Сцена
МНТ за изведбата на „Вечната куќа“ награден со бурен аплауз и овации во Будимпешта
Со бурен аплауз и со овации беа наградени актерите на Македонскиот народен театар, кои во понеделникот вечер во Националниот театар во Будимпешта, со претставата „Вечната куќа“ по текст на Јордан Плевнеш и режија на Дејан Пројковски, настапија во рамките на второто издание на реномираниот театарски фестивал „Митем“.
Изведбата на претставата „Вечната куќа“, која е едно од најкомплексните дела во македонската драматургија, предизвика огромен интерес кај многубројната публика, присутните актери и гости, меѓу кои беше и министерката за култура Елизабета Канческа–Милевска, како и претставници на дипломатскиот кор во оваа земја.
На театарскиот фестивалот, кој од 10 до 26 април се одржува во организација на Националниот театар од Будимпешта, освен Македонскиот народен театар, како единствен учесник од Балканот, учествуваат уште 20 реномирани театарски куќи од 13 држави од Европа.
Во текот на вчерашниот ден, во рамките на еднодневната посета на Унгарија, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во Будимпешта оствари билатерална средба со својот унгарски колега Петер Хопел.
На средбата, која помина во пријателска и конструктивна атмосфера, министерката за култура изрази благодарност за поддршката од Унгарија во процесот на интеграција на Република Македонија во Европската Унија.
Двајцата соговорници контастираа дека Република Македонија и Република Унгарија негуваат одлични релации во областа на културата кои резултираа со низа активности и проекти кои го потврдија континуитетот на искреното пријателство и довербата што се негуваат меѓу нашите две земји. Во тој контекст, позитивно беше оценета досегашната реализација на проектите согласно потпишаната Програма за културна соработка за периодот 2014-2016 година.
На средбата беа разменети мислења и предложени конкретни активности за реализација на проекти за поддршка на превод на дела од реномирани македонски и унгарски автори во двете земји, отворање на македонско литературно катче во Будимпешта, реализација на изложби, како и размена на конкретни проекти и стручни лица од областа на археологијата и заштитата на културното наследство.
Соговорниците се согласија дека гостувањето на ансамблот на Македонскиот народен театар на фестивалот „Митем“ во Будимпешта е од особено значење за идната соработка во областа на театарската дејност, која ќе биде потврдена и со потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу двете институции во јуни годинава за време на гостувањето на Националниот театар од Будимпешта во Скопје.
На средбата, Канческа-Милевска го запозна Хопел со капиталните инвестиции од областа на културата во Република Македонија при што беа разменети размислувања поврзани со проектите од оваа област во Унгарија. На крајот министерката за култура упати покана до својот унгарски колега да ја посети Македонија. /крај/мф/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Соопштени наградите на МТФ Денови на комедија Куманово 2023
Жирито на 26 МТФ Денови на комедија 2023 Куманово во состав на претседателка Магдалена Ризова Черних и членови: Драгана Гунин, Кети Пауновска Стевковска, Петар Андоновски и Стефан Јакимовски ги донесе следниве одлуки за награди на Фестивалот:
- Најдобра претстава „Чекајќи го лекарот“ Театар Лесковац, Србија;
- Најдобра режија Дамјан Тенев „Седумте стола“ Театар Ловеч, Бугарија;
- Најдобра актерка Наталија Теодосиева „Илуминати“ Театар комедија – Скопје;
- Најдобар актер Александар Степанулески „Кафез кај кокони“ Драмски театар – Скопје;
- Најдобра споредна улога Бранко Атанасов „Кафез кај кокони“ Драмски театар – Скопје;
- Најдобра сценографија Радостина Тодорова „Седумте стола“ Театар Ловеч, Бугарија;
- Најдобра костимографија Раде Василев и Елена Вангеловска „Кафез кај кокони“ Драмски театар – Скопје
Култура
Претставата „Народен непријател“ гостува на два меѓународни фестивала во Црна Гора
Македонскиот народен театар во јули со претставата „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, а во режија на Нина Николиќ, ќе гостува на два меѓународни фестивала во Република Црна Гора.
Од 5 јули до 22 август ќе се одржи XXXVII фестивал „Град театар“ во Будва, кој оваа година е со слоганот „Сила, храброст и глупост“. Во текот на 49-те фестивалски дена на овој престижен собир на уметности ќе настапат околу 620 учесници во драмската, литературната, музичката и визуелната уметност, а нашата претстава ќе биде изведена на 16 јули во 21 часот.
Програмата е конципирана на повеќе локации: на сцената меѓу црквите, во црквата „Санта Марија“, Плоштадот на поетите, улиците на Стариот град, на платото пред хотелот „Авала“ и во амфитеатарот на манастирот „Стањевиќи“.
Второто гостување ќе се биде на XVIII меѓународен театарски фестивал „Пургаторије“ – Тиват, а покрај скопската претстава, чија изведба е закажана на 18 јули на летната сцена со почеток во 21.30 часот, во натпреварувачката програма ќе учествуваат уште 8 (осум) претстави од Белград, Загреб, Нови Сад, Подгорица, Тиват и од Сплит.
„Народен непријател“, во која играат: Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Дарја Ризова, Јана Вељановска, Ана Арсовска/Лана Грпчевски, Благој Веселинов, Петре Арсовски, Сашка Димитровска, Александар Михајловски/Григор Јовановски, Нино Леви и Мартин Ѓоргоски, совршено кореспондира со кризата со која повторно се соочува нашето општество. Доктор Стокман е ангажиран маж, но е и идеалист, кој верува дека промената е можна и дека е неопходна итна жртва колку и да е тоа болно, а Ибзен е вешт и ги покажува механизмите како поединецот да зборува за системската неправда и автоматски се карактеризира како предавнички.
ПР
Култура
МНТ со „Нема да биде крај на светот“ гостува во Италија
Копродукциската претстава „Нема да биде крај на светот“ на Македонскиот народен театар, Перипетија продукција – Скопје и Сараевскиот воен театар САРТР – Сараево, ќе учествува на италијанскиот фестивал „Монте Сакро“ во Фоџа.
Фестивалот „Монте Сакро“ (Monte Sacro) потекнува од Апулија во областа Гаргано, а се одржува во спомен на младиот прерано починат писател Матео Латино. Фестивалот е во режија на композиторот Артуро Анекино и има цел да ги вкрсти различните јазици на уметноста.
Фестивалот на музика, танц и театар – „Монте Сакро“, ја препозна режисерската и естетската актерска игра на Дарја Ризова, Саша Ханџиќ и Џана Џаниќ, која пред италијанската публика ќе се одигра на 25 јуни.
„Нема да биде крај на светот“ од својата премиера до денес е една од најнаградуваните претстави, а до сега доби повеќе од 10 (десет) награди.