Топ
Пешак загина, велосипедист тешко повреден – и во двата случаја возачите што ги удриле побегнале
Пешак во Скопје загина, а велосипедист е тешко повреден во два одделни случаја во кои биле удрени од автомобили, при што и двајцата возачи побегнале.
Првиот инцидент се случил вчера напладне на крстосницата од булеварот Трета македонска бригада и улицата Никола Карев, при што автомобил удрил во велосипед, управуван од З.Т. од Скопје и го напуштил местото на незгодата.
Велосипедистот се здобил со тешки повреди и бил итно пренесен во градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
Вториот инцидент со трагичен исход се случил синоќа околу 1 часот по полноќ кога на улицата Алија Авдовиќ во Скопје, автомобил удрил во 79-годишен пешак со иницијали А.А, по што возачот го напуштил местото на незгодата.
Пешакот бил итно пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што им подлегнал на повредите.
Полицијата работи на расчистување на овие два случаја и трага по несовесните возачи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Грипот стивнува, намалени бројките на новозаболени, но остануваат препораките за маска во простории со многу лица
Институтот за јавно здравје и оваа недела пријави помал број новозаболени од грип и заболувања слични на грип. Директорката Марија Андоновска вели дека се уште е рано да се каже дека сме го поминале пикот и остануваат препораките оние кои сакаат да се заштитат да носат маска во затворени простории во кои има повеќе луѓе.
„Во текот на четвртата недела од 2026 година што го опфаќа периодот меѓу 19 и 21 јануари, во Македонија се пријавени 1708 случаи за заболени од грип и заболувања слични на грип што е за 17,2 % помалку во споредба со претходната недела кога бројот беше 2062. Бројот на пријавени лица оваа недела во споредба со истата оваа недела минатата сезона е намален за девет проценти, а во споредба со петнаесетте изминати сезони е намален за 33,4%. Како што забележувате споредено и со минатата недела, но и со истата оваа недела во минатата сезона бројот е намален“, рече директорката Андоновска.
Во однос на возрасната дистрибуција 1029 лица се на возраст меѓу 15 и 64 години, 253 лица се на возраст над 65 години, 243 се деца на возраст меѓу 5 и 14 години, 183 се деца на возраст меѓу 0 и 4 години што укажува дека највисоката инциденца се регистрира на возраст меѓу 0 и 14 години.
Во Дебар и Кратово се бележи многу висока активност. Во Охрид, Кавадарци и Струмица има висока активност, средна активност има во девет градови, во 12 се бележи сезонска активност додека во два града се бележи многу ниска активност.
„Според податоците што ги имаме, во моментов, во Македонија има среден интензитет на активност на вирусот. Остануваат и понатака да важат нашите препораки што ги даваме за лицата да се заштитат, да избегнуваат простории каде што има повеќе лица, а доколку е неопходно да бидат во вакви простории да носат маска. Посебно да водат сметка ранливите категории, лицата над 65 години, лицата со хронични болести, децата и трудниците посебно да внимаваат на сопственото здравје. Доколку имаат каков било сомнеж дека некое лица е заболено или покажува симптоми да се избегнуваат контакти со него. Оние кои веќе се дијагностицирани или имаат грип, да останат дома, децата да не се носат во училиште доколку покажуваат симптоми со цел да закрепнат побрзо и да немаме трансмисија на вирусот“, вели директорката Андоновска.
Нејзината препорака за болните и за оние кои сметаат дека имаат симптоми е да останат дома и да ги следат советите од матичните лекари.
Намалувањето на бројките втора недела по ред директорката Андоновска вели дека не значи дека сме го поминале пикот.
„Што се однесува до пикот, забележливо е дека имаме два недели намалување на бројките, но се уште е многу рано да кажеме дека сме го надминале пикот бидејќи во минатата сезона имавме два пика. Може ова да е првиот, можеби е последниот, но не значи дека нема да има нов пик и ново растење на бројките“, рече директорката Андоновска и нагласи дека Институтот ќе продолжи да ја следи состојбата.
Оваа сезона Институтот за јавно здравје регистрираше три смртни случаи на заболени со грип.
Македонија
Брисел ги прифати барањата, возачите се признаени како професионалци, го решаваме проблемот со превозниците, објави Николоски
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски соопшти дека од Брисел пристигнале, како што вели, „одлични вести“ во врска со проблемите на македонските превозници.
„Само што добив одлични вести од Брисел во врска со огромниот проблем на превозниците од Македонија! Нашите ставови се прифатени. Возачите се прифатени како професионалци. Тоа е тоа што го баравме“, објави Николоски.
После протестите и силната офанзива изминатиот период, Брисе, додава тој, ќе донесе нова Стратегија за визи која ќе значи решавање на проблемот со кој се соочија професионалните возачи.
Благодарам до сите пријатели на Македонија кои помогнаа со цел да се реши овој проблем!
Македонија
(Видео) Филипче: Техничката влада мора да остане, не се созреани условите за укинување
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче истакна дека техничката влада мора да остане затоа што не се созреани условите за нејзино укинување.
„Сметаме дека е повторно политички трик да се дозволи власта да протне закон со којшто техничката влада формално ќе остане во следниот изборен циклус, а потоа ќе се укине. Ние изнесуваме аргументи и факти зошто техничката влада мора да остане, затоа што условите за нејзино укинување едноставно не се созреани“, изјави Филипче.
Тој потсети дека причините поради кои техничката влада беше воведена во 2015 година и денес постојат, па дури и во поизразена форма.
„Злоупотреба на институциите постои и сега, ако не и побрутална. Па ја видовме за време на локалните избори, злоупотреба на полицијата, на социјалните служби. Така да, едноставно општеството повторно како и тогаш што беше ситуација, не е зрело да се укинува техничката влада. И нема потреба.“, нагласи Филипче.
Укинувањето на техничката влада може да се случи само врз основа на широк политички консензус, а не преку наметнување на еднострани решенија.
„Ако е донесена со консензус, нека се укине со консензус. Значи, вистински, фер, политичка комуникација, третман, е да како нешто било договорено, така да продолжи и понатаму “, потенцираше Филипче.

