Економија
„Плана телепорт“ на „Јунајтед груп“ добива целосен сертификат за ниво 4 од Светската асоцијација за сателитски комуникации

„Јунајтед груп“ денес објави дека нивниот бугарски оператор „Виваком“ e награден од Светската асоцијација за сателитски комуникации (World Teleport Association) со целосен cертификат за ниво 4 за нивниот објект за сателитска комуникација „Плана телепорт“, добиен по неодамнешната ревизија на објектот.
Ниво 4 е највисок можен сертификат во областа на сателитските услуги и ја рангира сателитската станица меѓу најмодерните објекти од ваков тип во светот. Tоа значи дека „Плана Телепорт” ги поседува стандардите за врвна локација, двојно поткрепена техничка опрема и високо-професионална поддршка 24/7 – со технички и со комерцијални експерти. Само 19 сателити, вклучително и станицата на „Плана”, во моментов поседуваат сертификат за ниво 4.
Сето ова потврдува дека клиентите на „Виваком” добиваат услуги со највисок и сертифициран квалитет и сигурност.
Од претходната ревизија, „Виваком” се фокусираше на развивање на услуги за деловни клиенти и сега копнената станица емитува 4 DTH платформи (Direct-to-Home) со повеќе од 400 ТВ канали за Источна Европа и Африка.
„Виваком”, исто така, ги прошири своите регионални поморски VSAT услуги. Станицата „Плана” е исто така важен дел од клучната копнена инфраструктура за неколку сателитски оператори и нивните сателитски сoѕвездија.
„Горди сме што „Виваком” ги покажа највисоките стандарди за квалитет за сателитски услуги, како што е дефинирано од Светската асоцијација за сателитски комуникации (WTA). Темелната ревизија спроведена од WTA и сертификатот за ниво 4 потврдува за професионалноста на нашата работа и нашата посветеност да бидеме најдобри”, изјави сениор менаџерот за радиодифузни услуги на „Виваком”, Владимир Рангелов.
„Со повторното сертифицирање на сателитот на „Виваком” на ниво 4, WTA ја постигнува најважната цел на програмата за сертификација – не само да ги измери факторите што придонесуваат за високиот квалитет на услугата, туку и да ги мотивира за подобрување. Со нетрпение очекуваме да им помогнеме и на другите сателитски оператори да го подигнат квалитетот на нивните капацитети и процедури за подобро да им служат на своите клиенти и да ги развијат нивните бизниси “, рече извршниот директор на WTA, Роберт Бел.
Процесот на сертификација е долг и сеопфатен. Сателитот мора да исполни повеќе од 170 барања, кои Светската асоцијација за сателитски комуникации (WTA) ги проверува и анализира при ревизија на лице место.
Програмата за сертификација за телепорт на Светската асоцијација им служи и на сателитските оператори и на нивните клиенти со својот непристрасен, транспарентен и меѓународно прифатен метод за документирање на квалитетот на услугите за клиентите и стратешките партнери.
Сертификатот претставува сигурносна алатка за клиентите при избор на даватели на услуги за сателитски услуги, обезбедувајќи јасна основа за проценка на цената и квалитетот.
На крајот на 2020 година, „Плана Телепорт” се рангираше на 5-то место на глобално ниво во однос на растот на приходите од сателитските услуги за деловни клиенти, во годишното рангирање на WTA за најбрзорастечките сателитски оператори.
За Јунајтед Груп:
Јунајтед груп, со седиште во Холандија, е водечки телекомуникациски и медиумски оператор во Југоисточна Европа. Компанијата работи во осум земји и на крајот на 2020 година има приближно 11 милиони корисници и приближно 14.500 вработени. Јунајтед груп има најширока мрежна покриеност во регионот и им нуди на корисниците најатрактивен избор на ТВ-содржини од целиот свет. Значајните инвестиции во дигитална инфраструктура, медиумската содржина и технологијата, обезбедуваат извонредност на производите и услугите што им ги нуди на клиентите. Од март 2019 година, Јунајтед груп е во мнозинска сопственост на BC Partners, една од најголемите инвестициски компании во светот. Инаку, во рамките на Јунајтед Груп, во Северна Македонија работи компанијата Тотал ТВ.
За повеќе информации посетете ја веб страницата: https://united.group/
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска: Новата ТС Охрид го поврзува Балканот и европскиот пазар на електрична енергија

