Македонија
Пештанци в недела на протест пред кампот „Градиште“ – си ги бараат назад имотите
Пештанци в недела повторно ќе протестираат и ќе го блокираат влезот на автокампот „Градиште“, со барање за враќање на имотите кои им се одземени, преку процесот за денационализација. Тие повеќе часа, почнувајќи од рано изутрина па до пладне, ќе бидат пред кампот. Во овој период, за време на викенд, „Градиште“ е преполно со туристи, а и лица кои имаат кампови доаѓаат на одмор. Жителите на Пештани кои ќе протестираат побарале и припадници на МВР да го обезбедуваат протестот, за да не дојде до нарушување на јавниот ред и мир.
„ Протестот ќе се одржи на ден 11.7.2021 (недела) од 9:30 часот до 14 часот на влезот од таканаречениот ‘автокамп’ Градиште. Со овој мирен протест се бара да се вратат имотите на барателите кои имаат неколку пресуди во нивна корист. Пресудите на Управен суд мора да се спроведат бидејќи се задолжителни и извршни! Да не дојде до нарушување на јавниот ред и мир побарано е присуство на припадници на МВР“, информираа од Здружението на граѓани на одземени имоти во процес на денационализација „Оревче” – Пештани.
Претходно, Здружението одржа два протеста во изминатиот месец. На влезот од Пештани е поставен и плакат на кој пишува „Правда за Градиште”. Изминатите години жителите протестираа и со глад. Тие сметаат дека законите се на нивна страна, но не и правдата. Станува збор за 100 наследници од 35 семејства кои во Градиште имаат земјиште во вредност од 30 милиони евра.
Процесот на денационализација трае со години. Земјиштето се наоѓа на атрактивна локација. Жителите тврдеа дека државата им нудела од 240 до 270 денари за метар квадратен. Затоа бараат реална оштета или враќање на имотите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Техничката влада не се укина за изборите во 2024 година за ДУИ да добие премиер
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вечерва беше гостин во Тема на денот на Сител телевизија, каде се осврна и на актуелната тема за укинување на техничката влада за што истакна дека истата била воведена како привремено решение за кризата во 2015 година. Тој вели дека нејзиното укинување во 2024 година било спречено поради договор меѓу СДС и ДУИ со цел ДУИ да добие премиер, како што и се случи, и како што вели тој, беше спротивно на изборните правила и волјата на граѓаните.
„Во 2015 година оваа техничка влада беше договорена во еден сосема друг политички контекст и беше решение на една политичка криза. До следните редовни парламентарни избори ќе поминат 12 и пол години од таа политичка криза и од договорите кои што тогаш се правеа. Оваа техничка влада го надмина времето и причините за кои што беше создадена и ние сме единствена држава од нормалните демократии во Европа, која што го прави, и на ова треба да се стави точка и да заврши затоа што ни треба нормално функционирање на државата“, вели Николоски.
„Ние го инициравме тоа, но единствената причина зошто не се укина техничката влада за изборите во 2024 година беше договорот помеѓу СДС и ДУИ, да ДУИ добие премиер, и тоа се случи, Талат Џафери стана премиер, што беше вон сите изборни правила, и вон волјата на народот, и затоа завршија на избори како што завршија“, рече Николоски.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.

