Топ
Во гостилница во Арачиново специјалците уапсија меѓународен наркодилер кој побегнал од затвор

Во акција во угостителски објект во скопско Арачиново, утрово околу 6 часот и 45 минути бил уапсен 43-годишен арачиновец кој бил осуден за меѓународна недозволена трговија со наркотици.
Како што информираат од МВР, во акцијата учествувале Единицата за внатрешни работи – ОКР Кисела вода, во содејство со Специјалната антитерористичка единица.
Четириесет и тригодишникот со иницијали С.Ј. се барал по распишана меѓународна потерница и наредба издадена од затворот Идризово, за доиздржување на казна затвор од 3 години 5 месеци и 8 дена.
Тој бил осуден на затворска казна од вкупно 6 години и 6 месеци за меѓународна недозволена трговија со наркотици и ќе биде предаден во Идризово за доиздржување на казната.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Сијарто: Европските политичари се најжестоките противници на мирот во Украина

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави дека европските политичари во моментов се „најжестоките противници на мирот во Украина“, обвинувајќи ги дека се обидуваат да избегнат одговорност за своите претходни одлуки, со што ја продолжуваат војната.
Во јавна дискусија, Сијарто рече дека европските лидери немаат интерес да постигнат мир, туку дека „секој ден додаваат масло на огнот“ и ја влошуваат ситуацијата, објави МТИ.
Тој нагласи дека Европа дала погрешни одговори на војната од самиот почеток, со што дополнително ја загрозува економската, социјалната и безбедносната стабилност.
Според него, ако војната заврши со договор што е сличен или дури и помалку поволен од оној што Украина успеа да го постигне пред три години, многумина може да се запрашаат зошто не е постигнат договор порано.
„Европските лидери можат да избегнат политичка одговорност сè додека трае војната, но кога ќе заврши војната, ќе мора да се соочат со таа одговорност“, рече Сијарто, додавајќи дека украинскиот претседател ќе се соочи и со прашањето зошто не го потпишал Истанбулскиот договор во април 2022 година, што сигурно би било подобро од ситуацијата што ја има Украина денес, три и пол години подоцна.
Тој зборуваше и за притисоците врз унгарската влада во врска со ставот кон членството на Украина во Европската Унија.
Според него, постои силен притисок Унгарија да ја промени својата позиција, а опозицијата во земјата се обидува да делегира „кукла“ за премиер со цел да се олесни влезот на Украина во ЕУ, пренесува Танјуг.
Тој истакна дека, спротивно на најновите медиумски шпекулации, не е Русија таа што се меша во унгарските избори, туку Брисел, Европската комисија и Европската народна партија (ЕПП). Унгарскиот министер за надворешни работи нагласи дека целта на опозицијата е да ја освои власта и да го олесни брзото членство на Украина во ЕУ.
Фото: принтскрин
Топ
Го удирале со боксови по целото тело и глава: преку психијатриско вештачење ќе се утврди дали тројцата осомничени свесно го извршиле убиството во Кавадарци

Основното јавно обвинителство Кавадарци донесе Наредба за спроведување истражна постапка против три лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Тешка телесна повреда со смртни последици, согласно член 131 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничените, од кои двајца се на возраст од 27 години и еден 35-годишник, на 27 август околу 5 часот наутро, имале вербална расправија со оштетениот во казино во Кавадарци.
Потоа излегле надвор, физички го нападнале и го удирале со боксови и клоци по целото тело и глава. Оштетениот се обидел да влезе во казиното, но изгубил свест. Со ударите му нанеле повеќе тешки телесни повреди од кои починал.
Во текот на истражната постапка ќе бидат обезбедени сите докази и ќе се врши психијатриско вештачење на осомничените, па доколку се утврди дека кај нив постоела свест и намера да го лишат од живот оштетениот, можна е преквалификација на делото во убиство.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кавадарци поднесе и предлог за определување мерка притвор за тројцата осомничени, особено имајќи ја предвид опасноста од бегство. На ова укажува и нивното однесување веднаш по настанот, бидејќи тие се оддалечиле од местото и не се пријавиле самите во полиција. Наместо тоа, отишле заедно во стан на едниот од осомничените. Од тие причини јавниот обвинител оцени дека притворот е неопходен за непречено водење на постапката и обезбедување на сите докази.
Свет
Зеленски ги повика Унгарија и Кина да извршат притисок врз Русија

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика Унгарија и Кина да влијаат врз Москва да ги запре воените операции во Украина.
„Очекуваме реакција на Кина на она што се случува. Кина постојано повикуваше војната да не се шири и на прекин на огнот. Ова не се случува поради Русија. Очекуваме реакција на Унгарија“, рече Зеленски на својот Телеграм канал.
Тој рече дека очекува јасен одговор од оние „кои повикуваа на мир, но сега почесто молчат отколку што заземаат принципиелни позиции“, нагласувајќи дека дојде време да се воведат „строги санкции“ против Москва.
„Сите рокови веќе се пропуштени, десетици дипломатски можности се уништени. Русија мора да се чувствува одговорна за секој удар, за секој ден од оваа војна“, рече украинскиот претседател.
Фото: принтскрин