Uncategorized
(Видео) Ковачевски: До 2023 намалување на персоналниот данок во ИТ од сегашни 10 на 0 проценти
„До 2023 година предвидуваме намалување на персоналниот данок во ИТ-секторот од сегашните 10 отсто на 0 отсто, што ќе биде силен стимул за младите што повеќе да се насочат кон овој сектор, каде што од ден на ден се потребни сѐ повеќе работници“, посочи денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Премиерот најави дека до 2023 година се предвидуваат низа стимулативни мерки во ИКТ-секторот, освен намалување на персоналниот данок од сегашните 10 отсто на 0 отсто, ослободување од данок за преквалификација, обука, дообука во компаниите, ослободување од данок од трошоците што се прават за лиценци за ИТ-индустријата.
Премиерот Димитар Ковачевски во придружба на министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, и директорот на Агенцијата за вработување, Беким Мурати, денеска беше во посета на компанијата „Меџикс“.
При оваа посета премиерот Ковачевски ѝ посака големи успеси на оваа млада компанија специјализирана за примена на алгоритми од вештачката интелигенција истакнувајќи дека претприемачите имаат силна поддршка од Владата на Република Северна Македонија, која ќе продолжи да вложува во перспективните компании.
„Финансиската поддршка на Владата во перспективни компании и стартапи во ИКТ-секторот ќе продолжи и ќе расте. Секое ново работно место во оваа индустрија значи добро платена позиција, сигурна кариера и развој на младите и, конечно, развој на економијата и раст на животниот стандард во земјата“, истакна премиерот Ковачевски.
Во оваа пригода тој го изрази своето задоволство од резултатите на оперативниот план за вработување со искористеност од над 92 %, што потврдува дека парите правилно се вложуваат. Исто така, обуките за развој на дигитални вештини имаат 100 % реализација, а 400 невработени лица стекнале сигитални вештини благодарение само на оваа мерка.
„Поради ефикасноста и големиот интерес минатата година, во 2022 го креиравме Оперативниот план во износ од 28 милиони евра. Тој е за 230 милиони денари повеќе од минатата година“, истакна премиерот Ковачевски.
ИКТ-секторот во Северна Македонија во последните години бележи постојан раст во однос на бројот на компании и вработени, раст на извозот и на приходите. Нашите заложби насочени кон натамошно подобрување на условите за работа и растот на оваа индустрија ги преточивме во конкретни мерки на барање на секторот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Uncategorized
Бајден: Знаеме кои сме, време е да му го покажеме тоа на светот и на самите себе
Џо Бајден им се придружи на американските претседатели од редовите на Демократската партија во осудата на смртоносната пукотница во Минеаполис. Коментирајќи ја веста дека федералните агенти го убиле 37-годишниот медицински техничар Алекс Прети, Бајден рече дека чинот претставува „предавство на најосновните вредности на Американците“.
Во изјавата во која се повикува на уставното право на правична постапка, Бајден рече: „Ние не сме земја што пука во своите граѓани на улица. Ние не сме земја што дозволува бруталност врз граѓаните за остварување на нивните уставни права. Ние не сме земја што го гази Четвртиот амандман и толерира тероризирање на нашите соседи“.
„Луѓето од Минесота нè потсетија на сè што значи да се биде Американец, а тие веќе претрпеа премногу под оваа администрација. Насилството и теророт немаат место во САД, особено кога нивната сопствена влада ги таргетира американските граѓани“, додаде тој.
Во малку прикриена критика кон Доналд Трамп, чија администрација се соочува со растечки критики за тактиките за имиграција, Бајден истакна: „Никој не може да го уништи она за што се залага и во што верува Америка, дури ни претседателот, ако ние, целата Америка, се заложиме и проговориме“.
„Знаеме кои сме. Време е да го покажеме тоа на светот. Уште поважно, време е да го покажеме и на самите себе“, истакна тој. Тој повика на „целосни, фер и транспарентни“ истраги за „бесмислените“ убиства на Прети и Рене Гуд.
Изјавата на Бајден следува по осудите што ги упатија претходно Барак Обама и Бил Клинтон. И двајцата ги повикаа Американците да проговорат и предупредија дека основните американски вредности се нападнати по засилената репресија на администрацијата на Трамп против имиграцијата во Минеаполис.
По напуштањето на функцијата, Бајден претежно се држеше подалеку од јавноста. Тој моментално се лекува од рак на простата и е ангажиран во пишување мемоари и развивање на претседателската библиотека.
Неговите изјави доаѓаат во време кога многу демократи се незадоволни од неговата одлука да остане претседателски кандидат на партијата долго време во текот на изборниот циклус во 2024 година, потег што критичарите го оценија како ослабување на моментумот на партијата.
Бајден на крајот ѝ ја отстапи номинацијата на потпретседателката Камала Харис, која Трамп ја победи и освои втор мандат во Белата куќа.
Uncategorized
Најдено тело на четиригодишно дете кое паднало oд брод со мигранти
Крајбрежната стража на Грција вчеравечер уапси маж кој со брод се обидел да избега додека криумчарел мигранти, додека пак пред два дена, по дојава дека биле истоварени мигранти кај Икарија, властите пронашле тело на четиригодишно дете.
Патрола на крајбрежната стража го забележала бродот како се движи со голема брзина кон западниот брег на Хиос, по што започнала потера, а криумчарот отишол кон плажата Гларој каде ги „истоварил“ сите патници кои избегали.
Подоцна, Крајбрежната стража и локалната полиција подоцна пронајдоа 16 мажи, 11 жени и девет деца, по што биле однесени во прифатен центар на Хиос.
Uncategorized
Возило паднало во водите на реката Радика, има загинати, во прекин сообраќајот Маврово-Дебар
Патничко моторно возило попладнево паднало во реката Радика, на локација кај Манастирот „Св. Јован Бигорски“.
„Од 18:30 часот, сообраќајот на регионалниот пат Маврово -Дебар е во прекин поради извлекување на патничко моторно возило од сообраќајната незгода со загинати лица од водите на реката Радика во близина на Манастирот св.Јован Бигорски, соопшти АМСМ.

