Црна хроника
Продолжение на „Керозин“ – уапсени уште десет лица

Полицијата уапси уште десет лица во рамките на полициската акција „Керозин“.
Вработени во општина Чаир, Јавната здравствена установа (ЈЗУ) Институт по белодробни заболувања кај децата Козле-Скопје, СУГС Браќа Миладиновци Драчево-Скопје, Државен студентски дом „Бранко Станоевиќ“ од Гостивар, ЈЗУ Општа болница Куманово и Општина Гази Баба, сите се задолжени да вршат прием или контрола на испорачаните количества нафта.
Осомничени се дека примале поткуп, за злоупотреба на службена положба и овластувања, со тоа што им овозможиле на членовите на криминалната група да не ги испорачаат количествата нафта за греење кои се наведени во испратниците изготвени од Друштвото „Алама комерц“, но да им биде извршено плаќање по истите испратници, како целокупните количества да биле испорачани.
Пред еден месец полицијата приведе девет лица од Неготино осомничени за неисполнување на обврските од договорите што ги имале склучено за јавни набавки, транспорт и испорака на нафта на државни институции или органи на локалната самоуправа.
Оваа година, фирмата „Алма комерц“ имала добиено 150 тендери за транспорт и испорака на нафта за греење./крај/мвр/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Топ
МВР со детали за смртоносната несреќа кај Ресен: двајца загинати, едниот е 20-годишен

Две лица загинаа, третото е тешко повредено. Ваков е трагичниот биланс од смртоносната сообраќајна несреќа што се случи вчера на патот Ресен-Битола, кај местото викано „Слечиште“.
Според соопштението на МВР, судирот бил помеѓу патничко возило „Опел Астра“ со охридски регистарски ознаки, управувано од 20-годишниот П.Н. од Охрид, и патничко возило „Мерцедес“ со германски национални ознаки, управувано од 52-годишниот П.К. од Германија.
„Возачот на „Мерцедесот“ П.К. го загуби животот на местото на настанот, а лекар од Итната медицинска помош ја констатирал смртта. Возачот на „Опелот“, П.Н., и неговиот сопатник Д.С. (19) од село Лескоец, охридско, биле пренесени во Клиничката болница Битола. Таму кај П.Н. лекарот констатирал смрт, додека кај Д.С. биле забележани тешки телесни повреди“, соопшти МВР.
На местото на несреќата извршен е увид.
Црна хроника
(Фото) Претрес во Валандовско, пронајдени дрога, оружје и муниција, приведено едно лице

Вчера во 06:00 часот во село Казандол, валандовско, полициски службеници од ОВР Валандово и Полициската станица Гевгелија го лишиле од слобода 39-годишниот Е.А. од село Казандол.
При претрес во неговиот дом и помошни простории во селото, извршен со наредба на Основен суд Гевгелија, биле пронајдени и одземени 11 стебла од растението Канабис сатива, еден репетирачки карабин, куршуми со калибар од 7,9 мм, една рачна бомба постар модел, една торба и неколку ќесиња исполнети со марихуана, како и други предмети со остатоци од марихуана.
Лицето било задржано во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Топ
(Фото) Во два одвоени случаја уапсени три лица во Кочани и Кочанско, пронајдена дрога

Вчера во 15:40 часот во Кочани, полициски службеници од СВР Штип – ОВР Кочани го лишиле од слобода 22-годишниот Б.Д. од Кочани.
На место викано „Индустриска зона“ во Кочани, полициските службеници извршиле преглед кај лицето и во возилото „бмв“ со кочански регистарски ознаки, кое го управувал, при што пронашле и одзеле марихуана, грендер исполнет со марихуана и дигитална вага.
Подоцна, со судска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом, при што биле пронајдени и одземени марихуана и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело.
Исто така, вчера во 22:00 часот во Грдовци, кочанско, полициски службеници од ОВР Кочани ги лишиле од слобода 32-годишниот Г.П. и 29-годишниот А.А., двајцaта од Виница.
Полициските службеници запреле патничко возило „фолксваген голф“ со швајцарски национални ознаки, кое го управувал Г.П., а сопатник бил А.А., при што забележале дека сопатникот од возилото фрлил пакување со марихуана, кое било пронајдено и одземено. Додека, при преглед во возилото биле пронајдени и одземени бела прашкаста материја, марихуана и грендер.
Лицата биле задржани во полициска станица и во координација со јавен обвинител со нив бил извршен службен разговор. По целосно документирање на случаите против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.