Топ
Со ремен ја тепал сопругата, замавнал со нож кон ќерката, гостиварец вршел семејно насилство

43-годишен гостиварец е обвинет за семејно насилство, информираа надлежните.
Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе Обвинителен предлог против 43-годишен гостиварец за кривичните дела телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1 и загрозување на сигурноста од член 144 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетиот на 15 октомври, при вршење семејно насилство во домот во кој живеел во заедница со оштетените, започнал расправија по што ги нападнал оштетените и нанел телесни повреди. Тој побарал парични средства, но откако сопругата му кажала дека нема, започнал да ја удира со шлаканици. Потоа побарал пари и од ќерката, но откако не му биле дадени се упатил да го земе нејзиниот мобилен телефон за да го продаде. Кога ќерката се обидела да повика полиција, осомничениот зел нож од кујната и замавнал кон неа, во што бил спречен од сопругата. Тој продолжил со намерата, удирајќи ја сопругата со ремен во пределот на грбот и левата натколеница нанесувајќи ѝ телесни повреди.
Кривичното дело загрозување на сигурноста обвинетиот го сторил на штета на неговата ќерка. Тој неколкупати праќал пораки на нејзиниот мобилен телефон со закани кон неа и нејзината мајка.
Јавниот обвинител поднесе и предлог до Основниот суд Гостивар за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Гаши – фон дер Лајен: Економска интеграција на единствениот европски пазар пред интеграција во ЕУ

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која во рамките на нејзината тридневна турнеја низ земјите од регионот на Западниот Балкан, е во посета на земјава. На средбата присуствуваше и заменикот на генералниот секретар на Собранието, Бобан Стојаноски.
Посакувајќи и добредојде во Собранието во име на пратениците, претседателот Гаши истакна дека оваа посета ја разбира како поддршка и афирмација на цврстата определба на државата да остане на европскиот пат.
Понатаму истакна дека за Северна Македонија, како земја кандидат, Европската Унија не е само политички и економски блок, туку претставува посветеност на вредностите како демократијата, владеењето на правото, човековите права и солидарноста.
Истакна дека и кога земјата се соочувала со најголемите предизвици, граѓаните не се поколебале во однос на членството во ЕУ.
Нагласи дека слоганот на ЕУ „обединети во различностите„ најдобро ја опишува Северна Македонија, а изрази и благодарност за Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, кој ветува значително подобрување на економскиот и социјалниот развој на државите во регионот и нивна поголема интеграција во ЕУ.
Македонија
Поради изградба на објект, оштетен е ѕид и кровот на куќата на Владо Малески во Струга, споменик заштитен како културно наследство

Поради изградба на објект, оштетен е ѕид и кровот на куќата на Владо Малески во Струга, споменик заштитен како културно наследство, информира Министерството за култура и туризам.
„Во врска со оштетувањата на споменик на културата на ул. „Браќа Миладиновци“ бр. 16 во Струга, информира дека министерот Љутков е во координација со надлежните институции за преземање на соодветни мерки. Стручните лица при НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид веднаш извршија увид на објектот, кој се наоѓа во Првата зона на Струга, со посебен режим на заштита согласно Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион со Акциски план 2020–2029“, велат од Министерството.
Од таму додаваат дека при увидот се констатирани значителни оштетувања– рушење на јужниот калкански ѕид и дел од кровната конструкција, настанати при ископ за изградба на соседен објект.
НУ Завод и музеј – Охрид го доставил наодот и предлогот до Управата за заштита на културното наследство – Скопје за натамошно постапување.
Од Министерството велат дека инспекциската служба при УЗКН ќе постапи согласно своите надлежности, со цел заштита и зачувување на вредностите на овој споменик на културата заштитен со Решение на Управата за заштита на културното наследство од 2017 година..
„Министерството за култура и туризам остро реагира на секое неодговорно и несовесно постапување што доведува до оштетување на заштитени објекти и апелира до сите инвеститори и граѓани да се придржуваат кон законските процедури и кон условите за заштита на културното наследство, кое претставува непроценливо богатство на нашата држава“, велат од Министерството.
Владо Малески (5 септември 1919 – 23 септември 1984) е истакнат македонски писател, општествено-политички работник, издавач и револуционер. Автор е на текстот на македонската химна „Денес над Македонија“. Роден е во Струга.
Фото: фејсбук
Македонија
Мицкоски на средбата со фон дер Лајен: Државата очекува од Европската Унија јасна и конкретна посветеност

Денес во просториите на Владата, премиерот, Христијан Мицкоски, имаше средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во рамки на нејзината балканска турнеја.
Мицкоски информира дека на средбата се разговарало за европската перспектива, напредокот на реформските процеси, економската соработка, енергетската безбедност и дигиталната трансформација.
„Ја истакнав решеноста на Владата да ја забрза евроинтеграцијата на државата преку конкретни резултати и исполнување на европските стандарди. Посочив дека државата очекува од Европската Унија јасна и конкретна посветеност, како потврда на европската перспектива и поддршка за граѓаните кои со децении остануваат посветени на европските вредности“, вели Мицкоски.
Според него, посетата на претседателката на Европската комисија претставува потврда на отворениот дијалог и заемната подготвеност за продлабочување на партнерството, во интерес на стабилноста, економскиот развој и европската иднина на земјата.