Спорт
Роналдо добивал екстра пари од Јуве, и тој е под истрага на финансиската полиција
Ѕвездата на Манчестер јунајтед, Кристијано Роналдо, може да добие повик од италијанската полиција за испитување како дел од истрагата на неговиот поранешен клуб Јувентус во врска со сомнителните трансфери направени за балансирањето на сметките на клубот.
Канцелариите на Јувентус во Торино и Милано беа предмет на рација на италијанската финасиска полиција минатиот петок, со обвинение дека од 2019 до 2021 година „старата дама“ лажно ги регистрирала трансферите за да ги исполни ограничувањата за финансискиот ферплеј со најмалку 42 договора под истрага.
Според „Газета дело спорт“, обвинителството сака да дознае повеќе за исплатите што Роналдо ги добивал од март до април 2020 за време на целосното затворање поради коронавирусот кога исплатите на неговите соиграчи биле замрзнати. Јавниот обвинител во Торино се сомневал дека постоел таен договор меѓу Роналдо и Јуве, нешто што било потврдено со одредени телефонски разговори меѓу двете страни, во кои се споменувал „документот што теоретски не постои“.
Роналдо пристигна во Јувентус од Реал Мадрид за 100 милиони евра во 2018 година и постигна 101 гола во 134 настапи освојувајќи две титули од Серија А и една од Копа Италија. На Јуве, пак, му се заканува исфрлање од Серија А и одземање на титулата од 2020 во сличен развој на настаните како по скандалот „Калчополи“ во 2006 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Работнички испушти предност од два гола против Арсими
Два натпревари во кои немаше победник го отворија 11-то коло во Првата македонска фудбалска лига.
Арсими и Работнички ги поделија бодовите по возбудливо реми во натпревар во кој двата тима постигнаа по два погодоци. Средбата донесе динамична игра, многу возбудувања и четири гола.
Натпреварот започна со офанзивен ритам од двете страни. Во 7-та минута, Бешагиќ и Шефити комбинираа убаво, но ударот на Шефити заврши над пречката. Работнички ја имаше најдобрата шанса во 27. минута преку Кадриу но голманот Ислами одлично интервенираше и ја спаси својата мрежа.
Само три минути подоцна, Арсими возврати со опасен напад, кога Шефити шутираше силно од далечина, но голманот на Работнички повторно беше на висина на задачата. Предноста на романтичарите дојде во 40. Минута, Демир Имери со прецизен удар со десната нога го совлада голманот за 1:0. Само една минута подоцна, по центаршут од десната страна на Имери, Дрлевиќ ја погоди сопствената мрежа и зголеми на 2:0, резултат со кој заврши првото полувреме.
Во вториот дел, Арсими почна многу поагресивно, барајќи го голот на надеж. Во 68. Минута Башким Велиу постигна вистински еврогол од околу 35 метри, намалувајќи на 2:1. Притисокот на домашните продолжи, а во 85. минута по голема мешаница во шеснаесетникот на Работнички, Албан Таипи се снајде најдобро и постигна гол.
Првично, судијата го поништи погодокот поради офсајд, но по консултација со ВАР-системот, голот беше признаен на радост на домашните играчи и публиката.
По ова реми, Арсими стигна до 12 бодови и се наоѓа на осмото место на табелата, продолжувајќи со позитивна серија. Работнички останува на десеттата позиција со само 7 бодови, продолжувајќи ја кризата на резултати.
Во истиот термин нерешено (1:1) заврши и дуелот меѓу Македонија ЃП и Башкими.
Табела:

Извор/ Фудбалска федерација на Македонија
Спорт
Доживотна суспензија за двајца фудбалери на Беса Слупчане, физички го нападнаа голманот на Аеродром
Фудбалската федерација на Македонија ја информира јавноста дека Дисциплинскиот комесар на Трета лига – Север донесе одлука за доживотна суспензија на фудбалерите Орхан Демири и Ердин Арифи од ФК Беса Слупчане, поради физички напад и обид за линч на противнички фудбалер по завршување на натпреварот ФК Беса Слупчане – ФК Аеродром, одигран во рамки на 8. коло од Третата лига – Север.
Домашниот терен на ФК Беса Слупчане се суспендира на 10 (десет) натпревари. Истовремено, ФК Беса согласно дисциплинскиот правилник е должен да плати и парична казна.
Фудбалската федерација на Македонија најостро го осудува секој облик на насилство на фудбалските терени и ќе продолжи со доследна примена на сите дисциплински прописи, со цел заштита на интегритетот на натпреварите и безбедноста на сите учесници во фудбалот.
Ставот на ФФМ е јасен и недвосмислен:
Во фудбалот нема место, ниту милост за оние што се подготвени да тепаат, линчуваат и го нарушуваат угледот на фудбалот.
Извор/ Фудбалска федерација на Македонија
Спорт
Се повреди Педри, ќе отсуствува неколку недели
По поразот од Реал Мадрид, пристигнаа нови лоши вести за Барселона, повреда на мускулот заработил најдобриот играч, Педри.
Каталонските медиуми денес потврдија дека Педри ќе биде отсутен од тимот неколку недели.
Инаку, Педри доби црвен картон во судиското продолжение во Ел Класико, па дефинитивно ќе го припуштеше дуелот со Елче, но поради повредата нема да игра и против Клуб Бриж и Селта на гости, а по репрезентативната пауза, домашниот меч со Атлетик Билбао и гостувањето кај Челзи на „Стемфорд Бриџ“.
Се очекува главната цел на Педри да биде враќање за дербито со Атлетико Мадрид, кој гостува кај Барселона на 2 декември.
Ова дефинитивно е најлошата можна вест во најлошото можно време, бидејќи Рафиња, Дани Олмо, Роберт Левандовски, Гави и Џоан извесно време се отсутни поради повреди.
Во отсуство на Педри и Гави, се очекува Марк Касадо да го заземе стартното место покрај Френки де Јонг.

