Македонија
(Видео) Арсовски: Антикорупциска чека инструкции од СДСМ дали да отвори случај за Калеска-Ванчева

Трет ден молк и трет ден ни трага ни глас од СДСМ во врска со случајот за адвокатското друштво на нивната пратеничка и претседателка на форумот на жени, Калеска-Ванчева. Тоа што молчат значи дека потврдуваат дека нивната пратеничка инкасирала 55.000 евра од државните институции кои ги раководеле кадри на СДСМ, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Молчат и не негираат бидејќи се свесни дека се фатени со рацете во медот, па велат градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ биле разочарување. Вака, не се покрива скандал. Зошто, затоа што работат по 20 часа на ден и затоа што не ѝ даваат паушали од општините и јавните претпријатија на Калеска-Ванчева? Најверојатно затоа мислат дека се разочарување. Не, напротив, не се разочарување, туку се пример како треба да се водат и раководат институциите.
Замислете, колку е неетички и лицемерно и срамно да продаваат памет во јавност, да сеат ветер и магла овие лица од СДСМ кои секојдневно ги гледаме, коишто ги крадат граѓаните и државата, да говорат за правна држава, некорумпиран систем и како тоа треба, како тие практично се чесни, а од друга страна гледаме дека ѝ се смеат на целата јавност и држава во лице преку вакви случаи и скандали каде што инкасираат нивните функционери и нивните фирми пари од државата и од јавните претпријатија, односно локалната самоуправа додека биле под водство на СДСМ“, истакна Арсовски.
Тој нагласи дека пет институции кои ги воделе кадри на СДСМ, блиски до Калеска-Ванчева, блиски до Зоран Заев, блиски до сегашниов Димитар Ковачевски, платиле на адвокатското друштво на Калеска-Ванчева, која, како што рече, е една од најгласните пратенички во Собранието која го брани криминалот на Владата на СДСМ.
„Значи кога се даваат пари на луѓе блиски до СДСМ и функционери од СДСМ тоа е чесно и етички, а во секој друг случај каде што парите не завршуваат во џебот на СДСМ, тоа не е во ред и е проблем. Директорите од СДСМ го ангажираат друштвото на Калеска-Ванчева и му плаќаат 55.000 евра. Толку пари обичен човек или адвокат на толку лесен начин не може и нема можност да заработи ниту за два живота. Напротив, обичниот човек и обичните адвокати кои немаат вакви повластувања треба да се откорнат од работа за да заработат. Но, затоа овие од СДСМ можат на едноставен и лесен начин.
Сакаме јавно да го прашаме СДСМ дали овие 55.000 евра се единствените пари што ги инкасирало друштвото на Калеска-Ванчева додека се на власт или има и други институции каде што биле закачени на државна сметка? Дали ќе чуеме некаква, каква било реакција, макар и извинување од повиканите директори и министер којшто бил во образование и наука од СДСМ, што им ги потпишале овие 55.000 евра или, пак, евентуално да чуеме каква било реакција од Калеска-Ванчева?“ праша Арсовски.
Тој ја обвини Антикорупциската комисија дека спиела или дека не добиле инструкции дали смеат да отворат случај за овој предмет, а, како што рече, можеле да отворат уште денес.
„Ако на некој не му е јасно зошто сме на дното по индексот на корупција, тоа е затоа што антикорупционерите сè уште не добилеинструкција да отворат случаи за вакви работи и едноставно да ги средат и санираат. На целата држава и јавност им е јасно како функционира Антикорупциската комисија. Дали можеби нивниот молк е затоа што корупцијата потекнува од таа институција? Проценете сами“, заклучи Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Бендевска: Да го продолжиме заветот од Илинден и пораката од АСНОМ

По повод 2 Август – Денот на Републиката, во име на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, потпретседателката на Собранието на Република Северна Македонија, Весна Бендевска, заедно со собраниска делегација во состав: Бране Петрушевски, Никола Коњановски, Даниела Николова и Даниел Стојчевски, одбележа 81 година од Првото заседание на АСНОМ, во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце.
„На хероите на двата Илиндена кои се жртвуваа за денес да можеме да бидеме свои на своето, да им ветиме уште еднаш дека денешните генерации нема да го заборават заветот што ни го оставија. Да ги насочиме нашите погледи, стремежи и напори од заедничкото минато, кон заедничката сегашност и иднина. Да го продолжиме заветот од Илинден и пораката од АСНОМ“ – порача потпретседателката Бендевска.
Македонија
(Фото) Сиљановска-Давкова: Мора да го искорениме плевелот на корупцијата и криминалот, време е за нова пролет на нашата македонска република

