордер со зголемување од 275%
Во периодот од 2015 до крајот на 2025 година, цените на становите во ЕУ во просек пораснале за 63,6%, додека закупот на живеалишта се зголемил за 21,1%, покажуваат податоците на Евростат.
Додека кириите бележат стабилен раст без поголеми турбуленции, цените на становите имале осцилации, со периоди на застој и фази на екстремно брз раст.
Унгарија рекордер по поскапување
Кога се набљудуваат поединечни земји, Унгарија е апсолутен рекордер по поскапување, со раст на цените на становите од 2015 година од дури 275%.
Покрај Унгарија, цените се повеќе од удвоени во уште 11 земји, а на врвот на листата се Португалија, Литванија и Бугарија, каде порастот надминал 150%.
Единствена земја со поевтини станови
Финска е единствената земја каде цените на недвижностите денес се пониски отколку пред десет години, со благо намалување од 2%.
Во наведениот период, зголемување на станарините е забележано во сите членки на ЕУ, а најтешка е ситуацијата во Унгарија, каде кириите се зголемени за 107%, односно повеќе од удвоени.
Висок раст на трошоците за домување е забележан и во Литванија, Словенија, Полска и Ирска, каде станарите се соочуваат со поскапувања од над 70%, објави Евростат.

