Свет
Нултиот пациент на новиот бран во Кина бил во карантин четири недели, па го раширил вирусот
Мажот кој помина 21 ден во задолжителен карантин по враќањето во Кина од странство, беше означен како нулта пациент на новиот бран.
Во провинцијата Фуџијан на југоисточниот брег на Кина повеќе од 60 луѓе се новозаразени, вклучително и 15 ученици од основно училиште.
Новите инфекции првпат беа откриени кај двајца браќа за време на рутинско тестирање во основно училиште во округот Ксијан, во близина на градот Путијан. Друг ученик и тројца родители беа позитивни следниот ден.
Експертите што ја советуваат владата рекоа дека еден од родителите, таткото што неодамна се врати од Сингапур, е најверојатниот изворот на инфекцијата и покрај фактот што тој беше во карантин по неговото пристигнување во Кина.
Човекот пристигнал во Ксијамен, главниот крајбрежен центар во Фуџијан, на 4 август, каде што престојувал во задолжителен хотелски карантин 14 дена. Потоа тој поминал уште една недела во централизиран карантин на одредена локација во градот пред да се врати во својот дом, каде што имал здравствена контрола уште една недела.
Тој, како што пишуваат тамошните медиуми, бил тестиран на вирусот девет пати во текот на тринеделниот карантин пред да биде позитивен во петокот, 37 дена по влегувањето во Кина.
Ограничувањата во Кина и задолжителните услови за карантин за пристигнување од странство се едни од најстрогите во светот.
Кинеските власти не откриваат кога, каде и како човекот го добил вирусот, но периодот на инкубација подолг од 21 ден е многу невообичаен. Истражувачите од провинцискиот Центар за контрола и превенција на болестите во Гуангдонг откриле дека делта-сојот има просечен период на инкубација од четири дена.
Инфекциите се проширија и во други градови во провинцијата. Кинеската национална здравствена комисија во понеделникот објави дека се регистрирани шест локално пренесени случаи во Квангжу.
Локалните власти реагираа со ставање десетици милиони жители во строг карантин, спроведување масовни тестирања и мониторинг-кампањи и ограничување на патувањата.
Кон крајот на август здравствените власти објавија дека епидемијата е ефикасно ставена под контрола. Иако стратегијата изгледаше успешна, експертите велат дека на кинеските власти им требало повеќе време за да ја вратат инфекцијата на нула во споредба со претходните епидемии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Американците понудиле безбедносни гаранции за Украина, Зеленски не е задоволен
САД му понудија на Киев 15-годишни безбедносни гаранции, но Украина сака повеќе и смета на период од најмалку 30 години, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски на маргините на Минхенската безбедносна конференција.
Според него, Украина работи со сите партнери за безбедносни гаранции.
„Општо земено, ние сме блиску до тој проект. Имавме средба со американски сенатори. Рековме дека навистина сакаме да ги продолжиме безбедносните гаранции, за да бидат поефикасни за инвеститорите на кои им се потребни гаранции повеќе од пет до десет години“, рече Зеленски, пренесоа украински медиуми.
Тој додаде дека американската страна синоќапредложила гаранции од 15 години, додека Украина сака да додаде 20 години на тоа, за периодот да биде помеѓу 30 и 50 години.
„Зависи од тоа што ќе одлучат администрацијата и Конгресот, ќе видиме“, рече Зеленски.
Свет
Зеленски очекува корисна следна рунда мировни преговори
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска во Минхен изјави дека очекува следната рунда мировни преговори да биде сериозна, суштинска и корисна. Сепак, тој додаде дека понекогаш се чини како „страните да зборуваат за сосема различни работи“.
Нова рунда разговори меѓу претставниците на Русија и Украина, со посредство на САД, ќе се одржи во Женева во вторник и среда.
Зборувајќи на Минхенската безбедносна конференција, Зеленски рече дека клучниот фокус во мировните преговори е да се обезбеди дека „за четири години, цивилизираниот свет нема да биде принуден повторно да се оправдува, да ја префрла одговорноста и да бара некој друг да го обвини“ за уште една војна.
„Украина е подготвена за договор што ќе ни донесе вистински мир нам, на Украина и на Европа“, додаде тој и изјави дека Европа „практично не е присутна на преговарачката маса“, но треба да биде.
„Тоа е голема грешка“, рече тој.
Зеленски истакна дека би било илузија да се верува дека оваа војна сега може сигурно да се заврши со поделба на Украина. Тој повтори дека на Русија „не смее да ѝ се даде никаква надеж дека може да остане неказнета за ова злосторство“.
Тој вели дека Москва била најсериозна во врска со преговорите кога била погодена од длабоки украински напади на сопствената територија.
„Колку сме посилни, толку пореален станува мирот“, рече тој.
Свет
Грчките земјоделците го завршија протестот во Атина
Со сирени и свирење, исто како што и пристигнаа, тракторите на грчките земјоделци претпладнево си заминаа од Атина, откако во текот на ноќта останаа паркирани пред грчкиот Парламент. Околу 50 трактори вчера пристигнаа во Атина, поминаа низ низа централни улици, каде што беа пречекани и поздравени од граѓаните и случајните минувачи, а на ист начин си заминаа денеска.
Во текот на вечерта тракторите останаа паркирани на плоштадот Синтагма пред Парламентот, откако претходно, протестот заврши мирно, а свои обраќања имаа земјоделци од различни делови на земјата, пренесувајќи ги нивните ставови и барања поврзани со примарниот сектор.