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска се обрати на чествувањето на 2 Август – Илинден, Денот на Републиката на Мечкин Камен во Крушево.
Во својот говор, Сиљановска-Давкова рече дека е „време за нова пролет на нашата македонска република, за навраќање на републиканските корени“.
„Што значи тоа? Македонските граѓани од својата република очекуваат барем две нешта ̶ слобода и правда. Кога зборувам за слобода, не мислам само на политичката, туку и на економската, на академската, на културната, на социјалната… Кога зборувам за правда, не мислам само на правосудството, туку и на социјалната, еколошката и на генерациската правда. Не смееме да изумиме дека предуслови за слободата и за правдата се владеењето на правото и еднаквоста пред законот“, истакна претседателката.
Таа додаде дека „мора да го искорениме плевелот на корупцијата и на криминалот“.
„Никој не смее да биде недопирлив, независно дали е поранешен или актуелен политичар или функционер, судија или влијателен бизнисмен. За правдата да биде неселективна и навремена, потребни се забрзани и длабоки реформи во правосудството, а тие почнуваат со европска правна рамка, но и со европски критериуми на регрутирање, како и со европски стандарди на функционирање и одговорност“, вели Сиљановска-Давкова.
Според неа, потребен ни е здравствен систем по мерка на здравјето на пациентите и на нацијата. За креативните умови, потребни се инвестиции во образованието и науката, во истражувањето, во развојот и дигитализацијата.
Претседателката се осврна и на пожарите.
„Деновиве, републиката ни е во пламен. За помалку шумски пожари, потребен е не само правен, туку и ефикасен институционален систем, вистински луѓе на важни позиции, вградена превентивна и волонтерска димензија, стимулативни мерки за пожарникарите, пожарникарството и за волонтерите. И овие активности се во ек. За да се заштити здравјето на луѓето и на природата, мора да ставиме крај на дивите депонии и на нивното палење, но и да имаме контрола врз палењето“, вели претседателката.
Сиљановска-Давкова истакна дека имаме потреба од длабоки и суштински реформи во секоја област по европска мерка: со заштитени слободи и права, со владеење на правото и бескомпромисна борба со корупцијата; со стратегиски партнерства со државите со заеднички вредности и интереси; со независни и функционални институции; со компетитивна економија и со капитални инвестиции; со партиципативна политичка култура.
„Ние не сме стебло без корен. Нашата слобода и нашата република се вкоренети во европската пролет на народите, во демократските и хумани визии на „Млада Европа“. И затоа, на оној што ќе ни рече „вие сте млад народ со млада држава“, ќе му одговориме дека сме чеда на Гоцевата визија за „Млада Европа“ обединета Европа, и за светот како поле за културен натпревар на народите!
Колку и да ни е тешко, не треба да се обесхрабруваме од пречките и препреките. Сме опстоиле и сме надминале и потешки проблеми. Не сме сами. Имаме пријатели – демократи кои го почитуваат нашето право на национален и културен идентитет, на граѓански дигнитет и интегритет зашто и самите го сакаат и уживаат. Верувам во нивната поддршка и помош. Тие не се плашат да укажат и да се спротивстават на двојните стандарди и на анахроните обиди за ревизија на историјата.
Ние не се откажуваме од природниот пат кон членството во ЕУ, оти отсекогаш сме дел на Европа: географски, историски и културно, зошто да не и политички. Едноставно, ние балканските народи и нации сме биле, сме и ќе останеме Европејци.
Цврсто сме решени како што беше европски зацртано да стигнеме до целта до 2030 година, европеизирани по словото на Копенхагенските критериуми!“, рече претседателката Сиљановска-Давкова.
Македонија
Филков од Пелинце: АСНОМ нека ни биде потсетник – патот на правдата бара храброст, истрајност и одговорност

Министерот за правда, Игор Филков, беше дел од владината делегација која оддаде почит по повод 81 година од Првото заседание на АСНОМ, во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце.
„Денес сме овде, во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, за да оддадеме почит на државничката визија и храброста на генерациите кои пред 81 година го поставија темелот на нашата државност.
Првото заседание на АСНОМ не е само историски момент, туку жив доказ дека борбата за правда, слобода и достоинство е темел на нашето постоење како народ и држава.
Како министер за правда, должност ми е да го чувам тој завет – да се грижам за правна држава, за независни институции и за заштита на човековите права.
Нека ни биде потсетник – патот на правдата бара храброст, истрајност и одговорност. АСНОМ ни остави обврска, а ние имаме должност таа обврска да ја преточиме во дела“, истакна министерот Филков.