Црна хроника
Син на холивудски режисер извршител на шесткратното убиство во Калифорнија
Син на холивудски режисер кој боледува од ментални тешкотии смртно избодел три лица а потоа уште тројца усмртил со куршуми во ноќта кон саботата во близина на универзитетскиот кампус во Санта Барбара во јужна Калифорнија, објави локалната полиција.
Покрај тоа, уште најмалку 13 лица се ранети од 22-годишниот напаѓал Елиот Роџер кој извршил самоубиство по нападот во гратчето Исла Виста, пред кампусот на Калифорнискиот универзитет во Санта Барбара.
Неговиот татко, Питер Роџер е познат по учеството во реализацијата на успешниот филм „Игри на гладта” од 2012 година.
Полицијата ги прегледува видеоснимките кои момчето ги поставило на YouTube под наслов „Казна”. На нив во седум минути се гледа како Елиот Роџер управува со автомобил и раскажува за својата осаменост, омразата кон светот и огорченоста поради неговата непопуларност кај жените.
Овој нов масакр во САД е најновата епизода во долгата серија масовни убиства извршени со огнено оружје кои ја тресат земјата последните години, и се очекува дека ќе покрене нов бран од контроверзната дискусија за носењето и забраната за набавка на оружје.
Пред трагедијата во петокот навечер, полицијата трипати имала интервенција во врска со Елиот Роџер, првиот пат во јули 2013 година, изјавил шерифот на округот Санта Барбара, Бил Браун. Појаснил дека Роџер „избодел повеќепати” тројца мажи во неговиот стан пред да излезе со огнено оружје. Кога излегол на улица, цел му биле три жени од кои две на возраст од 19 и 22 година ги усмртил. Во BMW-то со црна боја ја нашол својата шеста жртва, 20-годишниот студент Кристофер Мартинез кого исто така го убил.
Полицијата тогаш тргнала во потрага по Елиот Роџер кој почнал да пука врз случајни минувачи. Погоден со куршум во мускулот удрил во велосипедист кој паднал на предниот дел од возилото. „Возилото на осомничениот тогаш удри во паркираните автомобили и застана”, изјавил Браун.
Во BMW-то биле пронајдени три парчиња полуавтоматско оружје од 9 мм, купени легално и регистрирани, како и големо количество муниција.
Според семејниот адвокат, момчето боледувало од акутен облик на Аспергов синдром, а за неговото здравје се грижеле неколку специјалисти. Адвокатот Алан Шифман додал дека семејството на убиецот е „скршено и упатува искрено сочувство на семејствата на сите жртви”./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Скопјанец осомничен за семејно насилство, предложен притвор
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело – Телесна повреда по член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, информира Обвинителството.
„Осомничениот 41-годишник од Велес со непријавено престојувалиште во Скопје, при вршење семејно насилство, со умисла телесно ја повредил неговата вонбрачна партнерка.
Додека оштетената ја подготвувала да ја однесе во градинка нивната ќерка, тој најпрво започнал вербална расправија, а потоа со лажица за облекување чевли, во повеќе наврати ја удрил во пределот на главата.
Жртвата се повлекла во спалната соба од станот, каде осомничениот насилно ја турнал на креветот, го зел нејзиниот мобилен телефон и го фрлил на подот, почнал да ја плука по лицето и со неколку удари со бокс во главата и телото и нанел телесни повреди – контузија и хематоми.
Јавниот обвинител го имаше предвид фактот дека жртвата претходно го имала пријавено осомничениот за семејно насилство, но потоа го повлекла предлогот за кривично гонење. Затоа, заради обезбедување на присуството на осомничениот во текот на кривичната постапката и особено заради заштита од понатамошни насилни однесувања кон оштетената, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор“, стои во соопштението на Обвинителството.
Црна хроника
Истрага за полов напад и уцена на девојче во липковско
Основното јавно обвинителство Куманово ќе поведе истражна постапка и ќе предложи мерка притвор за 2 лица за кривично дело – Полов напад и силување од член 186 став 2 во врска со став 1, а едниот од нив е осомничен и за кривично дело – Уцена согласно став 259 од Кривичниот законик, информираат од Обвинителството.
„Првоосомничениот, спротивно на јасно изразена волја, извршил полови дејствија врз малолетна девојка во липковско, а ја принудил на полови дејствија и со второосомничениот.
Потоа жртвата ја уценувал дека наводно ќе објави нејзини експлицитни фотографии доколку не му исплати 20.000 евра.
Девојчето било принудено да зема пари од дома без знаење на родителите и да позајмува од други лица, па во повеќе наврати му ги давала парите на првоосомничениот.
Јавниот обвинител, ценејќи дека се исполнети законските основи, до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени кои се лишени од слобода.
Основното јавно обвинителство Куманово продолжува да презема истражни дејствија“, стои во соопштението на Обвинителството.
Топ
18-годишникот кој со автомобил усмрти жена во Капиштец немал возачка, од Македонија избегал преку Табановце
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 и Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, додека уште две лица се осомничени дека му помогнале по извршувањето на кривичното дело, информираат од Обвинителството.
„Осомничениот 18-годишник на 9 јануари, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај така што го довел во опасност животот на луѓето.
По улицата “Народен Фронт” управувал автомобил “Фолскваген пасат’’ и со возилото извршил дејствие на непрописно поместување во лево, на коловозната лента наменета за сообраќај од спротивната лента, без притоа да се увери дека тоа може да го стори без опасност по другите учесници во сообраќајот, со брзина на движење на возилото неприспособена спрема својства, состојбата на патот, видливоста, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови.
Освен тоа, автомобилот го управувал без да поседува важечка возачка дозвола.
При такви услови со возилото удрил во телото на оштетената Љуба Јаковлеска, која како пешак попречно го поминувала коловозот. Од ударот и падот на коловозот жената се здобила со тешки телесни повреди, а осомничениот без да и укаже помош веднаш го напуштил местото на настанот. Жртвата била префрлена во Ургентниот центар каде и покрај укажаната медицинска помош починала.
Другите двајца осомничени, маж и жена, му помогнале на осомничениот за предизвикување на сообраќајната несреќа да ја напушти државата, пренесувајќи го со својот автомобил преку граничниот премин Табановце.
Тие се лишени од слобода по враќањето во земјава и за нив јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.
Притворска мерка е побарана и за осомничениот возач кој е во бегство и за него притворот ќе започне да се спроведува по неговото пронаоѓање и лишување од слобода. Во меѓувреме, врз основа на прибраните докази и определениот притвор, по него ќе биде распишана и меѓународна потерница со цел негово обезбедување“, стои во соопштението на Основното јавно обвинителство.

