Македонија
Пресуда за Вељаноски, Ристовски, Јанакиески и Атанасовски – осудените плански го организирале упадот со цел да се зачува власта
Судот ги изрече пресудите за организаторите за упадот во Собранието на 27 април – поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски е осуден на шест години и шест месеци затворска казна, поранешните министри за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, на шест години и три месеци, а поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, на шест години.
„Виновни се затоа што по неуспешните преговори за формирање Влада, изготвиле план со намера да го загрозат уставниот поред и безбедност на Македонија со акти на насилство за да не се предаде мирно власта. Како отежителни околности се тежината на кривичното дело е позицијата на обвинетите, умислата на обвинетите, општествената опасност од таквиот вид кривични дела бидејќи се повреди сржта на претставничката демократија, степенот на кривична одговорност кои делувале како организатори, што се посегна по редовното функционирање на Собранието. Според судот, овој кривично правен настан е плански мотивиран, смислен, реален за да се зачува власта. Судот ги ценеше како отежителна околност и загрозувањето на животот на пратениците, дејствијата кои биле преземени. Ваквите отежителни околности ги доведе во корелација со олеснителните околности дека се родители на малолетни деца, фактот дека против обвинетите Ристовски, Вељановски, Атанасовски не се водат други кривични дела, однесувањето на обвинетите во постапката, соработката со судот, обезбедување голем број сведоци со оглед на краткиот рок на доставување судска постапка, изразеното жалење за настаните. Судот не можеше да не ја земе предвид дадената амнестија дадена со Законот за амнестија. Дел од амнестираните лица беа исто така високи лица во државата. Ова упатува за ублажување на казната“, рече судијата Илија Трпков читајќи дел од обвинението.
Тој даде објаснување за причините поради кои ја Судот ја донел пресудата.
„Случувањата на 27.4.2017 ќе бидат запаметени како настани без преседан. Четири години по настанот има правосилна пресуда за лицата кои извршија упад и насилно влегоа во Собранието. Во ова обвинение главен организатор е наведен Никола Груевски, кој е во бегство и бара азил. Да се врши насилен упад во пармалентот кој е испланиран и во тоа да учествуваат високи функционери е застрашувачко. Државата се брани со срце, ум, правилни потези. Времето и историјата ќе покажат што било правилно а што не. Државата не се гради, ниту брани со насилство. Дали ќе се случеше насилниот упад ако не беше испланиран? Се разбира дека не. Само со план можеше тоа да се случи. Советот ги ценеше сите докази на странките, секој поединчено. Само целината на доказите може да даде одговор на многу прашања. Не се суди на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, друга партија, туку на конкретни лица“, рече Илија Трпков.
Судијата праша како судечкиот совет да подари верба на сведоците од ВМРО-ДПМНЕ, кога од пораките покажуваат нешто спротивно, потенцирајќи дека сведоците дале сведочење под заклетва.
„Како советот да поклони верба на сведоците, кога од изведените докази произлезе сосема поинакво нешто. Се изведоа пораки од кои се гледа како се барале труби и свирчиња. Загрозен беше уставниот поредок. Дали овие обвинети се терористи или не, истакнувам дека законот е тој што дава дефиниција и определба за дејствијата на лицата. Доколку некој биде осуден за ова кривично дело, како ќе биде нарекуван е најмалку важно. Најважно е да се утврди дали бил загрозен уставниот поредок, со акт на насилство преку дејствијата. Сите дејствија на обвинетите треба да се разгледуваат конкретно. Дали обвинетите се познаваат меѓу себе е прашање кое го наметна одбраната, но важно е дали нивните дејствија го исполниле битието на кривичното дело. Судската пракса на национално ниво тврди дека нема потреба организацијата да биде со добро организирана структура и континуирано комуницирање“, додаде Илија Трпков.
За Трпков, постапувањето на Трајко Вељановски било осмислен чин насочен кон загрозување на уставниот поредок.
„Според судот, тоа што не се преминало на друга точка во минатото, тоа за судот покажува дека немало потреба од тоа. Дека деловниот треба да се применува за да се обезбедат сите права на пратениците. Начинот на кој ја водел седницата, целта која сакал да ја постигне, последиците од настанот, активностите кои ги преземал, а произлегуваат од доказите, претставуваат дејствија директно насочени кон загрозување на уставниот поредок, како основа за исполнување на битието на кривичното дело. Постапувањето на обвинетиот било осмислен чин со намера да не се формира влада“, рече Трпков.
За Јанакиески и Ристовски пресудни за судот биле пораките кои ги разменувале, а беа докази во постапката, а даде верба и на сведоците Александар Василевски-Нинџа, Стефан и Михаил Младеновски.
„Кривичната одговорност на Миле Јанакиески и Спиро Ристовски не е во фактот само дека организирале собир со граѓаните и барале говорници да одржат говор за граѓаните да ја штитат Македонија од Тиранската платформа. Јанакиески и Ристовски давале насоки кон пратениците. Спиро Ристовски викал: ‘Појачајте од секаде до максимум’, а Јанакиески: ‘Качете се горе е Заев’. Од пораките кои беа презентирани, видна е комуникацијата меѓу Јанакиески и Канческа-Милевска. Пораките не одат во правец на одбраната на Јанакиески и Ристовски. Одбраната сакаше да докаже дека овие пораки се испратени многу порано од случувањата во собранието. Но, судот, освен што доказите ги цени секој засебно, ги цени и во целина. Ваквите пораки се во корелација на сведочењата на сведоците Стефан и Михаил Младеновски и Александар Василевски-Нинџа. Судот размислуваше дали да поклони верба на Александар Василевски-Нинџа. Постојат доволно докази, материјали и вербални од кои произлегува дека Василевски-Нинџа бил запознаен што се случува во седиштето на партијата, имал доволно информации кој бил таму“, рече судијата Трпков.
