Црна хроника
Лажни истражители барале 75.000 евра за да запрат постапка во обвинителството

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против две лица, од кои едното е осомничено за измама, а другото за лажно претставување.
Имено, првопријавениот М.М. во текот на 2020 и 2021 година, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, пред оштетените лица лажно презентирал факти дека наводно поседувал информации според кои ОЈО за гонење организиран криминал и корупција води постапка против повеќе физички и правни лица. Притоа, за да го увери во вистинитоста на своите тврдења, на еден од наводно осомничените во таа постапка му прикажал Наредба со невистинита содржина, која ја изработил на својот приватен компјутер, за наводно отварање на предистражна постапка од страна на ОЈО за ГОКК, со што го довел во заблуда оштетеното лице. Тој од него побарал парична награда од 75.000 евра кои ќе му бидат исплатени во неколку наврати за да ги искористи своите конекции и врски што наводно ги имал со службени лица – истражители во обвинителството за да се запре постапката. М.М. служејќи се со лаги и манипулации го навел оштетениот да му даде 5.000 ЕУР кои ги зел на 03.11.2021 на нивна средба во угостителски објект во Скопје со што го сторил кривичното дело „Измама“, предвидено и казниво по член 247 став 3 вв став 1 од Кривичниот законик.
Второпријавениот В.С., со намера првопријавениот да прибави противправна имотна корист, на средба која се одржала помеѓу пријавените и оштетениот, лажно се претставил како вработен во Управата за финансиско разузнавање, а воедно и истражител во ОЈО за ГОКК, со што му овозможил на првопријавениот да го доведе во заблуда оштетениот дека М.М. има конекции, преку кои можел да издејствува да биде затворена наводната предистражна постапка, со што го сторил кривичното дело „Лажно претставување“, предвидено и казниво по член 391 од Кривичниот законик.
Судија на претходна постапка, одлучувајќи по предлогот донесе решенија со кои го прифати предлогот и на М.М. му определи мерка притвор во траење од 8 дена, со оглед да се работи за скратена постапка, додека на В.С. му определи мерки за претпазливост и тоа одземање на патната исправа и обврска лицето повремено да се јавува пред надлежен суд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Младиот боксер Еди Насуфи загина во сообраќајна несреќа

Македонскиот боксерски репрезентативец, 19-годишниот Еди Насуфи загина во сообраќајна несреќа.
Насуфи беше редовен репрезентативец на Македонија во повеќе возрасни категории, а беше член на струшкиот клуб Синди.
Сочувство до семејството на починатиот млад боксер испрати и македонскиот фудбалски прволигаш Струга Трим Лум.
Црна хроника
(Фото) Запленети поголема количина цигари без бандероли и дробен тутун во Тетовo, двајца уапсени

Денеска околу 05:30 часот во Тетово, полициски службеници од Мобилната единица за компензаторни мерки при Одделот за гранични работи и миграции ги лишиле од слобода Б.З.(65) и И.Р.(67), двајцата од Тетово.
При контрола на патничко возило „фолксваген голф” со тетовски регистарски таблички, кое го управувал Б.З., биле пронајдени и одземени 13 кутии со филтри за цигари, 129 штеки разновидни цигари, 14,5 килограми дробен тутун, машинки за полнење на цигари и СИМ картички. Додека, пак при контрола на патничко возило „фолксваген голф” со тетовски регистарски ознаки, управувано од И.Р., биле пронајдени и одземени 58 штеки разновидни цигари, 12,5 килограми дробен тутун, машинки за правење цигари, сим картички, табакери и 19 кутии со филтри за цигари.
Лицата биле задржани во полициска станица и по целосно документирање на случаите, против лицата ќе бидат поднесени пријави по член 278-б и 279 од Кривичниот законик.
Црна хроника
Судир меѓу „сузуки марути“ и „ауди“: тешко повредена жена од Струга

Вчера околу 19:55 часот во ОВР Струга било пријавено дека на магистралниот пат А2, пред кружен тек, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „сузуки марути“ со охридски регистарски ознаки, управувано од Н.П.(73) од Струга и патничко возило „ауди“ со струшки регистарски ознаки, управувано од С.Б.(31) од Струга.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката од патничкото возило „марути“, Т.П.(76) од Струга, констатирани во Медицински центар Струга.
Извршен бил увид од увидна екипа на ОВР Струга.