Македонија
Македонскиот дипломатски синдикат до Димитров: Пустошот што го остави во МНР тешко дека ќе може да се поправи
Македонскиот дипломатски синдикат преку писмо до медиумите го поздрави заминувањето на Никола Димитров од македонската дипломатија. Оттаму додаваат дека имаат чест и задоволство да го поздрават фактот дека Димитров никогаш повеќе немало да се врати во МНР.
„ Пустошот што го остави во твојата матична куќа тешко дека ќе може да се поправи следните неколку години. Ќе бидеме многу благи кога ќе речеме дека твоето владеење во МНР (без наводници) беше во чист феудален манир, наспроти толку многу ветуваните европски стандарди. Веќе во првите денови од твоето владеење спречи упатување на дваесет наши млади колеги кои ги поминале сите законски процедури за упатување на работа во странство и беа пред заминување, само затоа што не биле според твоите афинитети. За кратко време, заедно со неколкумина твои трабанти, успеа да ги поделиш колегите на ‘наши’ и ‘ваши’ и да ја вгнездиш рак раната на поделбите во нашето општество во твоето некогашно министерство. Твојата тактика на раскарај па владеј имаше единствена цел со посејување на семето на клиентелизам да го зајакнеш твоето владеење и да си купиш поддршка од внатре на патот кон повисоките дострели. Тоа што остана позади тебе најладнокрвно не те интересираше.
По спречувањето на младите колеги да заминат во странство, го зајакна своето владеење со бркање тројца колеги од работа (коешто патем не успеа, бидејќи судот ги врати на работа, па МНР мораше да плати големи судски трошоци). Тоа не беше доволно, па пристапи кон масовен мобинг кон сите тие што не беа според тоите афинитети, а покрена и повеќе дисциплински постапки против свои поранешни колеги без никаква основа, сè со цел тие да бидат дискредитирани, казнети или избркани од работа. Се разбира, ваквите монтирани постапки не ти поминаа, меѓу другото затоа што во МНР сепак не е изгубена свеста за професионализам и праведност, а и ние како синдикална солидарна организација дадовме солиден придонес во правната битка со твојот систем.
Сакаше да го исприватизираш МНР со тогаш нов предлог на Закон за надворешни работи, кој исто така ти го срушивме, бидејќи беше изготвен во интерес на мала група на дипломати. Се прослави со недостапност и соработка само со десетина проценти од вработените, ги замрзна кариерите на голем број млади дипломати без унапредување согласно мерит системот, а фаворизираше само свои блиски според критериуми на лојалност“, се вели во писмото.
Од дипломатскиот синдикат додаваат дека долга е листата на неговите „достигнувања“ и „високи“ морални вредности со кои, како што напоменуваат, Димитров се прославил во МНР па и пошироко.
„ Нашата куќа нема да има лесна задача да го врати министерството од заробено во слободно. Но тоа нема да нè поколеба, бидејќи е неприфатливо согласувањето за работење во корумпирана, непрофесионална и неспособна служба. Како професионалци кои секој за себе има вградено по некоја цигла во нашиот заеднички дом, заслужуваме многу повеќе од арогантен, нарцисоиден и најслаб министер за надворешни работи до сега. Поради тоа продолжуваме да бидеме очи, уши и совест на своите колеги“ му порачаа на Димитров од дипломатскиот синдикат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.
Македонија
ТАВ Македонија: Меѓународниот Аеродром Скопје е отворен
Поради густата магла која ја зафати скопската котлина, а која предизвика намалена видливост, на Меѓународниот Аеродром Скопје, денеска од 00:00 часот до 18 часот, има 16 откажани и 11 пренасочени летови. Три авиони слетаа и три авиони полетаа после пладне, кога се подобрија временските услови. Слетаа авионите од Дортмунд, Истанбул и Париз, а полетаа за Истанбул, Осло и Баден-Баден, информираат од ТАВ Македонија.
Бидејќи временските услови се менуваат постојано, од ТАВ Македонија апелираат до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат
-Согласно временската прогноза која ни стигнува од Метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во текот на ноќта. За патниците и јавноста би сакале да појасниме дека Меѓународниот Аеродром Скопје не е затворен. Аеродромот е постојано отворен, без разлика на временските прилики, а нашиот персонал е подготвен да ги прифати, услужи и испрати и авионите и патниците, се вели во соопштението од ТАВ Македонија.
Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, а патниците може да се информираат за статусот на нивните летови и на пултот за информации кој работи 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот и на телефонскиот број 02 3148 333.
Македонија
Сонце само над Водно – градот втор најзагаден во Европа
Скопје денеска осамна покриено со густа магла, која целосно го проголта градот и го сокри сонцето од погледот на скопјани. Додека во низините видливоста беше значително намалена, единственото место каде што сонцето се пробиваше низ облаците беше Водно, поточно околу Милениумскиот крст.
Од височините на Водно можеше јасно да се забележи контрастот меѓу сончевото небо и густата магла што се задржа над градот, создавајќи слика на Скопје „заробено“ под сив покрив.
Покрај неповолните временски услови, денес Скопје е рангирано како втор најзагаден град во Европа, што дополнително ја влошува состојбата со квалитетот на воздухот и претставува сериозен ризик за здравјето на граѓаните.
Граѓаните повторно апелираат за итни мерки и долгорочни решенија за справување со аерозагадувањето, кое со години останува еден од најголемите проблеми во главниот град.