Судијата Трпков рече дека Атанасовски требало да преземе сè што може за да го спречи упадот.
„Неспорно се гледаат и дејствијата на Владимир Атанасовски. Обвинетиот тогаш како директор на УБК и обвинетиот Никола Бошкоски вработен во УБК ги мобилизирале членовите за да се спречи мирно предавање на власта. Па така, Василевски рече: ‘Сакам да нагласам дека известував на тие протести колку луѓе протестираат, можам да посочам каде се собираа некои групи. Тоа беа луѓе од градинки, училишта, а се потпишуваа кај претседателот на општинскиот комитет’. Неспорно е дека обвинетиот бил на чело на УБК, со работно искуство во МВР, па со самото тоа што имал сознанија упатува на тоа дека бил свесен за последиците од насилното влегување во Собранието. За него било јасно што значи влегувањето на толпа народ во Собранието. Кога располагал со информации за влез во Собранието, требало да преземе сè што е во рамки на негова надлежност“, рече Трпков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Продор на постуден воздух, температурите ќе бидат во опаѓање
Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер денеска врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места. На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 0 до 10 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 5 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер денеска врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурата ќе биде во опаѓање.
Македонија
Одрони, излевања и поплави на повеќе локации – во Кичево евакуирани 60 луѓе во спортска сала поради поплавени домови
Директорот на Центар за управување со кризи, Мухамед Али, заедно со дежурните екипи на бројот за итни повици 112 и Секторот за операции, континуирано ја следи состојбата по обилните врнежи од дожд. Од ЦУК апелираат граѓаните, доколку имаат потреба или забележат проблеми, истите да ги пријават на бројот 112.
Според пријавите и интервенциите до 21:00 часот на 7 јануари 2026 година, на терен се евидентирани следните состојби:
На патниот правец Гостивар – Стража има одрони, но сообраќајот се одвива редовно. На правецот Тетово – Бањиче регистрирани се одрони покрај коловозот кои го отежнуваат сообраќајот.
Во селото Балин Дол има излевање на реката Вардар, при што се поплавени 10 земјоделски парцели и неколку дворови, а е забележано и намалено производство на електрична енергија во ХЕЦ Маврово.
Во селата Мало Турчане и Горно Бањице се излеале Лукавичка и Сушичка Река, при што е поплавено земјоделско земјиште. Од ЦУК информираат дека општината нема соодветна механизација.
Во селото Форино е евидентирано паднато дрво во коритото на реката Вардар, што претставува ризик од поплава, а на терен е испратена екипа со моторна пила.
На делницата Тетово – Бањиче (кај Цртаниот ѕид) има свлечишта и одрони, при што патот е расчистен со багер и соодветно обележан.
Битола и околината
Во селото Лера има поплава кај мостот со можност за проширување кон селото. Во селото Породин е поплавена живинарска фарма.
Во Општина Ресен, во селата Перово, Дремени и Долна Бела Црква, поплавени се дворови и земјоделски земјишта, при што реките не се излеани. Одронот кај селото Сирхан е отстранет.
Охрид, Кичево и Струга
Во Охрид се пријавени поплавени подруми, гаражи и дворови, при што интервенирале јавните претпријатија и локалната самоуправа.
Во Кичево се поплавени стамбени објекти на улицата „Прилепска“, а 60 лица се евакуирани и сместени во спортската сала „Христо Узунов“.
На патниот правец Охрид – Пештани, кај хотел „Гранит“, е регистриран одрон. Патот е прооден, а расчистувањето на поголемиот нанос се очекува во наредните еден до два часа.
Во Струга, на правците Татеши – Мислодежда и Дебар – Струга, во тек е расчистување на свлечишта и одрони.
Општина Боговиње
Во Општина Боговиње е евидентирано поплавување на обработливо земјоделско земјиште поради затекнат канал од изградба на автопат. Нема загрозени куќи.
Од ЦУК информираат дека сите надлежни служби се на терен и активно интервенираат за справување со последиците од обилните врнежи. Граѓаните се повикуваат да бидат внимателни и да ги следат официјалните упатства.
Свлечиште на патот кон Бањиче
Дополнително, по нова пријава на бројот 112, информирано е дека поради врнежите повторно има свлечиште на патот кон Бањиче. Се апелира до граѓаните да не патуваат на оваа делница додека не се стабилизира состојбата, а општинските екипи се на терен и ја следат ситуацијата.
Македонија
Поплавени улици во Битола, мобилизирани јавните претпријатија
По обилните врнежи од дожд што вечерва предизвикаа поплавување на улици низ Битола, екипи на ЈП „Нискоградба“ и други јавни претпријатија започнаа со интервенции за санирање на состојбата.
Најкритична е состојбата кај стариот објект „Прогрес“, каде што се излеа каналот од реката Курделес. Поради тоа, сообраќајот е отежнат на улицата „Македонска фаланга“ (поранешна „Иво Лола Рибар“) на потегот кон Железничката станица, соопшти Општина Битола.

Интервенции се вршат и на улицата „Солунска“ во населбата „Боримечка“, на Лавчански пат, како и во населбата „Стрчин“.
Екипите продолжуваат со работа на терен и ќе останат мобилизирани поради најавите за продолжување на врнежите.
Во акциите се вклучени екипи од „Битолско поле“, „Водовод“ и „Стрежево“, а најавени се интервенции и во селата Кравари, Канино, Лера, Горно Српци, како и долж реката Црна, во потесното и поширокото градско подрачје на општината.