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес изврши теренска посета на градилиштето за изградба на новата трансформаторска станица Охрид (ТС Охрид), дел од проектот за интерконекција Македонија–Албанија. Проектот опфаќа две целини – LOT 1: далноводот Битола – граничен премин со Албанија и LOT 2: изградба на трансформаторската станица Охрид во близина на селото Мешеишта.
Божиновска се запозна со текот на интензивните градежни активности што се одвиваат на површина од 80.000 метри квадратни: изградба на потпорни ѕидови и наклони, градежни работи на командната зграда, комплетирани фундаменти и започната монтажа на челични носачи и опрема во 400 kV постројка.
„Со реализацијата на овој проект, Северна Македонија гради мост кон европските пазари на електрична енергија, создава услови за стабилно и економично снабдување за граѓаните и отвора простор за приклучување на нови производители од обновливи извори – што е наш врвен приоритет, “истакна Божиновска.
Изградбата на новата 400 kV линија е стратешко зајакнување на стабилноста и сигурноста на електроенергетската мрежа на земјава. Со тоа се заокружува електроенергетското поврзување со сите соседи, што овозможува не само зголемена стабилност и доверливост, туку и активно учество на пазарите за балансни и системски услуги и размена на енергија во регионот.
При посетата, таа беше пречекана и детално информирана за напредокот на проектот од страна на проект менаџерот Дарко Докузовски.
Економија
Поставен камен-темелник на новата фабрика на „Чагатај кабло“, инвестиција вредна 6 милиони евра

Поставен е камен-темелник на новата фабрика на „Чагатај кабло“, инвестиција вредна 6 милиони евра и 200 нови работни места, изјави премиерот, Христијан Мицкоски.
„Компанијата ‘Чагатај кабло’ почнува со изградба на нова фабрика во рамките на ТИРЗ Скопје 1. Се работи за инвестиција во вредност од 6 милиони евра. Ќе се изгради објект со површина од 10.000 квадратни метри и ќе се отворат нови до 200 работни места или вкупно, како што рече и претседателот на управниот одбор, ќе дојдеме до бројка од 500 работни места, кои ќе произведуваат овде во производните капацитети на компанијата ‘Чагатај кабло’“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека со ова ќе се воведат нови технологии, ќе се прошири капацитетот и ќе се создаде идна вредност што ќе остане овде – во нашата татковина.
Секој ваков почеток не е добар само за компанијата, додаде Мицкоски, туку е добар за локалната заедница, добар за националната економија и добар за иднината на секој млад човек што сака да остане овде.
„Нашата цел е да ја направиме Македонија земја на можности. Земја во која трудот се исплати. Земја во која инвестицијата има смисла. Земја во која институциите се партнери на бизнисот – не пречка, туку поддршка“, рече Мицкоски.
Економија
Инвестиција од 1 милијарда евра на „Казанџи груп“ за изградба на гасни централи, трајно решение за аерозагадувањето, најави ВМРО-ДПМНЕ

Приоритет на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е создавање услови за нов циклус на економски раст. Се поттикнува економската слобода на инвеститорите преку креирање на фер услови за сите стопански субјекти. Се враќа довербата на странските инвеститори за своите инвестиции да ги пласираат во државата, да отворат нови или да ги прошират своите капацитети. За разлика од минатото кога имаше недостаток на доверба кај инвеститорите во владата на СДС и ДУИ сега домашните и странските инвеститори имаат партнер во владата на ВМРО-ДПМНЕ, велат од владејачката партија.
Од таму наведуваат дека се официјализираше меморандум за соработка со компанијата „Казанџи груп“ којашто е светски гигант во енергетиката. „Казанџи Холдинг“, е водечка турска компанија со преку 25 години искуство, оперира со инсталиран капацитет од над 3,500 MW во осум држави и е активна во 22 земји на четири континенти.
„Во Македонија „Казанџи груп“ ќе инвестира 1 милијарда евра за изградба на секундарна гасоводна мрежа, топловодна мрежа и когенеративните централи со 500 MW инсталиран капацитет кои произведуваат 4,1 TWh електрична енергија и 720 GWh топлинска енергија на годишно ниво. Освен енергетската стабилност, со градењето на когенеративни гасни централи, трајно се решава загадениот воздух. Со оваа и останатите инвестиции во енергетиката државата ќе стане енергетски независна. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ има јасна стратегија и план за енергетскиот сектор во служба на граѓаните. За енергетска ефикасност, енергетска стабилност и независност на државата. Ги градиме темелите на промените. Доаѓа времето на Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.