Топ
Син го зел телото на починатата мајка од ковид-болницата во Тетово и побегнал

Во тетовската полиција било пријавено дека ноќеска од Клиничката болница во Тетово едно лице дошло и без одобрение го зело телото на својата мајка почината од Ковид-19.
Според информации од полицијата, ноќеска десетина минути по полноќ, вработена во Инфективното одделение на тетовската Клиничка болница во СВР Тетово пријавила дека петнаесетина минути пред тоа едно лице дошло, го зело и потоа во возило „форд“ го ставило телото, наводно на својата мајка, а која претходно починала од Ковид-19 и со возилото се оддалечило од местото.
Се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот, велат надлежните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тошковски: Нема да поднесам оставка

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на неговиот „Фејсбук“ профил реагира соопштението на СДСМ во кое се бара негова оставка. Тој ги оцени обвинувањата како обид да се прикрие очајот и стравот од одговорност поради, како што вели, осумгодишното уништување на системот и институциите.
Во својата реакција, министерот посочува дека истите лица кои со години ја рушеле државата, денес се обидуваат да ја избришат сопствената одговорност со постојано папагалско повторување на зборот „оставка“, и тоа без ниту еден аргумент.
Во продолжение следува интегралниот текст од реакцијата на министерот Тошковски:
Почитувани граѓани,
Во последните денови сме сведоци на уште еден бран од очајни, неосновани и политички мотивирани напади од СДСМ кон мене. Искрено, разбирам дека очајот е огромен кога секоја нова анкета им ја топи поддршката побрзо отколку што тие успеваат да измислат нова лага, но оваа хистерија што ја гледаме не е политичка дебата, туку очај маскиран во соопштение.
Помина повеќе од една година во која секојдневно активност на прес-центарот на СДСМ не е ништо друго освен папагалско повторување на зборовите: „Оставка за Тошковски!“. Секој ден, истата реченица, иста интонација. Изгледа како да добиле упатство без разлика која е темата, одговорот мора да биде „оставка“. Еден ден тоа е безбедноста, друг ден животната средина, третиот парното во зграда. Нема да бидам изненаден ако СДСМ утре излезе со итно соопштение дека јас сум лично одговорен и за недостигот на сончеви зраци во Скопје. Кај нив, секоја тема е добра, само ако може да се спакува во зборот „оставка“. Таквите небулози само покажуваат колку е изгубена партијата што нема аргументи, па се обидува да произведе скандал од секој еден случај. Истата матрица ја гледаме и во обидите да се прикаже дека припадници на МВР воделе партиски состаноци по месни комитети. Тоа не е загриженост за институцијата, тоа е страв од институција што конечно не им е под команда. Кога не можат да најдат реален пропуст го измислуваат. А кога ќе се појави вистински настан, како денешниот инцидент со пукање во Куманово, веднаш го претвораат во нова доза на политичка хистерија. Пред да заврши увидот, пред да се појават првичните наоди, тие веќе бараат оставка. За нив секој трагичен настан е средство за политичка пресметка и наместо за момент да покажат барем минимална човечност и почит, веднаш трчаат пред камери. Тоа не е грижа за државата, тоа е очај маскиран во политика.
И додека тие глумат загриженост, реалноста е сосема поинаква. Очигледно е дека многу нешта им пречат, особено тоа што конечно институциите работат, а правдата им тропа на врата. Па во оваа прилика би сакал јавно да ги прашам:
– Толку ли многу ви смета што покренавме кривични постапки против корумпирани судии и обвинители?
– Толку ли многу ви смета што расчистивме 14 криминални банди кои се занимаваа со дрога, трговија со луѓе и тешки убиства, токму додека министер за внатрешни работи беше човек од СДСМ?
– Толку ли многу ви смета што уапсивме членови на терористички ќелии?
– Толку ли многу ви смета што поднесовме кривични пријави против поранешен министер за култура, поранешен директор на ЕСМ, поранешен директор на затвор, поранешни градоначалници, корумпирани директори на здравствени и други државни институции кои сметаа дека и оваа власт ќе продолжи исто како вас да го поддржува, а не да се бори со криминалот и корупцијата?
Очигледно е дека не ви пречи начинот на кој работам, туку резултатите од таа работа, бидејќи конечно после вас, МВР не е алатка за остварување на теснопартиски и бизнис интереси на поединци поврзани со власта, туку инструмент за спроведување на законот.
И токму затоа, не ме чуди што повторно се координирате во нападите. Јас сум првиот министер во историјата на Македонија кој за една година преживеал две интерпелации – една од Левица и една од ДУИ. Очигледно, единственото што недостига за да ја заокружите оваа „необична коалиција“ е СДСМ да се приклучи со своја трета интерпелација. Па така после година и пол постојани барања за оставка, би било политички коректно конечно сите заедно да застанете на иста страна, барем во очајот и да поднесете и трета интерпелација која ќе биде уште една шанса да ги спротивставиме вашите осум години хаос и уништување на системот со нашите година и половина мерливи резултати.
Јас нема да си поднесам оставка, напротив додека вие се занимавате со спинови и конструкции, ќе продолжам со решавање на проблеми и расчистување со нередот кој го оставивте. За вас политиката е шоу, за нас е одговорност. А тоа, почитувани, е разликата помеѓу власт што руши и генерација што гради. За десетина дена, на локалните избори, ќе го видите резултатот од вашето најгласно „оставка“. Тоа ќе биде моментот кога зборовите ќе се судрат со делата и граѓаните ќе кажат кој работел, а кој само ширел паника и хистерија.
Македонија
Во вооружениот напад во Куманово е повреден докторот Зекирија Шаини, од Здравство велат дека е во стабилна состојба

Министерството за здравство со вознемиреност ја прими веста за вооружениот напад во Куманово при кој беше повреден нашиот колега, доктор Зекирија Шаини. Ја известуваме јавноста дека повредите не се животно-загрозувачки и дека докторот е во стабилна состојба и се опоравува, соошштија од Министерството за здравство.
Од таму велат дека ќе биде обезбедена целосна поддршка за докторот додека трае неговото опоравување и рехабилитација.
„Министерството категорично осудува било какво насилство против здравствените работници и потврдува дека нивната безбедност е приоритет. Ќе работиме на унапредување на мерките за заштита на персоналот во здравството преку соработка со здравствените установи и локалните власти. Министерството активно ќе соработува со Министерството за внатрешни работи и локалните власти во Куманово за целосно расчистување на случајот“, велат од таму.
Од Министерството повикуваат на воздржаност, почитување на приватноста и солидарност кон повредениот и неговото семејство.
„Министерството ќе ја следи состојбата на доктор Шаини и навремено ќе информира за сите значајни промени“, се наведува во соопштението.
Македонија
Нема индиции на политички мотиви зад оружениот инцидент во Куманово

Првичните индиции не упатуваат на политички мотиви зад оружениот инцидент во Куманово, соопштија од Јавното обвинителсто.
„Во однос на настанот на настанот во Куманово, двајца јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Куманово излегоа на лице место и преземаат увидни дејствија. Се прибираат траги и материјални докази кои ќе бидат предмет на вештачење. Во пукањето е повредено едно лице, а по напаѓачот се трага. Првичните индиции не упатуваат на политички мотиви зад оружениот инцидент, но сите околности се проверуваат“, се наведува во соопштението.
Во престрелката што се случи попладнево повреден е 43-годишник З. Ш. од Слупчане, Липково. Мажот бил застрелан од лица во движење кои пукале кон возилото кое го управувал.